Како дел од новата реформа во образованието надлежните најавија електронски учебници како замена за печатените. Од нив ќе учат учениците од четврто до деветто одделение во основните, но и учениците во средните училишта.
Она што е секојдневие во некои европски училишта е вовед во реформата на македонското образование, кое пак, поради пандемијата беше принудено да се дигитализира, а учениците и наставниците да ги користат дигиталните можности како никогаш досега.
Поделени реакции во јавноста
Дел од родителите кои ги анкетиравме велат дека децата и онака поминуваат премногу време пред компјутер, па се загрижени како тоа ќе се одрази врз нивното здравје.
„Тргнувам чисто практично од проблемите со видот. Значи ние сакаме да им го ограничиме времето на децата поминато пред монитори, и сега тие ќе немаат друг начин на учење освен од телефони, таблети, компјутери. Од друга страна, сметам дека ништо не може да ја замени книгата како хартија. Ако еден од начините е децата да не носат товар, тогаш е во ред ако во училиштето ги користат е-учебниците, но дома поголема е концентрацијата кога се држи книгата во рака“, вели една мајка на шестооделенец.
„Свесна сум дека дека треба да се модернизира школството но вака некои мерки одненадеш не сум сигурна дека ќе им користат на учениците и ќе биде добро за наставата. Како варијанта е добро, но печатените учебници треба да останат и тоа не фотокопирани, туку во оригиналната форма која нуди визуелицација, а тоа е тоа што им треба на децата за да го запомнат полесно материјалот“, вели Катица од Скопје.
„Иако можеби ќе се направат заштеди од една страна и сакаме да фатиме чекор со современиот свет, тврдам дека нашите основни училишта не се подготвени за е-учебници и премногу копираме од други системи без да ја знаеме реалната слика. Не сум убеден дека тоа ќе се имплементира во руралните средини, оти основното образование не е само урбаната средина. Еве апел до Министеството за образование да ги види во каква состојба се училиштата во руралните средини“, вели еден татко на ученик во средно училиште.
Користењето на електронски учебници не е непознато за некои од европските образовни системи. Така на пример во Холандија во некои училишта не се користат печатени учебници и децата учат од таблети кои им ги обезбедува училиштето. Во основните и средните училишта во Англија исто така не се користат класичните печатени учебници. Учениците имаат работни тетратки по секој предмет и истите ги пополнуваат додека се во училиште, а дури на крајот од учебната година можат да ги земаат дома.
Професорот Насер Мифтари предава историја во средното училиште „Зефљуш Марку“ во Скопје. Тој смета дека дигиталните учебници не се лоша идеја, особено затоа што живееме во такво време и се стремиме кон постигнување на технолошките предизвици.
„Земајќи предвид сите нешта што дигатализацијата ни ги нуди, а нема друг избор, мораме по тој пат, овој чекор го сметам за позитивен. Но прашање е дали сме доволно подготвени за да го имаме тоа за сите деца подеднакво, тоа останува да видиме. Ние сме на еден крстопат и треба убаво да се размисли кој е најдобриот модул за добро образование. Дали ќе успееме да се модернизираме е знак прашалник, зошто тоа од нас бара да сме поорганизирани и побогати како држава“, вели професорот Мифтари.
Гоце Бумбароски, одделенски наставник во основното училиште „Кочо Рацин“ во Прилеп вели дека нема ништо против „новитети“ во образованието, но не се согласува со идејата електронските учебници да бидат целосна замена на печатените.
„Ние можеме како алтернатива да користиме дигитални книги или електронски списанија. Јас користам такви кога правам презентации. Учениците кои сега растат полесно се адаптираат со електронски книги. Но дали тоа е добро? Се согласувам дел од содржините да се изучуваат со електронски книги, но не како целосна замена на класичната книга. Можеби како алтернатива 20, 30 проценти од материјалот да се учи електронски, но не како целосна замена на класичните книги“, смета Бумбароски.
Планот на МОН
По реакциите на социјалните мрежи министерката за образование Мила Царовска на својот фејсбук профил објасни дека како и за следење на онлајн-настава, училиштата ќе бидат должни да обезбедат електронски уреди за оние кои не поседуваат. Според податоците од МОН станува збор за 4000 ученици на ниво на цела држава.
„Доколу од било кои причини некој ученик не е во можност да ги користи електронските учебници, училиштата имаат должност да ги испечатат и во хартиена форма да им ги доделат книгите, што значи материјалите за учење ќе му бидат достапни на секој ученик. Понатаму, секое училиште ќе има обврска да обезбеди потребната количина ИТ уреди. Тие ќе се даваат на користење на учениците кои не поседуваат електронски уред за употреба на дигиталните учебници. Ова значи дека државата ќе биде одговорна секое дете да има пристап до уред“, пишува Царовска.
Заштедата на средства по основ на печатење на учебници, ќе се релоцира за поддршка на општините за набавка на електронски уреди токму за овие ученици, објаснува Царовска и повторува дека за најмалите ученици од прво до трето одделение останува користењето на печатени учебници.
Инаку, учениците од прво до четврто одделение од септември годинава ќе учат според новата концепција за основно образование чии наставни програми веќе се изработени. Во периодот кој следува, наставниците ќе поминат низ обуки кои треба да ги подготват за успешна примена на новите наставни содржини, со цел учениците истите да ги совладаат најдобро што можат.