Достапни линкови

Дел граѓани на чекор до државјанство, други на чекор до плата


Премиерот Зоран Заев и владини претставници на средба во Собранието со претседателите на опозициските албански политички партии, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши.
Премиерот Зоран Заев и владини претставници на средба во Собранието со претседателите на опозициските албански политички партии, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши.

Над 3000 граѓани се на чекор до тоа да добијат македонско државјанство ако следната недела пред Собранието се најдат измените на Законот за државјанство. Со деблокада на Собранието може да се усвојат и економските мерки за помош со кои над 16 илјади работници ќе може да добијат плата.

До крајот на неделата треба да се финишира Законот за државјанство, а треба да се одблокираат и законите со кои се овозможува граѓаните и фирмите да ги користат економските мерки од петтиот пакет помош. Имено, по средбата меѓу премиерот Зоран Заев и претседателите на опозициските партии на Албанците – Зиадин Села и Африм Гаши, сите се изјаснија дека се на добар пат да се постигне конечно решение за да можат граѓаните без државјанство да ги добијат потребните документи и да ги уживаат правата како рамноправни граѓани.

Истовремено, пак, треба да се отстрани пречката за да може повеќе од 16 илјади работници да добијат плата. Но, ниту еден од тројцата не даде повеќе детали што е договорено, какви измени ќе има Законот и како граѓаните кои досега имале проблеми, а ги исполнувале условите, ќе може да се стекнат со македонско државјанство.

Премиерот Зоран Заев по средбата рече дека при подготовка на текстот за законот ќе се земат европските пракси, оти времето за стекнување на државјанство кај нас е престој од осум години, а во некои европски земји е пет, седум или десет години. Ќе се извади еден просек, и согласно Европската унија ќе се формира една бројка, рече Заев. Тој посочи колку граѓани бараат државјанство.

„Околу 2727 барања, од отприлика 3.200 граѓани, од кои 1500 кои не живеат тука. Имаме 800 граѓани т.н. фантоми, граѓани кои се родиле овде и никогаш не добиле државјанство. Дури некои имаат извод од матична книга на родени, но зеле државјанство“, вели Заев.

Алијансата за Албанците и Алтернатива поднесоа предлог-измени на Законот за државјанство, кои станаа камен на сопнување во Парламентот. Алијансата за Албанците и Алтернатива предложија престојот во Македонија на лицата кои бараат државјанство да се докажува со тројца сведоци, да се скрати времетраењето на престој од 8 на 4 години и условот познавање на македонскиот јазик да се смени со познавање на еден од службените јазици на Македонија. Партиите од македонскито блок се изјаснија дека тоа за нив е неприфатливо. Сега претседателот на Алијансата за Албанците Зиадин Села рече дека се подготвени престојот на некое лице да се докажува со документи издадени од државните институции.

Претседателот на Алијансата за Албанците Африм Гаши вели дека се оптимисти дека за неколку денови може да се дојде до еден текст со кој ќе се стави крај на маките на луѓето кои имале проблем да добијат државјанство.

„Се базираме на стандарди на европски држави. Сакам и овој закон да биде таков, со високи стандарди и да го решава овој долгогодишен проблем. Нашите намери беа да решиме еден проблем на граѓаните, а добро што и власта ја прифати оваа подадена рака од опозицијата за дијалог и се надевам до крајот на неделата да дојдеме до конечен текст, кој сите заедно би го изгласале“, рече Гаши.

Тој ги повика опозициските партии – ВМРО-ДПМНЕ и Левица да не бидат пречка за донесување на овој закон и да ги повлечат нивните амандмани поднесени на предлог-законот од Алијансата и Алтернатива.

Собранието е затрупано со десетици илјади амандмани од речиси сите партии, и тешко дека работата може да се одглави без договор меѓу политичките партии. Опозициската коалиција Алијанса за Албанците/Алтернатива има поднесено околу 30 илјади амандмани, ВМРО-ДПМНЕ скоро 6000, а Левица над 1000 амандмани на различни закони.

Поради блокадата Собранието не може да ги донесе антикризните мерки за помош на граѓаните и фирмите погодени од ковид-кризата.
Додека траеше средбата во Собранието, координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми обвини дека опозициските партии од албанскиот блок манипулираат со бројки на оние кои немаат државјанство. Тој вели дека претседателот на Алијансата за Албанците Зиадин Села некогаш спомнува 70 илјади луѓе без државјанство, другпат 7000, а всушност се работи за многу помалку.

Адеми вели дека од 1991 до 2021 со државјанство се стекнале 43.321 Албанци, а 3.374 се одбиени. Во моментов има 2.674 барања за стекнување на македонско државјанство. Од тие барања околу 1300 се поднесени од Албанци, рече Адеми на прес-конференција во Собранието, додека траеше средбата меѓу премиерот Зоран Заев и лидерите на претседателите на опозициските албански партии, Зиадин Села и Африм Гаши. И за овие граѓани прашањето за државјанството треба да се реши според модел од 2004 година, вели Адеми, односно со државјанство да се стекне граѓанин доколку поседува документ дека завршил образование во државата, има здравствена книшка, потврди за платени сметки или други документи издадени од државна институција.

„И ова прашање ќе го решиме, па дури да се работи за еден човек без државјанство кој ги исполнува условите“, рече Адеми.

Тој апелираше опозицијата од албанскиот блок да постапува рационално, оти се блокираат законите со кои над 16 илјади граѓани останаа без плата, бидејќи се блокирани мерките од петтиот пакет економска помош.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG