Достапни линкови

Затворени кафеани и подолг полициски час против третиот ковид бран


Почеток на масовната вакцинација против ковид-19 во Спортскиот центар Борис Трајковски
Почеток на масовната вакцинација против ковид-19 во Спортскиот центар Борис Трајковски

Властите ги зајакнаа рестриктивните мерки против ковид, откако речиси цел месец имаме четирицифрени бројки на заразени и двоцифрени бројки починати. До пред некој ден велеа нема потреба од нови мерки, оти нема да дадат ефект. Сега полицискиот час ќе трае плус два часа и се затвораат кафаните.

Два часа подолг полициски час, затворени угостителски објекти, освен за подготовка на храна која може лично да се подигне или да биде доставена, затворени теретани, вежбалници, спортски центри, сали наменети за вежбање, се забрануваат семинари, обуки, работилници, нема групирање на повеќе од четворица.

На аеродромите, во хотелите, мотелите, пансионите, угостителските услуги ќе бидат дозволени, но само за патниците, односно сместените гости. Во обложувалниците и казнината делот за угостителски услуги се затвора, а услугите да се вршат само преку шалтер или пулт. Овие мерки се воведуваат за спречување на ширењето на заразата со ковид-19, оти, како што велат властите, здравствените работници се сериозно оптоварани, а бројот на починати и на заразени растат и дополнителни мерки биле неопходни.

Властите до пред некој ден велea дека сè е под контрола и дека нема потреба од други мерки оти нема да се ефикасни, бидејќи вирусот е премногу раширен.

Полицискиот час од 20 до 05 часот наутро почнува од 6 април, а затворањето на угостителските објекти ќе почне од 7 април. Рестриктивните мерки ќе траат до 20 април. За време на полицискиот час тие коишто живеат во згради и што имаат домашни миленици- кучиња ќе може да ги шетаат од 22 до 23 часот, на 100 метри од станбениот објект.

Премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата со здравствените власти рече дека ова е момент кога е потребна целосна мобилизација и на граѓаните и на општеството. Тој констатираше дека досега недоволно се почитуваа мерките, особено во последните недели.

„Клучно е да се ограничи бројот на контактите што ги правиме сите ние. Во мое и во име на Владата апелирам – Седете дома во овој период, не излегувајте ако не е потребно и никако не се групирајте. Со овие мерки очекуваме да се намали ширењето на заразата и да се намали притисокот врз здравствените работници“, рече Заев.

Но во изминатите денови повиците за одржување дистанца и негрупрање како да не важеа за политичарите. Тие отвораа пазари и паркинзи, посетуваат фабрики, како утре да има избори. До пред една недела во игра беше и пописот, за кој потоа лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ се договорија да се одложи. А сведоци бевме и на протести. Во петокот протестираа незадоволните од пресудите за случајот „Монструм“, а во саботата опозицијата, која секојдневно повикува на оставка на Филипче и нотира дека власта лошо се справува со кризата, организираше протест пред Министерството за здравство.

Премиерот Зоран Заев вели дека неговото појавување на јавни настани и отворање на објекти не е поврзано со предизборни активности, зашто локалните избори се дури за 8 месеци. Во анализите и извештаите што секојдневно ги читам како премиер се наведува дека во државата има сериозна психолошка колективна депресија, која се одразува и на индивидуално психолошко ниво и целта е да се испратат позитивни пораки и среќни вести за граѓаните, посочи Заев.

„Извештаите и психолозите сугерираат да има позитивни настани, да се случуваат убави работи, да зборуваме нешто убаво, да правиме нешто убаво. Затоа што очигледно, како што кажуваат здравствените експерти, ќе трае ова, ќе трае и летото, ќе трае и есента, веројатно и до крајот на годината, никој не може точно да каже. Животот треба да продолжи и мора да продолжи“, рече Заев.

Пет поенти за третиот ковид бран
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:53 0:00

Рестрикции сега за да нема за Бајрам и Велигден

Министерот Филипче вели дека празниците кои доаѓаат може да ја искомплицираат состојбата, па затоа се воведуваат порестриктивни мерки.

„Не сакаме да дозволиме во тој период да се случи уште едно дополнително оптоварување на здравствениот систем, нешто што веројатно тогаш тешко би можело да го изменаџираме и таа смисла се овие дополнителни мерки“, вели Филипче.

Само во изминатата недела починаа 266 лица како последица од ковид-19, а има 7396 нови случаи на заразени со вирусот. Двоцифрените бројки на починати и четирицифрени бројки на новозаразени траат речиси цел месец. Црниот рекорд е 1511 новозаразени и 50 починати во едно деноноќие. Меѓу починатите има родилки и неколкумина млади луѓе, дел од нив без претходни заболувања. Во земјава има близу 22 илјади активни случаи на заразени, и речиси 4000 починати како последица од вирусот.

Бранот е најсилен, но мерките речиси цел месец беа најмалку рестриктивни. Здравствените власти повикуваат на лична совест и свест на граѓаните и велат постојните мерки треба да дадат резултати. Од 10 март на сила беше полициски час од 22 часот до 5 часот наутро. Два дена подоцна бројките на новозаразени стануваат четирицифрени, освен за време на викендите.

Заменик министерот за здравство Илир Асани вели дека сега се воведуваат мерки, за да може да претстојните верски празници, Бајрам и Велигден, луѓето да бидат поопуштени.

„Или ќе ограничиме пост или пак ќе се затвораме за Бајрам и за Велигден, требаше да бираме меѓу овие две опции. Ако не носиме одлуки со сигурност ќе се соочиме со затворање на празниците и за Бајрам и за Велигден. Се надеваме дека тоа нема да се случи и дека големите верски празници ќе ги поминеме без вакви големи ограничувања“, вели заменикот министер.

Здравствените експерти, докторите Никола Пановски и Драган Даниловски, кои повеќе од една година секојдневно даваат мислења и делат совети за справувањето со ковид-19, со недели апелираат дека сепак треба да се воведат дополнителни рестриктивни мерки, со кои бранот би се продолжил, но здравствените работници би се одмориле.

А како расте бројот на новозаразени, расте и бројот на хоспитализирани. Според последните податоци, повеќе од 1700 луѓе со ковид се на болничко лекување. Министерот Венко Филипче вели дека болниците се преоптоварени, но дека слободни кревети има. Тој посочува дека има пациенти со многу тешка клиничка слика кај кои терапијата не дава резултати. Дополнителни клиники се претвораат во ковид центри, а се намалуваат капацитетите на болниците за лечење на луѓето со други болести. Неодамна и лекарската Комора побара да се разгледа можноста за нови рестрикции, но претседателот на Комисијата за спречување заразни болести Жарко Караџовски тогаш во тоа виде притисок и порача дека не потпаѓа на притисоци.

Лекот против вирусот е во масовната имунизација. Вакцините доцнеа, и сè уште повеќето од вакцините ни се подарени. Со фајзеровите вакцини, кои ги добивме преку Србија, прво се вакцинираа медицинските лица. Пред една недела земјава доби вакцини од производителот АстраЗенека преку КОВАКС механизмот, а со тие се вакцинираат само повозрасните граѓани, на помлади од 60 години оваа вакцина засега нема да се дава. Со руската вакцина Спутник Ве, донирана од Србија започнува вакцинацијата на полицајци, војници, пожарникари, новинари. Во меѓувреме дел граѓани се вакцинираа во соседна Србија.
На сајтот vakcinacija.mk за вакцина се пријавени скоро 133 илјади луѓе, а над 9 илјади луѓе досега се вакцинираа во земјава. Уште неколку илјади луѓе се вакцинираа во соседна Србија.

Повеќе од половина од анкетираните граѓани се незадоволни од владините мерки за справување со пандемијата, покажува најновата анкета на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“. Исто така половина од граѓаните со резерва гледаат кон вакцинацијата, односно 50 отсто од анкетираните сакаат да се вакцинираат, а најмногу им веруваат на вакцините на „Фајзер“ и „Спутник“, а вакцината на АстраЗенека има доверба кај три отсто од испитаните.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG