Достапни линкови

Битка за заштита на патентите за вакцините


Посиромашните земји веќе со месеци укажуваат дека откажувањето на фармацевтските компании од патентната заштита на вакцините против Ковид-19 би ги забрзало нивното производство и дистрибуција, како и борбата против пандемијата. Компаниите главно се против, како и повеќето западни влади

Додека САД го забрзуваат производството и дистрибуцијата на вакцините против Ковид-19, претседателот Џо Бајден се соочува со се поголем притисок од демократите, кои бараат тој да го поддржи барањето на над 55 сиромашни земји Светската трговска организација (СТО) да се откаже од патентната заштита на вакцините, што би овозможило вакцинација на милијарди луѓе ширум светот, пишува Политико.

Посиромашните земји сметаат дека откажувањето од патентна заштита би им овозможило на производителите ширум светот да ги копираат формулите и масовно да го зголемат производството на вакцини, а фармацевтските компании, вклучувајќи ги и оние во САД, се против тој потег, со образложение дека тоа би го поткопало глобалниот одговор на пандемијата и оти не би го предизвикало очекуваниот ефект на забрзување на производството.

На тоа во СТО се спротивстави и администрацијата на Доналд Трамп, што беше, како што истакнува Политико, редок случај на солидарност со ЕУ, која заедно со Јапонија, Велика Британија и Швајцарија, исто така се против откажувањето од заштитата на интелектуалната сопственост. Група на главно поразвиени земји тврди дека силните патентни заштити биле клучни за брз развој на вакцините и оти издавање на откажување би ја поткопало способноста на индустријата да одговори на идна пандемија.

Но, демократите во Претставничкиот дом во Конгресот на САД велат дека веќе собрале стотина потписи во писмо со кое го повикуваат Бајден да го промени американскиот став, обвинувајќи ги фармацевтските компании дека му даваат предност на профитот наместо на спасувањето животи. Досега само АстраЗенека и Новавакс им допуштија на производителите во Индија, Јапонија и Јужна Кореја производство на нивните вакцини врз основа на доброволни договори за лиценцирање.

СТО, која работи врз база на консензус, веќе 6 месеци е на мртва точка околу ова прашање, а апелите на конгресмените и на преку 400 здравствени, работни, верски и други групи не успеаја да го уверат Бајден да го промени ставот на САД, што можеби би можело да влијае и врз промената на правецот и на други земји. Следниот состанок на кој ќе се испита ова прашање во СТО ќе се одржи во средината на април. Ако нема резолуција, додава Политико, Бајден би можел да се соочи со истото прашање подоцна оваа година- на самитот на Г7 во јуни или на годишниот состанок на челниците на Г-20 во октомври во Рим.

Јазот во нееднаквоста се поголема гротеска

Светската трговска организација веќе 8 пати расправаше за тоа дали треба да се откаже од своите правила за трговските аспекти на интелектуалната сопственост, но противењето на богатите земји го спречува потребниот консензус, пишува Ајриш тајмс, нагласувајќи дека повикот за откажување од патентната заштита има поддршка од околу 100 влади и 250 национални парламентарци и пратеници во Европскиот парламент, кои повикаа на вонреден чекор.

Фармацевтската индустрија сепак се противи на тој потег, бидејќи финансирањето на истражувањата главно се потпира на субвенциите за заштита на патенти, што на вложувачите им овозможува надомест на трошоците и поврат на вложените средства, одредено време по пронајдокот. Во обид да се постигне консензус, СТО предлага „трет начин“, во кој интелектуалната сопственост останува заштитена, а фармацевтските компании се согласуваат да ја пренесат технологијата преку договор за лиценцирање.

Иако богатите земји вложија финансиски средства во шемата на Ковакс за набавка на вакцини за земјите со низок и среден доход, треба многу време за парите да се преточат во достапна доза вакцини, затоа што, нагласува ирскиот весник, истите богати земји за себе нарачаа поголемо количество вакцини.

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Гебрејесус неодамна го опиша јазот во нееднаквоста околу вакцините велејќи дека „секој ден тој е се поголем и се повеќе гротескен“ и оти земјите кои сега ги вакцинираат младите, здрави луѓе со низок ризик од болест, тоа го прават по цена на животи на здравствени работници, постари луѓе и други ризични групи во други земји.

Милијарди дози вишок

Откако САД ќе ги искористат сите дози на вакцини кои се потребни, остатокот од светот и натаму очајнички ќе бара уште. Бајден би требало уште сега да почне да планира донации на вишокот на дози за други и долгорочно да размислува за начините како на најправеден начин да ги подели спасоносните вакцини на посиромашните нации, укажува Вашингтон пост во уреднички коментар.

Врз база на договор, повеќето дози кои доаѓаат од производните линии на големите фармацевтски фирми одат во САД, европските земји и неколку други богати држави. Не се очекува поголемиот дел на Африка и делови на Јужна Америка и Азија да постигнат распространето вакцинирање до 2023 година, се вели во написот.

Украина - вакцини има, но интересот за вакцинирање е слаб
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:52 0:00

Иако администрацијата на Бајден досега одбиваше откажување од правата, со низа оправдани причини, сепак САД мораат да препознаат дека во нивен интерес е да се борат и надвор од своите граници против пандемијата. Краткорочен гест на американското водство е финансирање на Ковакс програмата заради осигурување на вакцини за сиромашните земји и делење на вишокот вакцини од САД, за кој, нагласува Вашингтон пост, се проценува дека на крајот ќе достаса повеќе од милијарда дози.

Долгорочно, додава весникот, САД и други би требало да соработуваат со фирмите за воспоставување договори за лиценцирање и пренос на технологијата, за да се зголеми производството. Фармацевтските компании би можеле, без жртвување на своите работни модели, да делат знаење и искуства во производството со производителите во послабо развиените земји, а САД би можеле да помогнат во јакнење на тамошните регулаторни тела, за да се обезбеди дека тие вакцини се еднакво добри како и оние во побогатите земји.

  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG