Само во изминатата недела починаа 266 лица како последица од ковид-19, а има 7396 нови случаи на заразени со вирусот. Двоцифрените бројки на починати и четирицифрени бројки на новозаразени траат речиси цел месец. Македонија се соочува со третиот ковид бран, најсилен досега, како што го опиша министерот за здравство Венко Филипче, но против него се бориме со далеку поблаги мерки во споредба со првите два брана. Црниот рекорд е 1511 новозаразени и 50 починати во едно деноноќие. Меѓу починатите има родилки и неколкумина млади луѓе, дел од нив без претходни заболувања. Во земјава има близу 22 илјади активни случаи на заразени, и речиси 4000 починати како последица од вирусот.
Бранот е најсилен, но мерките најмалку рестриктивни. Здравствените власти повикуваат на лична совест и свест на граѓаните и велат постојните мерки треба да дадат резултати. На сила е полициски час од 22 часот до 5 часот наутро. Тој е воведен на 10 март, а два дена подоцна бројките на новозаразени стануваат четирицифрени, освен за време на викендите. Останува и мерката носење маска и во затворен простор и на отворено, но не и во угостителски објекти. Тие за време на вториот бран, работеа до 18 часот, а сега до 21 часот. Целосно затворање и по неколку денови и построги мерки имаше на почетокот на пандемијата кога бројката на новозаразени изнесуваше колку што сега дневно има починати од ковид.
Повеќе од половина од анкетираните граѓани се незадоволни од владините мерки за справување со пандемијата, покажува најновата анкета на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“. Исто така половина од граѓаните со резерва гледаат кон вакцинацијата, односно 50 отсто од анкетираните сакаат да се вакцинираат, а најмногу им веруваат на вакцините на „Фајзер“ и „Спутник“, а вакцината на АстраЗенека има доверба кај три отсто од испитаните.
Властите велат сè е под контрола и дека имаат план А, Б, Ц, Д... Засега остануваат на ставот дека нема потреба од други мерки оти нема да се ефикасни, бидејќи вирусот е премногу раширен.
„Оние земји кои воведоа полициски час и карантини построги од нашите, откако се појави бранот повторно не дадоа резултати, а таму има препораки доколку се почитуваат нема да има проблем. Овие балансирани мерки се една умерена рестрикција, комбинирани со индивидуалната одговорност“, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Здравствените експерти, кои повеќе од една година секојдневно даваат мислења и делат совети за справувањето со ковид-19, велат дека сепак треба да се воведат дополнителни рестриктивни мерки. Тие пикот го очекуваат некаде кон средината на април. Епидемиологот доктор Драган Даниловски во неколку наврати предложи викенд карантини со кои бранот би се продолжил, но здравствените работници би се одмориле.
Микробиологот доктор Никола Пановски вели дека околу 20 април се очекува и пикот на починати како последица на ковид. Тој неодамна за РСЕ рече дека во оваа ситуација треба да се преземат дополнителни мерки особено за угостителскиот сектор.
„Да сум јас во Kомисијата за заразни болести би го предложил тоа, а владата нека си ја чука главата. Не може доктори да предлагаат дека не треба мерки. Здравствената комисија нека предлага научни епидемиолошки податоци. Владата нека ги одбие, нека каже дека затворањето на тие објекти ќе донесе економска штета, дека ќе има протести и така натаму“, вели Пановски.
А како расте бројот на новозаразени, расте и бројот на хоспитализирани. Според последните податоци, повеќе од 1700 луѓе со ковид се на болничко лекување. Министерот Венко Филипче вели дека болниците се преоптоварени, но дека слободни кревети има. Тој посочува дека има пациенти со многу тешка клиничка слика кај кои терапијата не дава резултати. Дополнителни клиники се претвораат во ковид центри, а се намалуваат капацитетите на болниците за лечење на луѓето со други болести. Неодамна и лекарската Комора побара да се разгледа можноста за нови рестрикции, но претседателот на Комисијата за спречување заразни болести Жарко Караџовски во тоа виде притисок и порача дека не потпаѓа на притисоци.
Повиците за одржување дистанца и негрупрање како да не важат за политичарите. Тие отвораат пазари и паркинзи, посетуваат фабрики, како утре да има избори. До пред една недела во игра беше и пописот, за кој потоа лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ се договорија да се одложи. А сведоци бевме и на протести. Во петокот протестираа незадоволните од пресудите за случајот „Монструм“, а во саботата опозицијата, која секојдневно повикува на оставка на Филипче и нотира дека власта лошо се справува со кризата, организираше протест пред Министерството за здравство.
Лекот против вирусот е во масовната имунизација. Вакцините доцнеа, и сè уште повеќето од вакцините ни се подарени. Со фајзеровите вакцини, кои ги добивме преку Србија, прво се вакцинираа медицинските лица. Пред една недела земјава доби вакцини од производителот АстраЗенека преку КОВАКС механизмот, а со тие се вакцинираат само повозрасните граѓани, на помлади од 60 години оваа вакцина засега нема да се дава. Со руската вакцина Спутник Ве, донирана од Србија започнува вакцинацијата на полицајци, војници, пожарникари, новинари. Во меѓувреме дел граѓани се вакцинираа во соседна Србија.
На сајтот vakcinacija.mk за вакцина се пријавени скоро 133 илјади луѓе, а над 9 илјади луѓе досега се вакцинираа во земјава. Уште неколку илјади луѓе се вакцинираа во соседна Србија.