Достапни линкови

Зошто Тетово пак нема доволно вода за пиење?


Шар Планина
Шар Планина

Дали хидроцентралите или земјотресите се причина Тетово пак да нема доволно вода за пиење? Комуналното претпријатие и општината велат дека земјотресите се причина, а невладиниот сектор како виновници ги посочува хирдоцентралите.

Зачестените оштетувања на водоснабдителниот систем за Тетово на Шар Планина го покренаа сомнежот дека изградбата на малите хидроцентрали во тие предели веќе почнаа да предизвикуваат проблеми.

Иако од комуналното претпријатие и општината велат дека земјотресите се причина, од невладиниот сектор потенцираат дека поради градењето хидроцентрали во месноста Лешница се случува лизгање на земјиштето, оштетување на водоводните цевки и загуба на стотици литри вода во секунда.

„Само триста метри од самата каптажа се гради хидроцентрала. Директорот на инспекторотат за животна средина Ана Петровска во ноември предупреди дека со изградба на хидроцентрала во Лешница постои можност или за загадување на водите или проблеми со водоснабдувањето на градот Тетово. Ние токму со ова се соочивме веќе и поради ова еколошките организации и експертите предупредија претходно за овие катастрофални последици. Како што се знае, изградба на мали хидроцентрали и нивните пристапни патишта создаваат појави на ерозија и лизгање на земјиштето што прави неповратна штета на уникатни релјефни структурни во клисурите“, вели Нгадхњим Мехмети од здружението Еко Герила.

За новиот водоснабдителен систем кој почна да се користи од 2017 година што сега често се оштетува поради ерозиите, градоначалничката Теута Арифи смета дека не е во прашање квалитетот на изградбата ниту пак правењето на хидроцентралите.

„Кога било работено имало надзорен борд кој го вршел надзорот и кој е одговорен. Ние имаме побарано од нив да дадат одговори на повеќе прашања кои ги очекуваме. Исто така се до пред еден месец ние не сме имале некој сличен проблем и одговорите кои ги добиваме од страна на тие кои работат на теренот е дека се работи фактички поради нестабилност на земјата, месец и половина наназад“, истакна Теута Арифи.

Доктор Ратко Давидовски, специјалист по здравствена екологија и хигиена од Центарот за јавно здравје предупредува дека ризик е секој прекин на континуирано снабдување со вода за пиење.

„Ризик постои и за физичко-хемиско загадување и за микробиолошко загадување. Односно и за со штетни и опасни материи и за разни бактерии и вируси и протозои. Во случај согласно планот за безбедност на водата што мора да го има секое јавно претпријатие мора да се постапува. При дефектите најчесто мора да се направи хиперхлорирање“, вели Давидовски.

Од 24 часа, 11 часа и 30 минути водоснабдувањето е во прекин поради рестрикции кои се прават со цел рамномерно распределување на количините вода за пиење.

XS
SM
MD
LG