Достапни линкови

Пет клучни точки на средбата Заев - Мицкоски


Средба на лидерите на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски во Владата
Средба на лидерите на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски во Владата

Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев и лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски попладнево во Клубот на пратениците во Скопје ќе се обидат да најдат решенија за неколку клучни несогласувања. Кои се петте клучни точки?

Премиерот Зоран Заев најави дека „ќе разговараат за најважните прашања од интерес на граѓаните со цел државата да ни оди напред“. Прецизираше дека ќе се разговара за блокираните закони и проекти во Собранието, измените на Изборниот законик со кој би се определиле новите изборни модели за локални и парламентарни избори и за пописот. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски споменувајќи ги речиси истите теми додаде уште една- здравствената криза предизвикана од коронавирусот.

По средбата со Мицкоски, Заев најави дека ќе има средби и со лидерите на другите опозициски партии Алијанса за Албанците и Алтернатива. Кои се ставовите за денешните теми на разговор меѓу Заев и Мицкоски?

1. Попис

Од четврток попишувачите треба да тропнат на вратата на граѓаните и до 21 април да го пребројат населението, непребројано речиси 20 години. Додека дел од помалите партии, како парламентарната Левица која има двајца пратеници, или вонпарламентарната Единствена Македонија ги повикуваат граѓаните да не отворат врата на попишувачите, ВМРО-ДПМНЕ бара да се одложи пописот се додека не се имунизираат 5500 попишувачи кои треба да ги посетат домаќинствата.

„Јас и уште илјадници граѓани нема да отвориме врата. Венко, Заев и директорот на ДЗС Апостол Симовски нека форсираат попис па, ќе видат како истиот ќе заврши. Здравјето нема цена. Ако граѓаните се чувствуваат небезбедни, не треба да отвораат врата. Чиста глупост е тврдењето дека оние што нема да отворат врата ќе добијат кривични пријави. Нека тераат на сила. Силата раѓа сила. Ајде да одиме до крај, па да видиме чија сила ќе победи. Дали на Симовски и Заев, или на опозицијата“, рече Мицкоски.

Условот на ВМРО-ДПМНЕ, вакцинирани попишувачи се чини тешко да се оствари во трите дена кои преостануваат до почетокот на пописот. Во земјава вчера пристигнаа 24 000 дози од вакцината АстраЗенека, а имунизацијата ќе почне во среда. Но тоа не е доволно време вакцинираните попишувачи да стекнат иминитет, ако се земе предвид дека лекарите велат дека имунитетот по примената вакцина се развива најскоро по три недели од првата доза. И опозициската Алтернатива бара да се вакцинираат попишувачите.

СДСМ, пак, стои на ставот дека попис треба да има сега и дека следејќи ги протоколите за попишување кои ги изготви Комисијата за заразни болести се минимизира можноста за пренесување на Ковид19. Заев пред неколку дена категорично изјави дека нема да има одложување на пописот тврдејќи дека тоа беспредметно, затоа што никој не можел да гарантира дали наесен или следната пролет состојбата со пандемијата нема да биде иста како сега.

2. Деблокирање на Собранието

Тенкото владино мнозинство составено од 62 пратеника, само еден повеќе од минимумот 61 пратеник и коронавирусот, поради чие ширење често пратеници се болни или, пак, во самоизолација го отежнува функционирањето на парламентот. Многу закони, дел поврзани и со помошта за економијата за погодените од коронакризата се дел од меѓупартиските преговори кои треба да донесат собраниски кворум.

Крајот на долгата блокада се чини почна да се наѕира минатата недела откако владејачкото мнозинство и ВМРО-ДПМНЕ се договорија за дневниот ред на седницата на која помина потребата од антикризни мерки, кои потоа отидоа во матичните комисии, па повторно треба да се вратат на пленарна седница.

Но, сепак за одблокирање на Собранието Заев ќе треба да разговара и со Алијансата за Албанците и Алтернатива, кои најавија дека ќе ги блокираат законите поврзани со антикризните мерки додека на седница не се најдат измените на Законот за државјанство со кој ќе се овозможи полесно добивање на државјанство за оние кои како што тврдат од партијата, живееле со децении во Македонија а не можеле да дојдат до државјаство.

3. Пандемија

Во услови во кои секојдневно бројот на новоинфицирани со Ковид19 и бројот на починати како последица на вирусот секојдневно е висок, ВМРО-ДПМНЕ исто така секојдневно ја напаѓа владата дека не се снаоѓа добро со пандемијата.

Опозициската партија жестоко ја критикува владата и за немањето доволно вакцини и за недоволни економските мерки. Вчера во земјава пристигна првата поголема количина вакцини АстраЗенека преку Ковакс системот, 22 000 и втората доза од 3000 вакцини руски Спутник Ве наменети за здравствените работници. Претходно во земјава имаше нешто над 11 000 дози Фајзер и Спутник со кои досега се вакцинираа здравствените работници. Викендов пак во Србија голем број Македонци отидоа да се вакцинираат со АстраЗенека во акцијата која српските власти ја организираа за граѓаните од регионов.

За сето ова ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува власта која вели дека е неспособна и корумпирана и дека затоа не можеле да обезбедат поголеми количини вакцини, што од Владата го отфрлаат. Темата со коронакризата, како една од точките за разговор ја најави опозицискиот лидер Мицкоски.

4. Локални избори- апаратчиња за отпечаток од прст

Локалните избори во Македонија би требало да се одржат во октомври. Дотогаш опозициските партии- ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците и Алтернатива инсистираат да се набават апартчиња за земање отпечаток од прст со кои граѓаните би се регистирале на самото гласање. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека владата игра топло ладно за ова прашање и сметаат дека тоа е договор помеѓу партиите од владејачката коалиција.

СДСМ, пак, тврди дека и тие се за набавување на таквите апаратчиња но дека кога станувало збор за измени на Изборниот законик тогаш мора да се обезбеди консензус како и сите политички чинители треба да се согласат за измени во Изборниот Законик.

Лидерот на Алтернатива Африм Гаши пак веќе најави дека ако не се обезбедат апартчињата за отпечаток тие е можно да ги бојкотираат изборите поради сомнеж за грабеж на гласовите во планинските села.

5. Измени на изборниот законик

Македонија да биде една изборна единица е ветување на СДСМ дадено пред изборите во 2016 година на кое велат дека стојат и сега. Тоа го бараат помалите партии кои сметаат дека овој начин на гласање ќе им донесе повеќе пратеници.

Во почетоков на месецов помалите партии во Собранието односно Демократскиот сојуз, Левица, ВМРО-НП, Партијата за движење на Турците поднесоа предлог-закон за изменување на Изборниот законик со кој се предвидува Македонија да биде една изборна единица, наместо шест како што има досега, да остане пропорционален модел, да нема изборен праг, а пресметката на пратеници дасе одвива преку Донтовиот модел.

Министерот за правда Бојан Маричќ пак лани во септември рече дека со отворени листи ќе се почне уште на овие локални избори, а од ВМРО-ДПМНЕ велат дека дека отворените листи и една изборна единица претставуваат солидна основа за разговори за промена на Изборниот законик. Тие предлагаат локалните избори да се одржат во еден изборен круг за да се заштедат пари на граѓаните во период на тешка економска криза и да се заштеди време во кое ќе се спроведе изборниот процес.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG