Казна доживотен затвор за делото тероризам добија Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ, обвинетиот Хаки Азири доби казна затвор од 9 години, а Фејзи Азири е осуден на казна затвор од 15 години, пресуди денеска Судот, девет години од убиствата кај Смилковско Езеро. Поради недостаток на докази, ослободен е обвинетиот Сами Љута.
„Овде никако не се работи за обичен случај, туку станува збор за монструозно садистичко убивање и ликвидирање на деца, кои едвај станале полнолетни. Замислите како се чувствувале овие деца, клекнати на своите колена, што ли им прошло во таа секунда и како се чувствувале“, рече судијата при изрекувањето на пресудата.
Ова е повторено судење за случајот Монструм, со исто обвинение за тероризам и помагање и истите обвинети. И во повторениот процес недостапни за судот останаа Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои веќе девет години се во бегство во Косово и на нив им суди во отсуство. Освен нив обвинети беа уште тројца луѓе, но за Самир Љута обвинението е повлечено оти немало докази.
Првите тројца се осудени за убиство на четири момчиња на возраст од 18 до 21 години и на еден 45 годишен човек, кој пред да биде убиен рибарел на езерото. Останатите двајца се осудени за помагање на делото. Убиствата се случија на 12 април 2012 за верскиот празник Велигден. Убиените се етнички Македонци, а обвинетите за убиствата етнички Албанци. Настанот предизвика етнички поделби и протести. Обвинителката Фатиме Фетаи оцени дека настанот можел да предизвика повторен конфликт и да доведе до многу невини жртви. Таа вели дека случката ја засилила омразата помеѓу Македонците и Албанците.
Во завршните зборови Обвинителството побара доживотни казни затвор за Халил Демири и браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, обвинети за кривичното дело „тероризам”, односно директно извршување на петкратното убиство на пет лица кај Смилковското Езеро. За обвинетиот Фејзи и Хаки Азири, пак, обвинителката Фатиме Фетаи побара да бидат осудени за помагање на сторителите и за нив побара максимални казни затвор до 15 години.
На 12 април 2012 беа убиени Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски, момчиња на возраст од 18 до 21 година и 45-годишниот Борче Стефановски.
Реконструирајќи го случајот, обвинителката Фетаи рече дека убиствата ги извршиле Алил Демири и браќата Африм и Агим Исмаиловиќ. Хаки Азири ги чекал со возило. Тој знаел само дека одат за завршат некоја работа, но потоа дознал што се случило, но не кажал ништо. Фејзи Азири им помогнал во бегството. За време на судењето не се докажа кој од кое оружје пукал, но се дозна дека кон жртвите било пукано од три огнени оружја.
Случајот „Монструм“ е целосно исконструиран, тврди одбраната во завршните зборови. Според одбраната Обвинителството не обезбеди доволно докази и има само голи индиции и не ги докажува претпоставките за можен мотив. Според одбраната обвинетите не се вистинските сторители и не се терористи.
Судење за „Монструм“ – прв пат
Првото судењето за случај „Монструм” започна на 20 декември 2012 година. Во јуни 2014 година, шест обвинети лица беа осудени на доживотна казна затвор. На 24 ноември 2017 година, Врховниот суд ја укина пресудата и процесот го врати на повторно судење, а осудените беа ослободени од притвор. Повторното отворање на случајот уследи по објавувањето на преслушуваните материјали, таканаречени бомби од страна на опозицијата во 2015. Потоа случајот го презеде СЈО и судењето почна од почеток во мај 2018. Во меѓувреме СЈО се укина, но обвинителите на ова обвинителство останаа да го водат случајот. Правни застапници на случајот се обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, а процесот го води судијата Огнен Ставревски.
Барања за меѓународна истрага
СДСМ и ДУИ бараа и ветуваа меѓународна истрага за случајот, но тоа не се случи. Прислушуваните разговори кои ги објавуваше СДСМ во 2015 беа посочени како нови докази и причина за повторно судење на судски процес. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, тогаш рече дека „бомбите“ нема да ги нарушат меѓуетничките односи, но ќе дадат многу одговори. Потоа Заев во 2015 година во интервју за германскиот весник „Ди Цајт“, изјави дека вистината за случајот „Смилковско Eзеро“ може да предизвика судири во Македонија. Eтничките Албанци кои се осудени за случајот Смилковско езеро се невини, рече тогаш тој.
„Тие неправедно седат во затвор“, вели Заев во интервјуто за „Ди Цајт“ кое го пренесе Дојче Веле во мај 2015 година.
Но обвинителката Фатиме Фетаи, рече дека „бомбите“ не донесоа суштинска промена на обвинителниот акт. Таа не ја исклучува можноста за овој настан во иднина да бидат гонети и други лица, доколку такво нешто произлезе од исказите на двајцата обвинети кои се во бегство. Тие се во Косово, каде издржуваат казни затвор за друго дело, но и покај ветувањата косовските власти се уште не и ги екстрадирале на Македонија.
Роднините на жртвите бараат „да се каже вистината“, а Судот, како што велат, има обврска и кон семејствата на жртвите, но и кон целата јавност да даде одговор што се случило на 12 април 2012.
Роднините на обвинетите бараат нивно ослободување.
Протести
Протестите се придружник на судскиот процес од самитот почеток, понекогаш протестите беа насилни, а дел од учесниците беа казнувани, а некои беа и осудени. Овој предмет го следеа и многу шпекулации и политички злоупотреби во периодот на промена на власта. Како сведоци во повторената постапка беа повикани и лидерот на ДУИ Али Ахмети, премиерот Зоран Заев, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.