Достапни линкови

Вести

Платформа за родова еднаквост: Резултати за „Јавна соба“ до 8 март или протести

Архивска фотографија од протестот поради „Јавна соба“ пред Министерството за внатрешни работи
Архивска фотографија од протестот поради „Јавна соба“ пред Министерството за внатрешни работи

Очекуваме кривичен прогон на сторителите на случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви на случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“, побара денеска „Платформата за родова еднаквост“, на прес-конференција пред Министерството за внатрешни работи во Скопје.

Во овој случај беа злоупотребени лични податоци и фотографии од поголем број претежно малолетни девојки. Кривичниот суд им одреди притвор од 30 дена на креаторот и администраторот на „Јавна соба“, а од Судот информираа дека пред судија на претходна постапка биле спроведени две лица осомничени за кривичното дело - Производство и дистрибуција на детска порнографија.

„Бараме итна испорака на резултати на нашите барања, со рок до 8 март, кои ќе ни покажат дека конечно преземате мерки и започнувате со нивна реализација, во спротивно ќе протестираме додека работите не почнат да се решаваат“, рече денеска Бојана Јовановска од Платформата за родова еднаквост, мрежа од здруженија кои работат на унапредување на родовата еднаквост и организаторки на протестите за случајот „Јавна соба“.

види ги сите денешни вести

Хрватска, Албанија и Србија со најмногу казни поради испади на навивачите на ЕП

Навивачи на Србија на Европското првенство во фудбал (илустрација)
Навивачи на Србија на Европското првенство во фудбал (илустрација)

Фудбалските сојузи на Хрватска, Албанија и Србија добија најмногу казни од Европската фудбалска федерација (УЕФА) поради испади на навивачите за време на тековното Европско првенство во Германија, пренесува агенцијата Бета.

На прво место е репрезентацијата на Хрватска со вкупна казна од 220 000 евра. На второ место е Албанија со 171 000 евра, додека Србија е трета со вкупно 166 000 евра.

За време на групната фаза на натпреварувањето, УЕФА изрече казни во вкупен износ од над 1,2 милиони евра, вклучувајќи 719 375 евра за фрлање предмети на теренот. Навивачите на стадионот плаќаат капар од три евра при купување пиво, кој може да го вратат доколку ја вратат пластичната чаша. Сепак, голем број пехари завршуваа на теренот, а главна мета беа противничките играчи, особено при изведување корнери.

Првите пластични чаши летаа на теренот веќе на првиот натпревар меѓу Германија и Шкотска, а од 36 групни натпревари, на 25 дуели навивачите фрлаа чаши на теренот.На седум од тие 25 натпревари, навивачите на двете репрезентации биле одговорни за фрлање предмети.

Поради фрлање предмети, најлошо поминаа Унгарија, Швајцарија, Хрватска и Србија, кои добија казни во сите три натпревари во групата. Други прекршоци кои УЕФА ги санкционираше вклучуваат ракети, палење димни бомби, упад на терен, употреба на ласери и несоодветни пораки.

Во елиминациската фаза не се пласираа репрезентациите на Хрватска, Албанија и Србија. Сите три репрезентации беа елиминирани по натпреварите во групата.

Досега само три репрезентации, Франција, Шпанија и Словачка не се казнети на Европското Првенство.

Германија и го испорача на Украина третиот систем за противвоздушна одбрана

илустрација
илустрација

Третиот систем за противвоздушна одбрана „Патриот“ што го вети Германија веќе е во Украина, соопшти денеска германскиот амбасадор во Киев, Мартин Јегер.

„Во текот на последните месеци, украински тим успешно ја заврши обуката во Германија“, објави Јегер на X.

Берлин го вети тоа уште во април како одговор на повиците на Киев за дополнителна противвоздушна одбрана.

Украина се соочува со сè поинтензивни руски воздушни напади во изминатите месеци, кои нанесоа тежок удар на енергетската инфраструктура на земјата.

Покрај најновата испорака, Украина користи најмалку три системи Патриот, еден испорачан од САД и два од Германија.

Холандија испорача неколку лансери Патриот и вети дека ќе испорача целосен систем во соработка со друга земја.

Сунак поднесе оставка од функциите премиер и лидер на Конзервативната партија

Риши Сунак
Риши Сунак

Во последното обраќање во јавноста Риши Сунак, првиот британски премиер со азиско потекло, официјално поднесе оставка од премиерската функција, но и од позицијата лидер на Конзервативната партија.

„Извинете, дадов се за оваа работа, но вие дадовте јасен сигнал дека владата на Велика Британија мора да се промени. А вашиот суд е единствениот што е важен“, рече Сунак во обраќањето пред резиденцијата во Даунинг Стрит.

Тој најави дека ја напушта и функцијата лидер на Конзервативната партија, но додаде дека нема веднаш да поднесе оставка како лидер на партијата, туку откако ќе заврши официјалниот процес за избор на негов наследник.

„Важно е по 14 години владеење Конзервативната партија да се обнови, но и професионално и ефективно да ја преземе својата клучна опозициска улога“, додаде премиерот во заминување.

Тој исто така рече дека земјата сега е посилна отколку пред 20 месеци кога тој првпат ја презеде функцијата и дека е „попросперитетна, поправедна и поотпорна отколку во 2010 година“.

Според досега објавените резултати на изборите во Велика Британија, лабуристите освоиле 411 позиции, конзервативците 119, либералдемократите 71, реформистите во ОК 4 и Зелените 4 мандати.

Меѓу оние кои претрпеа тешки порази во Конзервативната партија е Лиз Трас, премиерката со најкраток мандат, која по овие избори го загуби и пратеничкото место.

Сунак беше првиот премиер со британско-индиско потекло и најмладиот лидер во земјата во модерното време. Кариерата како секретар на Министерството за финансии ја започна во 2019 година. Кога тогашниот канцелар Саџид Џавид поднесе оставка во 2020 година, тогашниот премиер Борис Џонсон го назначи Сунак на неговата позиција.

Од следната година матурантите ќе полагаат со блокатори

илустрација
илустрација

Просечната оценка која ја постигнаа средношколците на државната матура годинава е 3,25. Споредбено со минатите години, постои намалување (3,65 во 2023 година, 3,78 во 2022 година и 3,61 во 2021 година) кое, според Државниот испитен центар како надлежна институција за спроведување на процесот било резултат на преземените заострените мерки при полагањето.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, за следната година најави две новини кои ќе помогнат за подобра организација на полагањето на државната матура и како што рече, тоа ќе биде обид да нема препишувања и други противзаконски, неетички и неморални дејства и на учениците и на тестаторите и набљудувачи.

„Ќе инсистирам полагањето на Државната матура да се реализира во амфитеатрите и други простории на јавните факултети каде има блокатори и друга технологија која ќе оневозможи користење на комуникациски уреди за време на полагањето, затоа што најчесто, поединечни и масовни препишувања се случуваат преку примена на мобилни телефони и други уреди на кои има инсталирани апликации за комуницирање“, истакна Јаневска.

Втората мерка се однесува на измена на правилниците за полагање државна матура, од аспект на подигнување на одговорностите на лицата кои се вклучени во процесот.

„Мора да постојат санкции за набљудувачите, тестаторите и за сите они ги делат просториите со учениците што полагаат, а прават пропусти и жаргонски кажано – замижуваат пред некоректни активности од страна на учениците“, додаде министерката.

Вкупно 14 834 пријавени кандидати, на 1 јуни го полагале задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик, додека на 8 јуни се полагаше изборниот предмет, а тестирањето се спроведе во холовите и спортските сали на училиштата, заради поголема прегледност и контрола на набљудувачите над учениците.

Директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска информираше дека биле откриени 49 ученици кои за време на решавањето на тестовите користеле мобилен телефон, додека 4 ученици биле фатени како препишуваат решенија по претходно добиени одговори на поставените прашања. При оценувањето на тестовите, оценувачите детектирале 175 ученици кои препишувале на тестовите, како и 22 плагијати. На 268 ученици на кои им била изречена мерката поништување на испитот ќе можат повторно да полагаат во августовскиот испитен рок.

Украинска армија соборила 32 руски беспилотни летала

илустрација
илустрација

Украинските воздухопловни сили соопштија дека ги собориле сите 32 беспилотни летала кои Русија ги лансирала во синоќешниот напад.

„Украинската армија собори беспилотни летала во седум региони“, објави армијата на Телеграм.

Три беспилотни летала беа соборени над јужниот регион на Миколаев, а уште три над регионот Дњепропетровск, тврдат гувернерите на тие региони.

Гувернерот на регионот Киев соопшти дека воздушната одбрана и рано изутрината соборила беспилотни летала.

Инаку вчера (4 јули) украинската војска го призна своето повлекување од дел од клучниот планински град Часив Јар во источниот регион Доњецк, додека нејзиното Министерство за енергетика соопшти дека руските проектили убиле едно лице и оштетиле гасен објект во централниот регион Полтава.

Портпаролот на оперативната група Хортиција на украинските вооружени сили ги потврди претходните тврдења на Москва и прецизираше дека руските војници сега го контролираат квартот „Канал“ во Часив Јар.

Часив Јар е место на интензивни борби од април и служи како логистички центар за украинските сили.

ОН: Мигрантите се соочуваат со „хорор“ додека ја преминуваат Африка

илустрација
илустрација

Бегалците и мигрантите се соочуваат со екстремно насилство, злоупотреба и експлоатација на копнените патишта преку Африка за да стигнат до Медитеранот, при што се верува дека многу повеќе умираат таму отколку на море, се вели во последниот извештај на Обединетите Нации.

„Речиси 30 000 мигранти се прогласени за мртви или исчезнати во обид да го преминат Медитеранот кон Европа во изминатата деценија. Но, може да биде уште полошо за оние кои патуваат низ Африка до брегот“, се вели во извештајот на агенциите на Обединетите Нации за бегалци и мигранти и набљудувачката група Мешан миграциски центар.

Врз основа на повеќе од 31 000 интервјуа со бегалци и мигранти, извештајот покажал дека 1180 луѓе загинале додека ја преминувале пустината Сахара во периодот помеѓу јануари 2020 и мај 2024 година.

„По пет смртни случаи дневно се евидентираат на пустинските правци, со што вкупниот број досега достигна најмалку 870“, рече Лоренс Харт од Меѓународната организација за миграција на ОН за новинарите во Женева.

Но, се верува дека овие бројки се огромно потценување.

Иако недостасуваат податоци, во извештајот се наведува дека очигледно има илјадници смртни случаи секоја година.

„Се претпоставува дека смртните случаи на бегалци и мигранти во пустината се двојно поголеми од оние што се случуваат на море“, се вели во соопштението.

„За секој што ја преминува Сахара, добивате сведоштво за телата кои се гледаат и фрлаат“, изјави Винсент Кошетел, специјален пратеник на УНХЦР за централен и западен Медитеран.

Оние кои се во движење се соочуваат со тортура, киднапирање за откуп, трговија со луѓе, сексуално насилство, грабеж, произволно притворање и колективно протерување, се вели меѓудругото во извештајот.

Мигрантите кои ја минуваат пустината често се наоѓаат таму напуштени од шверцери на луѓе, додека оние што се разболуваат понекогаш ги фрлаат од камиони.

„Без соодветни структури за помош или соодветни системи за пребарување и спасување на патот, тие се речиси предодредени да умрат“, се предупредува во извештајот.

И покрај „незамисливите ужаси со кои се соочуваат луѓето во некои земји долж рутата“, извештајот го истакна зголемувањето на бројот на луѓе кои се обидуваат да преминат на опасните копнени премини.

Ова делумно се должи на влошените ситуации во нивните татковини, се вели во извештајот, посочувајќи на ерупцијата на конфликти низ регионот Сахел и во Судан, и новото и долгогодишно насилство на истокот од афричкиот континент. Покрај тоа од ОН наведуваат дека разорното влијание на климатските промени и катастрофи, како и ксенофобијата и расизмот ги поттикнал бегалците и мигрантите да заминат.

Повеќе од 50 напади на политичари во изборната кампања во Франција

илустрација
илустрација

Повеќе од 50 политичари и учесници во кампањата беа нападнати за време на француските избори, рече министерот за внатрешни работи во петок (5 јули), додека тензиите се зголемуваат пред вториот круг од изборите овој викенд.

„Оваа кампања е кратка, а сепак веќе имаме 51 кандидат, заменик и активист кои се физички нападнати“, изјави Жерар Дарманин за телевизијата BFM.

Уапсени се повеќе од 30 луѓе, рече тој, вклучително и милитанти од екстремно десничарските и левичарските групи.

Минатиот месец, претседателот Емануел Макрон распиша парламентарни избори само неколку недели пред Париз да биде домаќин на Олимпијадата. Неговиот потег следуваше откако екстремната десница го порази неговиот центристички сојуз на европските избори.

Тензиите се зголемија во Франција откако анти-имиграциската и евроскептичната партија Национален собир освои најголем број гласови на првиот круг од изборите.

Пријавени се неколку напади бидејќи центристите и новата левичарска алијанса ги прават последните напори да се осигура дека Национален собир нема да освои апсолутно мнозинство во вториот круг.

Четири лица, вклучително и три малолетни, беа приведени поради нападот на владината портпаролка Приска Тевенот и нејзиниот тим во средата, додека лепеле плакати за кампањата во Меудон надвор од Париз, соопштија обвинителите.

Тевенот, кој е со потекло од Маурици, не е повреден, но колега и поддржувач биле ранети и пренесени во болница по нападот од околу дваесетина луѓе.

Дарманин рече дека 30 000 полицајци ќе бидат распоредени во недела за да го обезбедат гласањето, вклучително и 5000 во Париз и неговите предградија.

Адвокатскиот совет во Париз побара од јавното обвинителство да отвори случај откако екстремно десничарската веб-страница повика на „елиминација“ на адвокатите кои потпишаа напис против Национален собир.

„Насилството и заплашувањето немаат место во нашето општество“, порача премиерот Габриел Атал во објавата на социјалните мрежи.

В недела (7 јули) во Франција ќе се одржи вториот круг од вонредните парламентарни избори.

Владејачката коалиција во Германија постигна договор за буџетот

илустрација
илустрација

Трите партии во германската владејачка коалиција постигнаа договор за буџетот за 2025 година по неколкунеделни тешки преговори кои ја доведоа владата на канцеларот Олаф Шолц на работ на колапс.

Левиот центар на Шолц, Социјалдемократите (СПД) и нивните партнери, Зелените и либералните Слободни демократи (ФДП), постигнаа договор по последната рунда на „пазарење“ што започна во четвртокот, изјави извор близок до коалицијата.

Владата се соочи со внатрешни борби откако ја презеде функцијата во 2021 година, а аналитичарите стравуваа дека буџетската криза, која ги спротивстави поддржувачите на мерките за штедење со оние кои сакаат повеќе трошоци, може да биде последната капка.

Кај пратениците на коалицијата се чувствуваше олеснување што коалицијата ја надмина кризата.

„Мислам дека би било целосно неодговорно со оглед на светската ситуација владата сега да се сруши“, рече Антон Хофрајтер, пратеник од Партијата на зелените и претседател на Комитетот за европски прашања на германскиот парламент.

„Германија има „голема одговорност“ кон Европа“, додаде тој.

Притисокот да се постигне договор и да се избегне колапс на коалицијата се засили откако владејачките партии претрпеа удар на изборите за Европскиот парламент минатиот месец, при што екстремно десничарската партија АфД постигна рекорден резултат.

Централното прашање во спорот за буџетот беа барањата на министерот за финансии Кристијан Линднер од ФДП, за близу 30 милијарди евра заштеди, што Зелените и СПД ги одбија.

Повикот на Линднер да заштеди на социјалните трошоци беше особено контроверзен.

Линднер веруваше дека тие исплати се премногу скапи и не обезбедуваат доволно поттик за да ги вратат луѓето на работа.

СПД не беше задоволна од неговиот став, бидејќи подобрувањето на социјалната помош беше клучно за изборната кампања на партијата во 2021 година, бидејќи се обидуваше да ја врати поддршката од гласачите со пониски приходи.

Деталите за договорот склучен во петокот не беа веднаш објавени, но тие рекоа дека тој вклучува договор за да се обезбеди задржување на уставно загарантираната „сопирачка на долгот“, самонаметната граница за задолжување.

Кочницата за долгот стана клучна точка во разговорите. Таа беше суспендирана неколку години за време на пандемијата на коронавирус и енергетскиот шок предизвикан од војната во Украина, но Линднер сакаше да ја врати.

Дебатата за правилата за задолжување стана пожестока откако највисокиот суд во земјата во ноември пресуди дека коалицијата ги прекршила.

Уставниот суд во Карлсруе утврди дека владата го прекршила правилото обидувајќи се да ги префрли парите околу специјалните фондови надвор од главниот буџет.

Одлуката на судот доведе до построги ограничувања на трошоците во буџетот за 2025 година и поттикна повици за укинување или олабавување на правилата за да се направат високоприоритетни инвестиции во вооружените сили кои се соочуваат со зголемена закана од Русија, како и со декарбонизација.

Сепак, Линднер на крајот го доби спорот за запирање на долгот.

Германските медиуми исто така објавија дека Министерството за одбрана добило многу помало зголемување на буџетот отколку што побарало, и покрај плановите на владата за модернизација на војската по руската инвазија на Украина.

Договорот за буџетот беше постигнат во мрачна економска позадина, бидејќи растот на Германија стагнираше поради високата инфлација и забавувањето на производството.

Владата првично планираше да го одобри буџетот за следната година во среда, но сега е поверојатно дека ќе добие целосно одобрение од министерството на 17 јули, откако ќе се презизираат деталите.

Опасност од излевање на вулканот Стромболи во Италија

илустрација
илустрација

Вулканската активност на островот Стромболи, северно од Сицилија, ги натера италијанските власти вчера да го покренат нивото на тревога од портокалово на црвено, јави ДПА.

Локалните авторитети ги повикаа жителите на островот да ги следат упатствата на цивилната одбрана.

Националниот институт за геофизика и вулканологија (ИНГВ) соопшти дека на Стромболи е регистрирана зголемена вулканска активност. Активниот вулкан на островот исфрла лава и пепел во морето, соопшти институтот.

На островот Стромболи постојано живеат неколку стотици жители. Многу туристи патуваат до него по море од италијанското копно или од Сицилија за да се искачат на вулканот кој е висок 920 метри и редовно еруптира.

Втор круг претседателски избори во Иран

илустрација
илустрација

Во Иран денеска (5 јули) се одржува вториот круг од претседателските избори, на кој ќе се соочат тврдокорниот Саид Џалили и реформистот Масуд Пезешкијан.

Вториот круг се одржува откако во првиот ниту еден од кандидатите не обезбеди повеќе од 50 отсто од гласовите. Пезешкијан освои околу 42,5 отсто од гласовите, а Џалили 38,7 отсто.

Околу 61 милион луѓе имаат право да гласаат за наследник на претседателот Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа во мај.

Зошто претседателските избори во Иран се поважни од минатите гласања?
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:06 0:00

Моќта во Иран е во рацете на врховниот лидер, ајатолахот Хамнеи, кој делува како шеф на државата и го има последниот збор за сите стратешки прашања, а исто така е и врховен командант на вооружените сили на Иран, додека претседател е втор во структурата на власта во Иран.

Изборите беа распишани откако претседателот Ебрахим Раиси загина во хеликоптерска несреќа во мај. Поранешниот претседател Раиси, министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан и неколку други функционери на Иран загинаа на 19 мај кога хеликоптерот со кој патуваа се урна во лоши временски услови во планинска област во близина на границата со Азербејџан.

Инаку според прописите, секоја содржина за која се смета дека има за цел да ја обесхрабри излезноста на гласачите или да промовира бојкот на изборите, како и да организира каква било форма на нелегални протестни собири, штрајкови или демонстрации, сега е класифицирана како „криминална“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG