Достапни линкови

Иницијатива „Фис-култура или култура“ - тест за системот кој одамна не функционира


Иницијативата „Фис-култура или култура“ - тест за системот / фото Маја Аргакиева
Иницијативата „Фис-култура или култура“ - тест за системот / фото Маја Аргакиева

Двесте и педесет културни работници од земјава за само два дена се потпишани на иницијативата „Фис-култура или култура“ чија цел е расчистување на состојбите во културата во врска со поставување на некомпетентни кадри на раководни позиции на културните институции во државата.

До кога некомпетентни кадри ќе се ставаат на раководни позиции на културни институции? До кога ќе се вадиме на формално - правно издржани конкурси, каде квази читања на критериумите ја регулираат културата? До кога истите критериуми се читаат на еден начин за едни, а на сосема друг за други? До кога ќе треба да повторуваме дека културата не е бројка, или мерливи формално-правно издржани резултати и партиска играрна, туку место на градење на квалитет и компетенција? До кога вака, ние културните работници ќе бидеме понижувани, обесправени и дискриминирани? До кога ќе има партизација во културата? До кога релевантното образование од областа на културата и уметноста нема да се вреднува, и нема да биде важно во одлуките на кого да се додели можноста да раководи со некоја институција во културата.

Примерите се бројни!

До кога искуството на некој кандидат во областа на културата и неговиот придонес во развојот на културата и културната заедница не е доволен доказ и не е вреднуван како приоритетен критериум за некој да раководи со културна институција? Дали вие сметате дека било кој јавен и општествен работник може да раководи подобро во културата, од оние кои се квалификувани културни работници кои со години остваруваат јавно добро?

Почитувана министерке, комисијо, односно Министерство за култура, вие кои одлучувате за тоа дали некој „треба“ или „не треба“ да седне на раководно место и да управува со културна институција, треба да ви биде јасно дека: КУЛТУРАТА ПРИПАЃА НА КУЛТУРНИТЕ РАБОТНИЦИ.

Актерите на театарот „Антон Панов“ од Струмица од кои потекна иницијативата „Фис-култура или култура“

Инаку, генезата на настаните во неколку збора го вели следново.

На распишаниот конкурс за директор на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, менаџер кој требало да го замени долгогодишниот вршител на должност Ванчо Патриков, вработен во институцијата, се јавиле тројца кандидати, а за должноста е избран Васил Бубев, актуелен директор на градинките во Струмица и поранешен професор по физичко образование во Василево.

На ваквата одлука веднаш реагирале вработените во Центарот со „потсетување“ дека еден од критериумите е кандидатите да имаат минимум пет години искуство во културни институции или да имаат досега работено на проекти од областа на културата, што според нив Бубев „тоа не го исполнува“.

По ова се јавува Министерството со „објаснување“ дека „само избраниот кандидат ги исполнува правно-формалните услови“, а дека „кандидатката која е магистер по културен менаџмент (во случајов Јасмина Мазгалиева – Пијанманова), не доставила сертификат дека го познава англискиот јазик не постар од пет години, а кандидатката актерка која е вработена во Струмичкиот театар (Оливера Аризанова) „немала доказ дека во јавноста е признат културен работник и доказ дека пет години работела во културна институција“.

И, по „правната поука“ дека „рок за жалба на одлуката нема, од причина што во Законот за култура постапката за избор е едностепена и завршува токму со Одлука за избор или не избор, а дека незадоволните имаат право на тужба во рок од 15 дена пред граѓански суд, бидејќи се работи за Оглас за работни односи“, тргна и лавината незадоволство.

Затоа и нималку не чуди што во Иницијативата ќе биде прашано: Како е можно кандидат со светски призната диплома за културен менаџмент и десетгодишно искуство во областа на културата со напишани и имплементирани над 30 проекти од различни европски и светски фондации, да биде одбиен со едно штуро објаснување дека немал комплетна докуменетација т.е. дека му недостигал доказ за меѓународно признат сертификат за активно познавање на англиски јазик, а има завршено магистерски студии на англиски и француски јазик?

Или, за да биде уште полошо, за третиот кандидат да биде наведено дека „не поседува доказ дека е познат во јавноста како јавен, општествен и културен работник и дека нема доказ за минимум пет години работен стаж од областа на културата или пет години работно искуство на работа или проекти во областа на културата, врз основа на склучени договори за дело, иако кандидатот е вработен во државна институција, која е под надлежност на Министерството за култура, со реализирани стотина улоги во театарски проекти, во истата“.

Актерката Оливера Аризанова во монодрамата „Таа“ на театарот „Антон Панов“ од Струмица

И, кога сме веќе кај одбиените кандидатки, во моментите на јавно објавување на иницијативата „Фис-култура или култура“, токму актерката Оливера Аризанова забележува дека она што последно се случи кај нив во Центарот за култура „Антон Панов“ е нешто за што тие како културни работници ниту имаат објаснување, ниту оправдување, а редно е културните институции да им се вратат на културните работници и конечно да им се стави крај на диктираните партиски решенија.

„Кај нас во Струмица и струмичката општина културата е непрекинато маргинализирана, условувана и во последните две децении на многу незавидно ниво. Бидејќи јас сум вработена во театар „Антон Панов“ во Струмица, внатре многу добро ги познавам состојбите, а решението да се постави партиски кадар на чело на оваа институција и тоа човек кој барем кај нас не е познат како културен работник е фрапантно. Ова за нас е очајно, многу разочарувачки. Не верувам дека со неговото поставување ќе се средат работите. Напротив. И, затоа ние сме решени да одиме до крај, односно конечно на Министерството за култура, целата јавност, па и партиските структури да им стане јасно дека културата треба да им припаѓа на културните работници односно на луѓето кои најдобро ја познаваат“, вели Аризанова.

Јасмина Мазгалиева – Пијанманова, менаџерка во културата

А, Јасмина Мазгалиева – Пијанманова од своја страна забележува дека „со овој оглас културните работници го тестираат системот, дали тој функционира и како функционира“. Таа дополнува дека во обид да ги деградираат нив кандидатите кои не се „нивни“, од Министерството се повикуваат на ставот 5 од член 29 на Законот за култура во врска со сертификатот за познавање странски јазици, ама го игнорираат ставот 4 oд иститот тој Закон во врска со критериумот пет години работното искуство во областа на културата со цел да го промовираат „сугерираниот фаворит“. Дека патем, одредбата за сертификатот има одложена примена, односно дека може да се достави во рок од шест месеци по именувањето за директор, и тоа Министерството го има применувано во случаи на безброј поставени раководители на функции, и дека само во конкретниот случај не е применето, бидејќи изборот требало да падне на „нивниот кандидат“ избран „на кадровска комисија во локален штаб“. Тоа го знаеле и двете кандидатки и затоа и пуштиле нивни кандидатури, за да Бубев не биде единствено пријавен на огласот, бидејќи во Струмица извесно време било јавна тајна кого сакаат да именуваат и на овој начин тие сакале да го тестираме системот, кој одамна не функционира. Конечно дека „заклучивме оти Министерот назначува раководители исклучиво по партиска директива“.

„Оваа одлука е исклучиво партиска и носи огромна штета на развојот во културата во градот и во државата, и не само тоа, туку ја понижува целата културна фела. Тогаш јавно ја прашувам Министерката која ја донесе оваа одлука, зошто Министерството за култура секоја година распишува јавни конкурси за доделувања на стипендии за дообразување на дефицитарни кадри во различни области меѓу кои и за културен менаџмент, кога нема доследност во спроведувањето на политиките? Исто така морам да напоменам дека ова Министерство и во развојната стратегија за култура пишува дека ќе се залага за департизација на институцииите, значи уште една недоследност во спроведување на политиките и доказ дека овие документи се само лист хартија кои никој не ги погледнува кога треба да бидат земени во предвид за носење на клучни одлуки. А, морам да напоменам дека и бев дел од носењето на ваквата Стратегија, односно Здружението на кое сум претседател ги водеше сите дебати низ Македонија во соработка со Министерството. Значи, нема да застанеме овде, продолжуваме да се бориме, оваа одлука ги обедини сите културни работници, посебно вработените при институцијата НУЦК „Антон Панов“. Да се бориме против лошите решенија бидејќи тие само носат штета на државата и на културата во целина. Овој пат ќе се оди до крај, решени сме „правдата“ да ја водиме и на суд. Убедени сме дека избраниот кандидат кој е фаворизиран од самиот почеток не ги поседува потребните документи. Исто така се чувствуваме и обесправено бидејќи само избраниот кандидат бил повикан на интервју во Министерството, тоа е одговорот на Министерката, што не става во една нерамноправна позиција и целосно не дискриминира.

Еве и да речеме дека ниту еден од кандидатите не ги исполнува критериумите пропишани со Закон, тогаш јавниот оглас треба да се поништи и да се распише нов, а не да се избере оној со „покомплетните документи“ без разлика што нема адекватно образование и ниту ден работно искуство во културата“, смета Мазгалиева – Пијанманова.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG