Достапни линкови

Капелата во Тетово без соодветна комора, трета година не функционира


Православните гробишта во Тетово
Православните гробишта во Тетово

Капелата на православните гробишта во Тетово не била соодветно изградена уште во 2018 и затоа не е пуштена во употреба. Властите велат дека работат на решавање на проблемот, но не одговараат дали ќе бараат одговорност од изведувачот.

Не функционира капелата во Тетово иако е изградена уште во 2018 година, а надлежните од јавното комунално претријатие веќе три години се обидуваат да најдат решенија за повеќето проблеми. Комора ладилник каде треба да се чуваат телата на починатите е последната пречка.

Гоце Новески, раководител на православните гробишта, објаснува дека нема дозвола за работа од лиценцирано лице поради комората ладилник. Тој посочил дека станува збор за несоодветно изградена и опремена просторија од страна на изведувачот на работите.

„Комората којашто во моментов се наоѓа во објектот не е соодветна. Затоа и не може да се пушти во употреба капелата. Треба целосно просторот каде е комора да биде опфатен со плочки, а не како сега само еден дел од просторијата каде е монтирана комората. Вратата е за влез во просторијата, но треба да биде врата од цела комора. Командната табла е внатре во просторијата, а треба да биде надвор, а и моторот на комората треба да биде поголем. Стручно лице за лиценца ни посочи дека во овој простор треба да има место за шест полици, по три лево и десно. Сега нема соодветно место за ниту едно тело да се постави“, изјави Гоце Новески.

Директорот на ЈКП Тетово, Џелал Цека не дава одговор дали ќе се бара одговорност од изведувачот на работите. Вели дека се работи на надминување на проблемот, но нема одговор кога би можело да се стави капелата во функција.

„За капелата сум во контакти со АД „Бутел“ во Скопје, да ни помогнат во овој дел. Нормално овој проблем е поврзан и со пандемијата. Сме во контакти со сите тие соодветни субјекти и луѓе за да ставиме нови комори за да биде сè во ред и да ја пуштиме во употреба“, рече Џелал Цека.
За ваквите простории постои Правилник за нормативни и технички стандарди од Министерството за транспорт што предвидува комората ладилник да биде со постојан режим на ладење од минус десет до минус дваесет степени.

Останатите простории во капелата се празни и не се опремени, а нема ни дополнителен персонал кој би работел во објектот.

XS
SM
MD
LG