Со оглед на поголема раздвиженост преку ден во Тетово, општината, покрај владините, со свои мерки се обидува да влијае во превенција од ширење на коронавирусот. Со затворање на зелениот пазар во четврток, кога е пазарен ден, се прави обид да се намали опасноста од собирање на повеќе луѓе на едно место.
Кога е пазарен ден, освен во полузатворениот пазар, околу објектот земјоделски и сточарски производи продаваат многу луѓе од селата. Таква слика со стотици импровизирани тезги на денот има и кај Женскиот пазар на патот кон Попова Шапка.
Овие две недели нема да се дозволи пазарниот метеж, а општината ќе бара поддршка од полицијата и инспекцијата за спроведување на мерката за претпазливост.
„Одлучивме четвртокот како пазарен ден да не се одржи во Тетово, овој четврток. Сите пазари, отворени и затворени, тој ден нема да работат. Ќе бидат активни нашите комунални инспекции, побаравме поддршка од Државниот пазарен инспекторат, но исто така и од полицијата за да се одржи четвртокот без пазар како ден, имајќи го предвид фактот дека на тој начин ќе го намалиме дотокот на луѓе кои се собираат на тие места“, изјави градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.
Дневната раздвиженост низ градот само малку е намалена од порано, додека навечер граѓаните практикуваат да останат дома. Како во сите останати места, најфрекфрентно е околу продавниците и пазарите поради набавката на храна. Сепак, постојат и такви кои не прифаќаат да седат дома. Десетици се под полициска контрола дали ги почитуваат мерките за самоизолација дома, а веќе има и пријави до Обвинителството за прекршување на препораките од надлежните институции.
Тетовската градоначалничка апелираше повеќе да се биде дома отколку надвор.
„Што помалку излегуваме апсолутно повеќе овозможуваме овој процес помалку да се прошири. Секако дека не треба да правиме паника, но апсолутно треба да внимаваме многу. Целата оваа состојба нормално бара сериозност од сите нас како граѓани. Затоа сакам да се заблагодарам на граѓаните што повеќе би останале дома и помалку ги користат улиците на градот“, изјави градоначалничката Теута Арифи.
Во градот и селата веќе има и затворање на локали кои продолжиле со работа и покрај препораките. Сопственици на локали ќе се соочат со пријави до Обвинителството.