Достапни линкови

Вечните почивалишта вечен проблем во Тетово


Архива: Стари православни гробишта во Тетово.
Архива: Стари православни гробишта во Тетово.

Изградбата на објектот на капелата за православните гробишта во Тетово е завршена пред неколку месеци, но таа и натаму не е во функција. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Oпштина Тетово се сомневаат дека капелата не работи поради проблеми околу техничките стандарди, додека градоначалничката на Тетово Теута Арифи уверува дека комуналното претпријатие наскоро ќе го стави објектот во функција.

Се чекаше со децении да се изгради, а сега кога објектот е готов со месеци се очекува капелата при православните гробишта во Тетово да почне да функционира.

Уште од летото минатата година, завршија градежните работи и објектот беше готов. Сепак цело време од тогаш и сега преку големите надворешни прозорци може да се види дека во внатрешноста нема ништо и не е во функционална состојба.

Иако во декември на седница на Советот на Oпштина Тетово капелата беше предадена на владение на јавното комунално претпријатие, објектот се уште не е пуштен во употреба.

Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ поставува повеќе прашања до општината, сомневајќи се дека не е сè во ред со потребните технички стандарди за почнување со работа на ваков објект.

„Какво е сообраќајното решение околу паркирањето и пристапот до и од градската капела, дали се исполнети сите технички стандарди за ваков вид објект. Според експертите кои ги консултиравме овој објект не ги задоволува ниту минималните технички стандарди, дали е точно дека ЈКП Тетово нема предвидено средства за стопанисување со капелата. Дали е точно дека самиот надзорен инженер на овој проект изразил бројни забелешки од технички смисла. Како тоа недовршен објект се предава во сопственост на комунално претпријатие. Во јавната книга каде се запишуваат правата на недвижности овој објект не е запишан како таков, дали на овој начин како дивоградба се предава на комуналното претпријатие да стопанисува со него“, вели Александар Велјановски, координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ.

Капелата за православните гробишта во Тетово.
Капелата за православните гробишта во Тетово.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи нема конкретен одговор која е причината да не работи капелата. Вели дека надлежното комуналното претпријатие ќе го стави објектот во функција.

„Од информациите што ги имам од директорот на ЈКП тие веќе ги имаат исконтактирано тие компании со кои работат во однос на реализирање на погребалните услуги така да во однос ниту на техниката, ниту на ништо друго, нема ниедна пречка тоа да функцинира и сметам дека тоа е едно големо олеснување за граѓаните. За нас тоа е работа што цениме дека е завршена и апсолутно ЈКП после последната седница на советот има обврска да го стави во функција и тоа да биде во полза на граѓаните“, рече градоначалничката.

Православните верници со децении се соочуваат со повеќе предизвици кога станува збор за погребувањето. На гробиштата во Тетово одамна нема место, а новата локација во селото Фалише десетина години се користи иако е неуредена и без потребната инфраструктура.

XS
SM
MD
LG