Достапни линкови

МНТ тргнува во потрага по „Патиштата на хероите“


Од прес конференцијата за меѓународниот проект „Патиштата на хероите“ во МНТ во Скопје
Од прес конференцијата за меѓународниот проект „Патиштата на хероите“ во МНТ во Скопје

„Патиштата на хероите“ е насловен заедничкиот проект на МНТ со уште шест организации од пет партнерски земји: Италија, Грција, Босна и Херцеговина, Словенија и Србија. Овој комплексен зафат ќе се одвива во наредниве две и пол години и финансиски е поддржан од „Креативна Европа“.

Македонскиот народен театар во новата 2021 влегува со громогласна најава за две и пол годишен интернационален проект кој во основа се бави со поединецот како најбитниот чинител на било која општествена промена и кој финансиски е поддржан од „Креативна Европа“, програма во рамките на Европската Унија. Имено, „Патиштата на хероите“ претставува зафат кој нашата национална институција како носител ќе го реализира со уште шест организации од пет партнерски земји. Во него со своите идеи и однапред договорени задачи ќе партиципираат La Dramaturgie од Италија, Loop од Грција, Студио Театар од Босна и Херцеговина, Институт за театарска игра од Словенија, Exo Animato од Србија и Издавачка куќа „Гаврош“ од Македонија.

Како финален производ на проектот, во 2022 година, ќе биде премиерата на копродукцијата „Народен непријател“ на Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ во која ќе учествуваат автори од сите партнерски земји, а во изведба на актери од ансамблот на МНТ.

Тие преку својот уметнички пристап кон проблемот на социјална апатија и отсуство на делување, ќе се обидат да понудат начини на кои ќе се влезе во костец со него, притоа фокусирајќи се на најзагрижувачкото прашање за кое е потребно нивното, односно нашето човечко дејствување и тоа веднаш, а тоа е околината.

Од таму и прашањата како: Дали е потребно да ја видиме бојата на воздухот што го дишеме за да дејствуваме?

Како да се придвижиме напред/поместиме/го надминеме/мрднеме од чувството на безнадежност?

И, потем кон нив уште појаснувањето дека проектот „Патиштата на хероите“ нуди различни можности за изнаоѓање на независно делување и одговорност во време на климатска криза.

Во натамошното експликација организаторите на проектот и со забелешка дека тие собираат факти, но дека сепак и натаму остануваат отворени дилемите „што да прават со тие факти“, „како да дејствуваме како поединци и заедница“, „како да се справуваме со климатската криза од политички, социјален и емоцијален аспект“, „како да го направиме првиот чекор на тој пат“.

Постојат голем број поединци кои веќе дејствуваат за доброто на заедницата, но не се доволно видливи. Проектот ќе им придаде големо значење и ќе ги сподели нивните приказни со цел да се инспирираат самите заедници да трагаат по сопствените Патишта на хероите. Инспирирани од драмата на Ибзен „Народен непријател“, којашто го истражува влијанието на поединецот врз заедницата и обратно, нашиот главен интерес е да ги доближиме приказните на овие таинствени херои до меѓународната публика, вели режисерката Нина Николиќ.

Режисерката Нина Николиќ на прес конференцијата за интернационалниот проект „Патиштата на хероите“

Таа истакнува дека идејата е да бидат искористени добро познатите медиуми за комуникација како театар, видеа, претстави на отворено, изложби, илустрирани книги за деца и онлајн кампањи.

Благој Веселинов, како актер на ансамблот на МНТ, ќе рече дека е навистина среќен што е еден од учесниците во овој проект и што откако наново го прочитал „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен заклучил дека неговата актуелност во современието нималку не изгубила на сила. Напротив.

Текстот е напишан пред повеќе од еден век, но неговата актуелност особено денес е застрашувачка. Дејствието се случува во провинција каде работи еден индустриски капацитет кој од една страна им обезбедува егзистенција на граѓаните, а од друга стсрана ги труе. Ги убива. И, потем доаѓа моментот кога самите граѓани на тоа место треба да одлучат дали и натаму ќе остават да работи капацитетот и ќе умрат од неговото загадување или ќе го затворат и ќе умрат од глад. Ова е нешто што добро ни е познато не само на нас овде, туку и воопшто во регионот и пошироко, смета Веселинов.

Видео обраќање на грчката Loop на прес конференцијата за проектот „Патиштата на хероите“ во МНТ

Ника Гавровска,во името на „Гаврош“ од Скопје, појаснува дека иако станува збор за млада издавачка куќа со авторски изданија за деца тие се убедени дека ќе можат да одгховорат на предизвикот на овој сериозен интернационален проект. Дека природата на нивната работа ќе биде верижна и штом заврши истражувачкиот дел на Exo Аnimato од Србија кои се во потрага по вистински човечки судбини, тука фактички настапува „Гаврош“ и од сижеата на тие документирани видео материјали ќе се потрудат да го претворат тоа во фикција и од тоа да произлезе финалниот продукт – илустрирано изздание за деца на возраст од три до шест години, граница која е варијабилна во однос на поднебјето.

Ова издание е за деца, па така нашата публика се всушност вистинските исскрени читатели и во тоа се состои уникатноста на нашиот проект. Во тоа се состои и залогот. Можете да претпоставите и која е пораката што треба да ја оставиме за наредните генерации а тоа е дека секој од нас може да биде херој, вели Гавровска.

Инаку, во целата оваа приказна на интернационалниот проект „Патиштата на хероите“ е активно вклучен и ГРад Скопје, па така во март или април годинава, во зависност од временските услови, заедно со средношколците од „Раде Јовчевски Корчагин“ на кејот на Вардар, во близина на МНТ ќе се засадат дрвја, во обид да се раззелени простор

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG