Вести
Нов обид на САД за мировни разговори во Авганистан
Шефот на здружениот Генералштабот на САД, армискиот генерал Марк Мили неделава имал средба со талибанските власти во Катар, пред да се упати кон Авганистан на средба со авганистанските власти во обид да се откочат мировните разговори, објави денеска Асошиејтед прес (АП). Според објавеното генералот на 15 декември имал двочасовна средба со претставници на талибанската милитантна фундаменталистичка група која контролира големи делови на Авганистан и продолжува да војува против авганистанската централна влада и меѓународните сили кои сè уште се во земјата.
Мили на 16 декември отпатувал за Кабул за да разговара за мировниот процес со авганистанскиот претседател Ашраф Гани, чија влада е поддржана од меѓународната заедница, но се соочува со секојдневно насилство и длабоки поделби во авганистанското општество.
АП го цитира Мили, кој вели дека најважниот дел од дискусиите, и со двете групи, е за намалување на насилството. Според него „сè друго зависи од тоа.”
Мировните разговори меѓу талибанците и централната влада беа запрени и беа прекинати на почетокот на овој месец, три месеци откако започнаа и 10 месеци по договорот меѓу преговарачите на САД и талибанците.
Талибанците ги продолжија своите напади врз авганистански и меѓународни цели во Авганистан и бараат прекин на воздушните напади на САД, кои во последните 10 месеци требаше да бидат ограничени на поддршка за авганистанските сили.
види ги сите денешни вести
Владејачката партија номинираше поранешен фудбалер за претседател на Грузија
Грузиската владејачка партија го избра поранешниот фудбалер на Манчестер Сити, Михаил Кавелашвили, за свој претседателски кандидат на изборите на 14 декември, објави денеска (27 ноември) претседателот на Грузиски сон, Бидзина Иванишвили.
Грузиски сон, партија која противниците го обвинуваат дека за заземање проруски авторитарен став, победи на парламентарните избори на 26 октомври, но опозицијата не ги прифати резултатите.
Демонстранти го оспорија новиот состав на парламентот во пресрет на неговата прва седница одржава во понеделникот, а изборниот исход не го прифаќа ниту прозападната претседателка Саломе Зурабичвили, која го повика Уставниот суд да ги поништи резултатите.
И покрај тоа, грузиските парламентарци се состанаа во вторник за да го одредат 14 декември како датум за следните претседателски избори.
„Нашиот тим едногласно одлучи да го номинира Михаил Кавелашвили за функцијата претседател на земјата“, рече во средата почесниот претседател на Грузиски, сон Бидзина Иванишвили, нарекувајќи го поранешниот фудбалер „инкарнација на грузискиот човек“.
Таткото на четири деца, 53-годишниот поранешен фудбалер, кој играше за англискиот тим Манчестер Сити меѓу 1996 и 1999 година, влезе во политиката во 2016 година кога стана пратеник од партијата Грузиски сон.
Откако го напушти Грузискиот сон во 2022 година, тој ја основа својата десничарска евроскептична партија „Моќта на народот“.
За време на неговата фудбалска кариера, покрај за Манчестер Сити, играше и за грузиската репрезентација и за Динамо Тбилиси.
По спорните парламентарни избори на 26 октомври на кои владејачката партија извојува убедлива победа, Грузија ја тресат протести.
Зурабичвили, опозициските партии и независните набљудувачи велат дека изборите биле наместени.
Претседателските избори треба да се одржат на 14 декември.
За прв пат, идниот претседател ќе го избира избирачкиот колеџ наместо граѓаните во непосредно гласање. Ваквите измени беа воведени од партијата Грузиски сон со промена на Уставот во 2017 година.
Овие избори, се смета дека имаат за цел да ја зајакнат контролата на владејачката партија во време кога поранешната советска република минува низ период на политички турбуленции.
Инаугурацијата на идниот претседател ќе се одржи на 29 декември.
Австралија на чекор да ги забрани социјалните мрежи за помлади од 16 години
Долниот дом на австралискиот парламент со големо мнозинство го поддржа законот со кој на децата до 16 години им се забранува користење на социјалните мрежи.
Предлог-законот што денеска (27 ноември) го усвои Претставничкиот дом ги таргетира платформите на социјалните медиуми како ТикТок, Фејсбук, Инстаграм и Икс и предвидува казни до 50 милиони австралиски долари доколку не ја почитуваат забраната.
Откако беше усвоен со 103 гласа „за“ и 13 „против“, законот сега оди во Сенатот, каде исто така се очекува да помине со поддршка од најголемите партии во Австралија.
Опозицискиот пратеник Ден Техан рече дека владата се согласила со амандманите поднесени во Сенатот со кои ќе се зајакне заштитата на приватноста на корисниците на социјалните мрежи, вклучително и забрана за платформи кои ги принудуваат корисниците да се идентификуваат со личен документ од владата.
Ако се изгласа законот, социјалните мрежи ќе имаат една година да размислуваат како да се придржуваат до наредбата.
Иако забраната наиде на широка поддршка во парламентот, некои опозициски пратеници тврдат дека законот не решава многу од основните проблеми со социјалните медиуми, а во исто време ги ограничува правата на Австралијците.
„Вистинската цел на овој предлог-закон не е да ги направи социјалните медиуми безбедни, туку само родителите и гласачите да почувствуваат дека владата прави нешто во врска со тоа“, смета независната пратеничка Зои Даниел.
Технолошките компании, пак, ја повикаа австралиската власт да го одложи гласањето најмалку до јуни следната година, кога треба да бидат објавени резултатите од направената студија за технологиите за верификација на возраста.
„Во отсуство на такви резултати, ниту индустријата ниту Австралијците нема да ја разберат природата или степенот на верификација на возраста што го бара законот, ниту влијанието на таквите мерки врз Австралијците“, се вели во соопштението на компанијата Мета, која управува со Фејсбук и Инстаграм.
„Во сегашната форма, предлог-законот е неконзистентен и неефикасен“, додаваат оттаму.
Забраната на социјалните мрежи беше критикувана и од Амнести интернешенел и од австралиската комесарка за човекови права, Лорејн Финлеј, која рече дека тоа ќе ги лиши ранливите деца од социјална сигурност.
Укинат притворот на поранешниот српски министер Весиќ за несреќата во Нови Сад
Укинат е притворот на поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, кој беше уапсен поради падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад од што загинаа 15 лица, соопшти денеска (27 ноември) Вишиот суд во Нови Сад.
„Вонистражниот совет на Вишиот суд во Нови Сад, одлучувајќи по жалбите на Вишото јавно обвинителство и бранителот на осомничениот, му го укина притворот на осомничениот Горан Весиќ. Имајќи ја предвид наредбата за истрагата, како и доказите доставени од Вишото јавно обвинителство во Нови Сад кои се дел списите на предметот, судот утврди дека засега не постои основано сомнение дека сторил тешко кривично дело против општата безбедност“, се вели во соопштението на Вишиот суд.
Според судот, јавниот обвинител досега не доставил докази кои укажуваат на постоење на основано сомнение за причинско-последична врска помеѓу дејствијата и пропустите на осомничениот Горан Весиќ со последиците што настанале.
„Советот оцени дека жалбените наводи на Вишото јавно обвинителство за постоење опасност од влијание врз сведоци и другите стравови се бесмислени, па му го прекина притворот на осомничениот Горан Весиќ и нареди тој веднаш да биде пуштен на слобода“, соопшти Вишиот суд во Нови Сад.
Весиќ, кој поднесе оставка по падот на настрешницата на железничката станица, беше уапсен на 21 ноември.
Под сомнение дека се одговорни за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, уапсени се уште 12 лица, меѓу кои и членката на кабинетот на Весиќ Анита Димоски, директорката на Инфраструктура железници Јелена Танасковиќ и нејзиниот претходник Небојша Шурлан.
Горан Весиќ и Небојша Шурлан поради здравствени проблеми од притвор беа пренесени на Институтот за кардиоваскуларни заболувања во Сремска Каменица.
Кос: Очекувам Северна Македонија да ги направи уставните измени
Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, очекува Северна Македонија да ги направи потребните уставни измени и да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.
Нејзината порака за земјава таа ја испрати денеска од Стразбур одговарајќи на новинарски прашања веднаш откако Европскиот парламент ја изгласа неа и уште 25 други комесари да бидат дел од новиот состав на Европската комисија.
„Тоа е нешто на коешто сметаме. Ништо помалку, ништо повеќе. Верувам дека тоа е можно и после тоа навистина да го забрзаме процесот“, нагласи Кос, пренесе МИА.
Прашана дали после направени уставни може да се дадат гаранции дека ќе нема други блокади, Кос рече дека таа не е онаа којашто може да даде одговор на тоа прашање.
Во однос на тоа како може да се реши проблемот со Бугарија, новата еврокомесарка рече дека треба да се разговара што е можно повеќе.
„Да се зборува, што е можно повеќе, и со Северна Македонија и со Бугарија. Мора да покажеме дека тоа е во наши раце, како да го решиме овој билатерален проблем. Без ова, а следејќи ги европските вредности, нема да можеме да го направиме она што е најдобро за ЕУ, и секако што е најдобро за Северна Македонија“, рече Кос.
Таа оцени дека проширувањето денес е поинакво отколку пред пет години. Според неа, постојат реални шанси во следните години, некои држави да дојдат до влезат во ЕУ. Кос посочи дека не знае кои би биле тие потенцирајќи дека ќе станува збор за оние што ќе ги исполнат сите услови.
А околу тоа дали 2030 година е реална временска рамка за влез на Западен Балкан во ЕУ, таа кажа дека нејзиното назначување ќе биде позитивно за регионот.
„Моето назначување мислам дека е позитивно за Западен Балкан, ќе имам блиска и тесна соработка колку што е можно повеќе со државите кои се подготвени да влезат во ЕУ. Да ги посетам сите“, додаде Кос.
Новата еврокомесарка за проширување е од Словенија, таа на функцијата ќе го наследи Унгарецот Оливер Вархеји.
Мандатот на новиот состав Европска комисија ќе започне на 1 декември.
Владата во Скопје, која по изборите во мај ја формираше ВМРО-ДПМНЕ, пред да направи уставни измени сака да добие гаранции дека ќе нема други условувања и вета од Бугарија во пристапниот процед кон ЕУ. Исто така, сака уставните измени да се направат, но да бидат со одложено дејство – да стапат во сила во моментот кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска (27 ноември) посочи дека тие ги дефинирале црвените линии и нема да се поместат од тоа.
„Нема да бидеме жртва на билатерализација на процесот на приклучување на Македонија кон ЕУ. Ние кажавме што можеме да направиме и тоа е максимумот што можеме да го направиме. И тоа е кажано на сите светски фактори, на сите луѓе коишто одлучуваат генерално или имаат некаква улога во светската политика“, изјави Мицкоски.
Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес Северна Македонија на 19 јули 2022 година. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
Затворениот поранешен руски пратеник Горинов се соочува со ново судење
Ново судско рочиште против затворениот поранешен руски пратеник, Алексеј Горинов започна на 27 ноември пред рускиот воен суд. Горинов е познат по неговите отворени критики за војната на Русија против Украина.
Пред да започне сослушувањето, Горинов на лист хартија покажа рачно нацртана порака во која пишува: „Престани да убиваш. Ајде да ја запреме војната“.
Кога обезбедувањето во судницата се обидоа да го одземат импровизираниот плакат, Горинов одби да го предаде, велејќи дека не крши никакви прописи и инсистираше на тоа дека обезбдувањето мора формално да ја документираат заплената.
Запрашан за неговото здравје пред седницата, Горинов откри тековни борби со болеста.
„Нема достапен третман“, рече тој, додавајќи дека се потпира на психотерапија.
„Не разбирам зошто целат на обичен човек како мене“, изјави тој.
Неговата адвокатка, Аљона Савељева, рече дека Горинов боледува од бронхитис, што го отежнува неговиот транспорт до судот и времето поминато во ладни простории. 63 годишниот Горинов во јули 2022 година беше осуден на седум години затвор за ширење „лажни вести“ за руската војска поради неговото јавно противење на руската инвазија на соседна Украина.
Во октомври 2023 година, властите отворија нов случај против него, обвинувајќи го за „оправдување тероризам“ врз основа на наводни разговори со колеги затвореници за украинските војници.
За време на сослушувањето, Горинов категорично негираше каква било поврзаност со тероризмот.
„Јас сум далеку од каква било идеологија на тероризам. Јас сум посветен интернационалист и противник на војната и насилството, како што постојано го кажувам јавно во текот на мојот живот“, изјави тој.
Првичното обвинение против Горинов произлезе од антивоениот говор што го одржа на состанокот на градскиот совет во московската област Красноселски.
Тој беше првиот човек осуден според новиот руски закон за криминализирање на „лажните вести“ за војската, воведен откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Германија и Русија протераа новинари во услови на високи тензии
Двајца новинари на руската телевизија што се емитува во Германија Канал 1, дописникот Иван Благој и снимателот Дмитриј Волков биле известени дека треба да ја напуштат Германија до средината на декември. Ова го соопшти руската телевизија. Според нивното соопштение Москва како реакција на ова одлучила да им ги одземе акредитациите на двајца дописници од германската медиумска група АРД. АРД е здружение на германски јавни радиодифузери.
Рускиот дописник Благој на социјалните мрежи напиша дека германските власти одлуката за протерување ја оправдале со ставот дека тоа е „во интерес на безбедноста на Сојузна Република Германија“.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на прес-конференција на 27 ноември изјави дека Москва им ги укинала акредитациите на двајца дописници на АРД, велејќи дека „мораме да преземеме исти мерки“. Таа не даде повеќе детали.
Ова протерување е последното во серијата, која следуваше по ескалација на тензиите меѓу Русија и западните земји поради улогата на руските државни медиуми.
Откако Москва ја започна целосната инвазија врз Украина во февруари 2022 година, руските медиуми се соочија со забрани, ограничувања на пристапот до платформите на социјалните медиуми и обвинувања за ширење пропаганда.
Канал 1, радиодифузер на руски јазик популарен меѓу постарата публика во Русија и некои други поранешни советски републики, се најде под лупа поради неговото покривање.
Германските власти, наводно, го обвинија медиумот за ширење пропаганда и дезинформации меѓу дијаспората во Германија, која го зборува рускиот јазик а брои стотици илјади.
Обвинувањата вклучуваат тврдења дека каналот ја оправдува руската инвазија на Украина и ги прикажува бранителите на Украина како „нацисти“.
Протерувањето доаѓа по извештајот објавен од Благој на 24 ноември во врска со Николај Гајдук, германски државјанин, уапсен од руската Федерална служба за безбедност во октомври.
Во извештајот се наведува дека западните разузнавачки агенции, вклучително и ЦИА, биле вмешани во наводните дејствија на Гајдук нарачани од украинските специјални служби.
Русија постојано возвраќа на мерките насочени кон нејзините државни медиуми. По германската забрана во 2022 година за РТ, радиодифузер поддржан од Кремљ, Москва го затвори бирото на Дојче веле во Русија и ги укина акредитациите за германските новинари.
Германската влада јавно не ги објасни причините за нејзината одлука, но овој потег го нагласува зголемениот фокус на дезинформациите како закана за националната безбедност.
Канал 1 тврди дека неговите новинари ги почитувале германските закони и ги обвиниле властите дека користат нејасни обвинувања за да ги задушат алтернативните наративи.
Изгласан новиот состав на Европската комисија, мандатот го почнува на 1 декември
Европскиот парламент (ЕП) со мнозинство гласови го изгласа составот на новата Европска комисија (ЕК) за следниот петгодишен мандат кој ќе започне на 1 декември.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за која ова ќе биде втор мандат на чело на извршната институција на Европската унија (ЕУ), пред гласањето го претстави составот кој го сочинуваат 26 нови еврокомесари.
На пленарната седница на ЕП за време на презентацијата, фон дер Лејен вети дека Комисијата ќе се заложи за посилна и побезбедна Европа, која ќе ги зголеми инвестициите во одбраната и ќе продолжи да работи на намалување на загадувањето на животната средина, дигитализацијата и зголемувањето на конкурентноста на европската економија на глобалната сцена.
Гласањето за новиот состав на ЕК следуваше откако беше постигнат договор меѓу главните пратенички групи во ЕП за имињата на 26-те комесари, додека во текот на летото беше постигнат договорот Фон дер Лајен повторно да биде на чело на Комисијата.
Новите еврокомесари претходно поминаа низ сослушувања во соодветните комисии на Европскиот парламент и секој од нив доби поддршка за извршување на функцијата во областа што му беше доделена.
Претседателката на ЕК при своето излагање истакна дека во ЕУ место имаат и земјите кандидатки од Западен Балкан и од источна Европа.
Таа, исто така, подвлече дека процесот на проширување ќе продолжи со почитување на принципот на индивидуална заслуга на земјите кандидатки во реформскиот процес.
Две жени на чело на европската политика во регионот
Со регионот на Западен Балкан во новиот состав на ЕК ќе се занимаваат Марта Кос од Словенија, која ќе биде комесарка за проширување и Каја Калас од Естонија, која ќе биде на чело на надворешната политика на ЕУ. Во нејзиното портфолио е и процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово.
За време на сослушувањето во ЕП на почетокот на ноември, Марта Кос потврди дека ќе се погрижи патот кон пристапувањето во ЕУ да остане целосно заснован на заслуги и дека нема да „го компромитира квалитетот на сметка на брзината“.
Идната шефица на европската дипломатија, Каја Калас, на сослушувањето потврди дека ќе се заложи за зајакнување на безбедноста на ЕУ, како и дека ќе соработува со соседите кои споделуваат заеднички вредности и аспирации за членство во Унијата.
Антонио Коста на чело на Европскиот совет
Истиот ден кога ќе започне мандатот на ЕК, 1 декември, поранешниот португалски премиер Антонио Коста ќе ја преземе функцијата претседател на Европскиот совет – највисоката политичка институција на ЕУ.
Меѓу првите активности на Коста на чело на Советот на ЕУ е работната вечера со лидерите на Западен Балкан, која ќе ја организира практично на вториот ден од функцијата. Вечерата ќе биде организирана во вторник, 3 декември.
Вечерата се одржува со цел за подготовка на претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи на 18 декември во Брисел и со кој првпат ќе претседава Коста.
Како што објаснија официјални лица во Брисел, со оваа средба Коста сака да испрати сигнал до Западен Балкан дека регионот и процесот на проширување ќе ги смета за приоритет во текот на неговиот мандат.
Уапсени околу 1000 приврзаници на Кан на протестот во Исламабад
Полицијата уапси речиси 1000 приврзаници на Имран Кан додека безбедносните сили го растурија масовниот протест во Исламабад со барање за ослободување на затворениот поранешен пакистански премиер, соопшти полицијата на 27 ноември.
Шефот на полицијата во Исламабад, Сајед Али Насир Ризви, на прес-конференција изјави дека 19 авганистански државјани се меѓу 954-те демонстранти уапсени од пакистанските безбедносни сили во последните три дена.
Демонстрантите, кои со денови маршираа кон Исламабад од упориштето на Кан во провинцијата Кибер Пахтунхва на северозапад, беа растерани и главниот град беше исчистен за време на опсежна полноќна рација на пакистанските безбедносни сили.
Ризви рече дека полицијата користела само несмртоносни средства во текот на ноќта.
Пакистанската партија на Кан, Техрик-е Инсаф (ПТИ) издаде соопштение на платформата Х во кое се вели дека протестот, за време на кој најмалку шест лица биле убиени, во моментот е суспендиран и ја обвини владата за бруталност.
Партиските претставници соопштија дека сопругата на Кан, Бушра Биби, и главниот министер на Хајбер Пахтунхва, Али Амин Гандапур, клучен сојузник на Кан, „безбедно“ се вратиле во провинцијата од Исламабад по репресијата на безбедносните сили.
Демонстрантите, од кои некои биле вооружени со стапови и стрели, биле успешно растерани откако пакистанската војска се распоредила во главниот град претходно на 26 ноември.
Министерот за внатрешни работи на Пакистан, Мошин Накви најави дека училиштата повторно ќе бидат отворени на 27 ноември и сите патишта ќе бидат расчистени. Министерот исто така рече дека деталите во врска со вмешаноста на авганистанските државјани во протестот ќе бидат споделени со медиумите на 27 ноември, додавајќи дека „е донесена важна одлука за авганистанските државјани“, која ќе биде објавена во следните неколку дена.
ПТИ на X тврдеше дека полицијата во Исламабад пукала директно кон демонстрантите. Главниот град беше затворен од доцна на 23 ноември, а мобилните интернет услуги беа спорадично прекинувани.
Градската администрација на Исламабад минатата недела објави двомесечна забрана за јавни собири, но конвоите на приврзаници на Кан патуваа од провинцијата Кибер Пахтунхва од 25 ноември и беа решени да влезат во градот.
Главното барање на ПТИ е ослободување на Кан, кој беше премиер од 2018 до 2022 година.
Седумдесет и двегодишната поранешна крикет ѕвезда, кој стана политичар, е во затвор повеќе од една година и се соочува со повеќе од 150 кривични случаи, иако ужива огромна популарност меѓу Пакистанците. ПТИ тврди дека случаите се политички мотивирани.
ОБСЕ: Загрижува нивото на незаинтересираност на жените за учество во политичкиот живот на државата
Загрижувачко е нивото на неамбициозност и незаинтересираност на жените да учествуваат во политички живот на државата, истакна Александра Јовевска Ѓорѓевиќ, која го изработи истражувањето на ОБСЕ „Учество на жените од заедниците во политичкиот и јавниот живот во Северна Македонија“.
Ова, како што рече Ѓорѓевиќ, се препишува на „стегите кои се присутни во нашето општество и ги обесхрабруваат жените да го преземат тој кариерен пат во нивниот живот“.
Според истражувањето, само 12 проценти од Албанките и седум проценти од Македонките имаат некаква видна функција во политичката партија, додека останатите се сведуваат на општо членство во самата политичка партија.
Околу 10 проценти од жените од немнозинските заедници членуваат во некоја политичка партија. Оваа процентуалност, според истражувачката, е многу ниско ниво.
Како главни препораки во студијата се дека политичките партии треба значително да го подобрат нивото на вклучување на жените, особено на жените од немнозинските заедници во своите редови.
Неопходно е и да се инвестира во капацитетите за надминување на тие општествени стеги кои жените ги искусуваат во нивниот кариерен пат.
Фрлени рачни бомби во полициската станица во Звечан
Косовската полиција соопшти дека неколку минути пред полноќ на 26 ноември, непознати лица фрлиле две рачни бомби во дворот на полициската станица во Звечан на северот на Косово.
„Од експлозијата причинета е материјална штета, но повредени нема“, се наведува во соопштението од косовската полиција.
Се додава дека надлежните единици извршиле истрага, а информирана е и Единицата за тешки кривични дела која работи на откривање на сторителите на овој напад.
Известен е и државниот обвинител кој го отворил случајот за „предизвикување општа опасност“.
Овој напад на полициската станица во Звечан доаѓа еден ден откако косовскиот премиер Албин Курти го постави камен-темелникот за изградба на полициска трафостаница на територијата на таа општина, во селото Извор. Оваа полициска трафостаница, како што е најавено, треба да ја опслужува граничната полиција на Косово.
Претходно, на 23 ноември беше поставен камен-темелник за изградба на трафостаница на мостот на реката Бистрица, кој се наоѓа на главниот пат кој води до граничниот премин Јариње. На тој пункт се наоѓаат припадници на специјалната и редовна полиција на Косово.
Припадниците на српската заедница кои го сочинуваат мнозинското српско население на северот на Косово се против изградбата на полициски станици или бази со образложение дека се изложени на „притисок и дискриминација“ од страна на припадниците на полицијата.
Исто така, српскиот граѓански сектор деновиве бара меѓународната заедница да се занимава со поплаките на граѓаните за однесувањето на косовската полиција, со оценка дека тие се „непрофесионални“ и „заплашени“.
Инаку, фрлањето бомби во дворовите и палењето автомобили не се ретки случаи на северот на Косово во последните години. Во периодот на пререгистрација на возила од српски на косовски таблички се евидентирани повеќе такви случаи.
Повеќегодишната криза на северот на Косово кулминираше кога во септември минатата година вооружена група Срби ја нападна косовската полиција во селото Бањска во општина Звечан и уби полицаец. Косово го окарактеризира овој напад како терористички чин и ја обвини Србија дека стои зад него, што Белград го негираше.
Одговорноста за нападот во Бањска ја презеде поранешниот политичар и бизнисмен од северот на Косово, Милан Радоичиќ, кој е на црната листа на САД и Велика Британија поради корупција и организиран криминал.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете