Достапни линкови

Србија се премисли - не го протерува амбасадорот на Црна Гора


Александар Вучиќ
Александар Вучиќ

Србија еднострано ја повлече одлуката за протерување на црногорскиот амбасадор Тарзан Милошевиќ од земјата, Пред оваа одлука, премиерката Ана Брнабиќ имаше состанок со претседателот Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ.

„Претседателот Александар Вучиќ ја разбира и поддржува оваа одлука, бидејќи е во согласност со Виенската конвенција и протоколите. Но, ни кажа дека конвенциите се важни, но оти животот и нашето пријателство со Црна Гора се поважни“, рече Брнабиќ.

Србија ден претходно му го прекина гостопримството на амбасадорот на Црна Гора, откако Црна Гора го прогласи српскиот амбасадор во Подгорица за персона нон-грата.

Брнабиќ потсети дека тоа е сторено во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи.

Вучиќ побара од владините претставници да ја преиспитаат оваа нивна одлука во желба Србија уште еднаш да подаде рака на соработка и пријателство, бидејќи во регионот имаше многу конфликти.

„Направивме добра работа за Србија. Не треба да се однесуваме како овни на рид и да ја покажуваме својата сила. Наша работа е да покажеме дека сакаме пријателски, најдобри можни и братски односи со Црна Гора. Мислам дека нашата одлука ќе придонесе за создавање подобра атмосфера. и поголеми одговорности во меѓусебните односи“, рече Вучиќ.

За откажувањето од протерувањето на црногорскиот амбасадор Тарзан Милошевиќ, како што изјави премиерката Брнабиќ, биле консултирани претставниците на српскиот народ во Црна Гора, кои ја поддржале ваквата сменета одлука.

Во Хрватска обвинети 18 лица за фалсификување документи за мафијаши од Србија и Црна Гора

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји ја поздрави одлуката на Владата на Србија да не го откаже гостопримството на амбасадорот на Црна Гора и ја повика официјална Подгорица да го направи истиот потег.

Здравко Кривокапиќ, мандатар за состав на новата влада на Црна Гора, Подгорица, 27 ноември 2020 година.
Здравко Кривокапиќ, мандатар за состав на новата влада на Црна Гора, Подгорица, 27 ноември 2020 година.

Во меѓувреме, мандатарот за премиер Здравко Кривокапиќ ја критикуваше одлуката на владата во заминување да го протера српскиот амбасадор само неколку дена пред планираната инаугурација на новиот, просрпски кабинет.

Кривокапиќ на Твитер напиша дека жали за протерувањето, објавено на 28 ноември, на српскиот амбасадор во Црна Гора, Владимир Божовиќ.

„Таквите дела не се во духот на европскиот пат и добрата регионална соработка на пријателските земји“, објави на Твитер Здравко Кривокапиќ.

Црногорците и дадоа ретка шанса на опозицијата - дали ќе ја искористи?

Тој изрази жалење што режимот во заминување, дури и во последните денови, не „бега од поларизацијата на општеството и продлабочувањето на поделбите“.

Министерството за надворешни работи на Црна Гора го наведе „долгото и континуирано мешање во внатрешните работи на Црна Гора“ како причина за прогласување на Божовиќ за персона нон грата.

Неколку часа подоцна, Србија го прогласи амбасадорот на Црна Гора за персона нон грата.

Црна Гора останува длабоко поделена меѓу луѓето кои бараат блиски врски со традиционалните сојузници Србија и Русија и оние кои гледаат на Црна Гора како независна држава сојузничка со Западот.

Црна Гора и Србија беа дел од заедничка држава пред црногорскиот референдум за независност во 2006 година.

Сега земјата е предводена од просрпска коалиција што треба да биде изгласана на седница на парламентот оваа недела по поразот во август на долгогодишната владејачка прозападна Демократска партија на социјалистите.

Најмоќната партија во коалицијата е Демократскиот фронт кој бара поблиски врски со Србија и Русија и е поддржана од Српската православна црква.

Нејзините партнери, сепак, инсистираат Црна Гора да остане на својот прозападен курс. Кривокапиќ вели дека новата влада ќе работи на подобрување на односите на Црна Гора со Србија.

„Ние ќе промовираме вистинска добрососедска политика со Белград, како и со сите во регионот, врз принципот на суверенитет, независност и немешање во внатрешните работи на другите земји“, објави на Твитер Кривокапиќ.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG