Достапни линкови

Кротење на српските „русофили“ или уште еден маневар на Вучиќ?


Александар Вучиќ, Владимир Путин и Ивица Дачиќ - комбинирана фотографија
Александар Вучиќ, Владимир Путин и Ивица Дачиќ - комбинирана фотографија

Новата српска влада исклучи двајца моќни поранешни министри кои имаа големи зделки со Русија. Дали тоа сугерира дека претседателот Александар Вучиќ ја врти страницата?

Кога на крајот на минатиот месец новата влада конечно доби скоро едногласна поддршка од пратениците во скоро еднопартискиот парламент на Србија, имаше многу познати лица. Претседателот Александар Вучиќ уште еднаш ја назначи Ана Брнабиќ, за премиер.

И покрај тоа што беа потребни четири месеци да се соберат по силно бојкотираните избори, владата со 23 члена е со измешан состав. Освен широко дискутираната вклученост на повеќе жени, главно врева се крена околу некои значајни исклучувања.


Руското министерство за одбрана отвори своја канцеларија во Белград

„Секако е зачудувачки што излегуваат некои клучни проруски гласови, особено Александар Антиќ министер за енергетика и Ивица Дачиќ, шеф на дипломатијата“, изјави Флоријан Бибер, директор на Центарот за студии за Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, Австрија.

Ивица Дачиќ, претседател на Собранието на Србија
Ивица Дачиќ, претседател на Собранието на Србија

Дачиќ (54) пред две години беше награден со медал Пушкин од рускиот претседател Владимир Путин за неговиот придонес во српско-руското пријателство. Антиќ (51) беше донесен од градската влада во Белград во 2013 година за да ги предводи влијателните министерства за транспорт, а потоа и за енергетика.

Двајцата се ветерани на Социјалистичката партија, која е во владата од 2012 година и која се смета за највлијателна проруска партија во Србија.

Вучиќ: Србија никогаш нема да воведе санкции врз Русија

„Новата влада без Ивица Дачиќ не може да се смета за влада во која има силен руски играч“, изјави за РСЕ политичкиот коментатор од Белград Цвијетин Миливојевиќ, додавајќи: „Секако Москва не е задоволна од тоа“.

Оддалечувањето од Москва може да има значителни последици за Србија, која се потпира врз круцијалната поддршка на Кремљ во противењето на признавањето на државноста на нејзината поранешна провинција, Косово и врз снабдувањето со природен гас.

Но, тоа исто така може да ја поткопа политичката и економска моќ на Москва.

Србија е најконзистентен руски политички и економски партнер на Балканот, каде што панславизмот сè уште значи нешто во некои делови.

Исто така е сојузник во руските напори за изградба на алтернативни цевководи за испорака на енергија во Западна Европа. Но, некои аналитичари велат дека иако е забележливо отсуството на неколку лица пријателски настроени кон Москва, тие се претпазливи да го опишат тоа како долгорочно преуредување.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и рускиот претседател Владимир Путин пред нивните разговори во Белград, 17 јануари 2019 година.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и рускиот претседател Владимир Путин пред нивните разговори во Белград, 17 јануари 2019 година.

Тие најчесто ова им го припишуваат на домашните политички битки на Вучиќ во услови на огромен сомнеж за неговите заложби за демократија и аспирации кон ЕУ.

„Ограничување на влијанието“ дома

Дачиќ, кој го доби прекарот „Мали Слоба“ според авторитарниот лидер Слободан Милошевиќ, не е целосно настрана. Но, набљудувачите велат дека неговата нова улога како претседател на парламентот е јасен пад.

Антиќ, кој како шеф на енергетското портфолио многу се занимаваше со Русија и гигантот Гаспром за да го задржи текот на природниот гас кон Србија е отстранет во целост.

Вучиќ - Се обидуваме да купиме ловци-бомбардери

Директен наследник на Комунистичката партија по 1990 година, нивната Социјалистичка партија сега контролира само две места во кабинетот, наместо претходните пет.

Дејан Бурсаќ, научен соработник на белградскиот Институт за политички студии, ова го нарече „значајно деградирање“ на партијата која „се смета за главна проруска партија во Србија“. „Но, ова исто така може да се смета како потег на Вучиќ да го ограничи влијанието на Социјалистичката партија, имајќи предвид дека само партијата на Вучиќ освои 75 проценти од местата во парламентот“, вели Бурсаќ.

Друг член на владата Александар Вулин, кој има значителен директен контакт со Русија го замени своето одбранбено портфолио за Министерството за внатрешни работи и многумина ова го опишуваат како де факто промоција.

Во секој случај, се чини дека Вучиќ ги поставува основите за поголема политичка консолидација во напорите за реизбор по неговиот сегашен петгодишен мандат.

Ана Брнабиќ го презентира своето излагање во Собранието на Србија, во кое ги презентираше приоритетите и програмата на новата Влада. Белград 28 октомври 2020 година
Ана Брнабиќ го презентира своето излагање во Собранието на Србија, во кое ги презентираше приоритетите и програмата на новата Влада. Белград 28 октомври 2020 година

Тој веќе и ги скрати крилјата на новата влада на Брнабиќ, најавувајќи пред време дека парламентарни избори ќе има повторно во 2022 година, за да се совпаднат со следните претседателски и локални избори.

„Ова е прилично привремена влада за некоја која има поддршка на 230 од 250 места во парламентот“, вели Маргарита Асенова, постар соработник во Фондацијата Џејмстаун, додавајќи; „Таа се соочува со големи „прашања на денот“, како реформа на владеењето на правото, реформи во судството, спротивставување на корупцијата и криминалот и инфраструктурни проекти покрај економијата која е тешко погодена од пандемијата. Последното што и треба е во доминираниот парламент да имаат проблеми во рамките на владата“.

Тешка година

Малкумина ќе оспорат дека вообичаените тесни односи Белград-Москва забележале некои груби падови во изминатата година. Руски шпионски скандал во ноември лани ги посрамоти српските заедници за одбрана и разузнавање, иако Вучиќ го отфрли како еден пример за „силната разузнавачка работа на многу земји што понекогаш се надминува пристојноста“.

Лавров ја откажа балканската турнеја


Српскиот претседател и другите високи функционери имаат поагресивни односи со, поттикнувајќи ги шпекулациите дека Кина може да ја замени Русија во некои од белградските планови.

Откако пост-изборните протести кои во јули избувнаа во Белград и другите градови, наидоа на полициска сила, таблоидите кои се пријателски настроени кон владата во Србија јавно навестуваа дека Москва некако стои зад немирите.

Ричард Гренел, специјален пратеник назначен од американскиот претседател и српскиот претседател Александар Вучиќ присуствуваа на церемонијата на потпишување по нивниот состанок во Белград, 22 септември 2020 година
Ричард Гренел, специјален пратеник назначен од американскиот претседател и српскиот претседател Александар Вучиќ присуствуваа на церемонијата на потпишување по нивниот состанок во Белград, 22 септември 2020 година

Во септември, Србија потпиша договор за економска нормализација со Косово со посредство на САД. Договорот, според некои набљудувачи, може да значи ограничување на влијанието на Москва врз Белград и Балканот.

„Постојат некои индикации дека Вучиќ става повеќе простор меѓу себе и Русија“, вели Бибер кој сепак додава: „Но, не мислам дека ова е долгорочен потег, туку повеќе тактичка промена“.

Автор на „Подемот на авторитаризмот на Западен Балкан“, Бибер го спореди јавното заладување на Вучиќ кон Москва со „примерот на Мило Ѓукановиќ“, кој ја водеше Црна Гора до независност и западна интеграција како нејзин претседател или премиер скоро три децении (иако тој претрпе изборен пораз во август).

„На Вучиќ му треба по лошите избори и демократското враќање назад, подобар про-западен „изглед“ кој би му помогнал да добие поддршка што може да ги прикрие овие недостатоци“, смета Бибер.

Поблиску до Вашингтон?

Вучиќ има меѓународни проблеми со кредибилитетот, со оглед на зголемената европска загриженост за демократско заостанување и изборите во јуни, на кои српските владејачки партии се натпреваруваа буквално без противници.

Пандемијата ги прекина едногодишните антивладини митинзи против неказнетите напади врз опозицијата, а Западот го осуди бруталниот полициски одговор на ерупцијата на јавниот гнев поради мерките за коронавирусот по изборите.

Европската унија неодамна ги обнови надежите на балканските земји за пристап со отворање преговори со Албанија и Северна Македонија, но малкумина очекуваат проширувањето да се одвива брзо или непречено поради разликите во самиот блок.

Брнабиќ опиша дека една од целите на новата влада е развој на односи со Брисел, а истовремено одржување рамнотежа во односите со Кина и Русија. Но, на тој пат претставниците на ЕУ тивко инсистираат на признавање на Косово од страна на Белград.

„Мислам дека Вучиќ се оддалечува од Русија, но со две важни забелешки: а) тој не се сели во Брисел, туку во Вашингтон и б) ги остава отворени неговите опции“, вели Бурсаќ, додавајќи:

„Брисел не е толку трансакциски како Трамп и не може да понуди нешто опипливо за возврат на српските отстапки во врска со Косово“. Но, Бурсаќ исто така наведува дека Вучиќ е „добар стратег и тој ги држи своите карти отворени“, можеби сметајќи дека администрацијата под новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден „нема да биде толку„мека“ кон Србија“.

Одржување на отворени опции

Без разлика дали е насочен кон Вашингтон или кон Брисел, аналитичарот Бибер смета дека за Вучиќ ќе биде „целосно ризично“ евентуалното трајно прозападното престројување.

Србија се повлекува од воената вежба во Белорусија

Тоа ќе го принуди на „вистински отстапки спрема Косово што за возврат ќе го намали неговиот простор за маневрирање и исто така ќе го насочи вниманието на Западот кон демократијата.

Во спротивно, тој ќе се врати на поблиските врски со Русија што е можно поскоро за да ги остави отворени неговите опции“.

Иако познатите русофили во рамките на Социјалистичката партија можеби се оставени надвор од новиот српски кабинет, тие се уште се близу до власта.

Ненад Поповиќ
Ненад Поповиќ

Во меѓувреме, Ненад Поповиќ - првиот добитник на Медал Пушкин во Србија – дојде како засилување во последен момент во кабинетот пред последното парламентарно гласање и покрај исклучувањето во претходните предлози.

Магнатот, кој ја основаше проруската Народна партија во 2014 година, има широки трговски врски со Русија и претседава со здружение за пријателство на српски и руски пратеници. Бурсаќ го опиша присуството на Поповиќ како „важен сигнал за Москва“.

„Надворешната политика на ’четирите столба на дипломатијата’ на Србија - нејзиниот однос со Европската унија, со Соединетите држави, со Русија и Кина - навистина не се променила откако е развиена, па не очекувам дека ова балансирање на односите ќе се промени“, вели Асенова.

Вучиќ долго време ги охрабруваше перцепциите дека Белград е помалку дипломатски потпрен врз Русија отколку што мисли Западот, од неговиот избор за претседател во 2017 година со 55 проценти од гласовите.

„Ако некој може да ги промени работите за Србија денес, тоа е Вучиќ“, смета Асенова.

Но, додека руската економска помош за Србија е ограничена, врските остануваат силни во голем број други области. Белград продолжи да купува руско оружје, вклучително и набавки што Западот ги обесхрабруваше. Таа соработува на гасоводот Балкански тек на кој се спротивстави Европската унија.

Србија се обврза на слободна трговија со Евроазиската економска унија предводена од Русија по повеќе дипломатски знаци дека проширувањето на ЕУ е во мирување.

И српските власти дозволија руски „хуманитарен центар“ во Ниш за кој западните разузнавачи се сомневаат дека е дипломатски шпионски објект.

На прашањето дали станува збор за изолација на проруските кадри во Србија Асенова вели: „Мислам дека и самиот Вучиќ прилично ја поддржува Русија“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG