Србија и нејзините соседи Косово и Албанија западнаа во горчлив дипломатски спор откако официјални лица во Белград понижувачки зборуваа во врска со напорите да се пронајдат остатоците на жртвите на балканскиот судир пред две децении.
Српскиот министер за одбрана Александар Вулин го употреби зборот „шиптар“ за Албанците најмалку шест пати во официјалните соопштенија во текот на минатиот месец.
Тој го искористи навредливиот термин и по заедничката средба меѓу албанската и косовската влада и ја обвини Тирана дека спроведува политика на „Голема Албанија“ што го загрозува регионалниот мир.
Србија испрати протестна нота на Албанија
„На шиптарите им е дозволено да се обединат и да заземаат туѓи територии, но Србите не смеат да се обединуваат дури и во нивната земја“, беше цитиран Вулин на веб-страницата на Министерството за одбрана на 2 октомври.
Тој додаде дека албанскиот премиер Еди Рама ќе остане запаметен повеќе по „искинатите чорапи“ отколку по светлите идеи и дека му недостасува „мозок“.
Исто така во минатата недела, министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, во едно телевизиско интервју постави прашање: „Што да правиме со Србите кои покажуваат каде се погребани Албанците низ цела Србија?“
Србија и Косово водеа крвава војна кон крајот на 90-тите години, која на крајот ги принуди западните сили за да ги заштитат етничките Албанци од југословенските воени и безбедносни сили. Во борбите во 1998-1999 година загинаа илјадници лица.
Во јули, Белград и Приштина изразија желба да ги отворат своите архиви за време на војната - вклучувајќи ги и досиејата на српската полиција и документите од герилската Ослободителна војска на Косово - за да се помогне во лоцирањето на исчезнатите лица од тој конфликт.
Изјавите на Вулин и Дачиќ предизвикаа шок и гнев во Приштина и Тирана, како и барање српскиот претседател Александар Вучиќ да се огради од коментарите на министрите.
На 3 октомври, присутните на состанокот зад затворени врати меѓу претставниците на НВО и Вучиќ изјавија дека српскиот претседател им оддал почит на етничките Албанци и другите жртви на војната во Косово. Учесниците рекоа дека Вучиќ учествувал во моментот на тишина за етничките Албанци убиени од српските сили чии остатоци беа пронајдени во масовна гробница кај Батајница, близу Белград.
Но, Вучиќ подоцна ги заобиколи прашањата во врска со коментарите на Вулин и Дачиќ, велејќи дека тој не ја следи секоја изјава од Тирана и Приштина делумно затоа што „особено луѓето од Приштина, сè што прават, прават за внатрешната политика“.
Стар проблем
Вербалниот спор го потенцираше постојаното јавно исмевање од страна на српските власти и медиумите на Албанците.
Косовската Влада ќе основа Канцеларија за Прешевската долина
Низ поголем дел од Балканот, ваквите непријателства продолжуваат да го попречуваат помирувањето и регионалната интеграција со децении по етничките конфликти во кои загинаа повеќе од 100.000 луѓе низ поранешна Југославија.
„Шиптар“ потекнува со едноставно исфрлање на „к“ од албанскиот ендоним Шкиптар.
Рутински се користи од некои балкански Словени, особено, за да се оцрнат етничките Албанци како инфериорни или примитивни.
На некој начин слично на „нигер“ во Соединетите држави, „шиптар“ понекогаш се користи и меѓу самите Албанци. Судот во Белград во 2018 година заклучи дека зборот е навредлив и клеветнички.
Апелациониот суд го смета за говор на омраза што подразбира дека неговата употреба е поткопување на српските национални интереси.
Поранешниот српски комесар за заштита на еднаквоста, Бранкица Јанковиќ, изјави за РСЕ дека употребата на овој збор е неоспорно кршење на законот.
Во Србија има околу 50.000 или етнички Албанци, многу од нив во и околу градовите Бујановац и Прешево.
Етничките Албанци некогаш живееле низ цела Југославија како дел од концептот на лидерот Јосип Броз Тито за „братство и единство“.
Но, расположението се промени откако Југославија започна да се распаѓа во 1991 година.
Миљазим Красниќи, професор по новинарство на Универзитетот во Приштина, вели: „Косово не создаде механизми за спротивставување и осудување на овој фашистички дискурс што доаѓа од српските медиуми и политика“.
Красниќи додава дека многу Албанци од Косово се откажале од непристојниот израз „шкијет“ за Србите. Според него, тоа било „тежок процес на деконтаминација на националистичкиот и екстремистичкиот дискурс“ меѓу околу 2 милиона жители на Косово.
Горчлива позадина
Цврстото одбивање на Србија да ја признае декларацијата за суверенитет на Косово во 2008 година е во срцето на неколкуте проблеми за интеграција во Европа и ОН за двете земји.
Една од најновите пречки е, наводно, барањето на Белград општините со мнозинско српско население во Косово да имаат свој претставник на преговарачката маса.
Борел - Европејците ќе ги решат односите меѓу Србија и Косово
Навредите на Вулин и Дачиќ исто така се појавија кога вршителот на должноста српски премиер Ана Брнабиќ се подготвува да состави нов кабинет по победата на Српската напредна партија на контроверзните национални избори во јуни, кои беа бојкотирани од опозицијата.
Нејасно е дали едниот или другиот ќе бидат вклучени во новата влада.
Но, претседателката на белградскиот Комитет на адвокати за човекови права Катерина Голубовиќ вели дека не очекува Вучиќ или други членови на СНС да го сменат однесувањето врз основа на жалбите.
„Кога вели „Албанец“ за косовските Албанци, тој воопшто не им се обраќа на нив, туку на неговиот електорат“.
Таа ги спореди политиките на Вучиќ и другите владини претставници со политиката на националистот Воислав Шешељ, кој беше во затвор за етнички поттикнати злосторства против човештвото извршени во 90-тите години.
Покана за гнев
По коментарите на Дачиќ за лоцирање на останките на воените жртви, косовскиот претседател Хашим Тачи, поранешен герилски борец во војната за независност на Косово од Белград кон крајот на 90-тите, ја обвини српската влада дека ги одржува своите „фашистички политики кон Косово“.
Тој рече дека „ваквите активности му штетат на дијалогот“ насочен кон нормализирање на односите меѓу Србија и Косово и „ги поткопуваат нашите заеднички напори за помирување“.
Косовскиот премиер Авдулах Хоти го изрази „длабокото разочарување“ на неговата влада од српските власти.
Вулин одби да се извини, велејќи дека тој едноставно ја следи етикетата што сама си ја избрала таа група.
„Кога ќе го исфрлат зборот„ Шиптар “од нивниот јазик, како и да почнат да се нарекуваат себеси, јас ќе ги наречам така“, рече Вулин, ддавајќи:
„Дотогаш, јас ќе ги почитувам нивните обичаи и јазик и со почит ќе ги нарекувам Шиптари како што тие самите се нарекуваат - Шиптари“.
Етнологот Шемси Красниќи, од Универзитетот во Приштина, изјави за РСЕ дека српските политичари користеле такви пежоративи со децении.
„Ова потоа се инсталира дури и меѓу населението и граѓаните, а потоа се создава еден вид јаз, вид на голема бариера, што е многу тешко да се надмине. Ова ги држи и нив како заложници, бидејќи тие се погрешно поставени во однос на нас и не можат да ја разберат реалноста. Изгледа дека тие не разбираат дека времето се сменило, ерата се сменила. Тоа е друго време и јазикот и дискурсот мора да се променат", вели Красниќи.