Достапни линкови

Дали преку економски може да се дојде и до политички договор меѓу Србија и Косово?


Американскиот претседател Доналд Трамп зборува за време на состанокот со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти во Белата куќа во Вашингтон, 4 септември 2020 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп зборува за време на состанокот со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти во Белата куќа во Вашингтон, 4 септември 2020 година.

Премиерот на Косово Авдула Хоти и претседателот на Србија Александар Вучиќ во минатата недела во Вашингтон потпишаа два документа за економските односи меѓу двете земји. Експертите оценуваат дека тоа е добар чекор, но изразуваат сомневања во остварувањето на крајната цел, помирување на страните.

Извршниот потпретседател на Атлантскиот совет Дејмон Вилсон, во интервју за Радио Слободна Европа, оценува дека на документите потпишани од Косово и Србија во Белата куќа треба да се гледа како на дел од поширокиот историски процес.

Дејмон Вилсон
Дејмон Вилсон

Тој додава дека во продолжение на процесот треба да има заедничка посветеност на Соединетите Американски Држави и на Европската унија да обезбедат поддршка, но и да извршат притисок врз обете страни за спроведување на постигнатите договори.

Хоти:Косово и Србија ќе се договорат само кога меѓусебно ќе се признаат

„Мислам дека ова е знак на добар напредок и скоро нормализирање на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Ова не беше сеопфатен договор, во никој случај, но мислам дека ова е дел од еден поголем процес. Ова е насочено кон економската страна, но секако зависи и од политиката“.

Во врска со тоа дали смета дека овој договор ќе биде целосно имплементиран Вилсон вели:

„Мислам дека тоа е голем проблем. Видовме доста често позитивна политичка определба во регионот, но таа понекогаш се поткопува или едноставно се игнорира. Мислам дека е важно да постојат механизми што овозможуваат имплементација. Се надевам дека и двете страни ќе преземат одговорност да се придвижи напред, но мислам дека од САД и ЕУ како партнери ќе се очекува да ги повикаат на одговорност за тоа на што се обврзаа“.

Вархеи и Палмер разговараа за помирувањето меѓу Србија и Косово

Од друга страна Чарлс Капчан, член на американскиот Совет за надворешни односи и професор на универзитетот во Џорџтаун, за Радио Слободна Европа оценува дека, како што вели, историјата покажува дека економската интеграција не е гаранција за политичко помирување.

Чарлс Капчан
Чарлс Капчан

„Всушност, во голем број случаи вие имавте економска интеграција без многу политичко влијание. Затоа мислам дека е важно да продолжат разговорите меѓу Приштина и Белград во пополитичка насока. Во спротивно, може да се забележи зголемување на трговијата меѓу Косово и Белград, нови гранични премини, автопати - без сето тоа да доведе до политичка нормализација“, вели Капчан, кој сепак смета дека станува збор за значаен чекор напред.

„Ова е одлична работа со оглед на тоа колку биле комплицирани односите меѓу овие две земји откако Косово прогласи независност“.

Капчан не го дели мислењето на претседателот Трамп дека договореното во Вашингтон е историски чекор, бидејќи, како што оценува, има да се направи уште многу.

„Мислам дека главната политичка содржина во договорот е дека Косово нема да бара членство во меѓународни организации во следната година и дека српската страна ќе се воздржи од кампањата за повлекување на признавањето“, наведува Чарлс Капчан во интервју за Радио Слободна Европа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG