Поради ситуацијата со епидемијата со коронавирусот Советот за безбедност и предложи на Владата да се воведе кризна состојба, соопшти претседателот Стево Пендаровски по средбата на ова тело. Тоа подразбира дека Управувачкиот комитет треба да и предложи на Владата да донесе одлука за 30 дневна кризна состојба, законско решение коe ќе им овозможи на властите поголемо вклучување на армијата, соработка со полицијата, вклученост на општините, но и преземање на управувањето со приватните здравствени капацитети.
„Не станува збор за национализација на приватните болници, туку за евентуално управување со нив во битката со пандемијата се разбира таму и во тој обем во кој Владата ќе процени дека тоа е неопходно. Инаку, приватната сопственост е гарантирана со Уставот и затоа тука не станува збор за национализација или некакво менување на сопственоста“, рече претседателот Пендаровски.
Законот за управување со кризи предвидува во случај на кризна состојба да можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон. Поконкретно, по барање на Владата, врз основа на договор склучен со Центарот за управување со кризи или доброволно, можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица.
„Дневниот надоместок за користење на ресурсите изнесува до 30 отсто од просечната месечна нето плата по работник во Републиката објавена од Државниот завод за статистика во месецот пред давањето на ресурсите, а надоместокот за нивно оштетување или уништување не може да биде помал од пазарната вредност на средството, што истото ја имало во времето кога е оштетено или уништено, определена врз основа на елементите со помош на кои според обичаите во зависност од времето и местото на пазарот се утврдува пазарната цена“, се наведува во Законот.
Министерот за здравство Венко Филипче на прашањето дали ова значи дека граѓаните кои во недостиг на јавни здравствени установи одат да се лекуваат во приватните не треба да плаќаат најави одговор по консултациите со правните служби.
„На располагање ќе бидат капацитетите на сите приватни болници, приватни поликлиники, како и кадарот што таму работи. Земајќи предвид дека ова првпат се случува, ќе направиме проценка со што се се располага и во таа смисла заеднички со нашите државни капацитети ќе направиме план за работа“, рече Филипче.
Полициски час- ако предложат експертите
Премиерот Зоран Заев, пак, нагласи дека воведувањето кризна состојба нема врска со полицискиот час кој е можен ако се препорача. Полицискиот час, кој пролетта за време на вонредната состојба, владата неколкупати го воведуваше, може да го донесе самата Влада, по предлог на Комисија за заразни болести, доколку се процени дека е неопходен.
„Не постои поважна работа за Владата од здравствениот аспект на кризата. Не се гледа дека ќе даде дополнителни ефекти полицискиот час или локдаун па затоа не се предлага. Сега се знае многу повеќе отколку во февруари или март кога почна кризата за ефектите, како се пренесува итн..Но, сакам да знаете дека економската состојба е стабилна, системот функционира и немаме стравови, така што ако се види од стручните здравствени експерти дека треба да има полициски часови, треба да има дополнителни затворања и слично, Владата веднаш ќе постапи по таквите одлуки “, рече Заев.
Тој најави дека најдоцна до петок навечер Владата ќе ја донесе одлуката за кризна состојба откако ќе го добие предлогот од Управувачкиот комитет.
Владата првите 30 дена, потоа Собранието
Инаку, според Законот за управување со кризи, ја донесува Владата која го определува и подрачјето зафатено со кризна состојба. Но, одлуката на Владата, не може да трае подолго од 30 дена, па ако продолжи потребата од кризна состојба повеќе од тој период, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба.
Прогласувањето на кризна состојба им дава и поголеми ингеренции на општините. Општините и градот имаат обврска за свои потреби, заради ефикасна превенција и рано предупредување од потенцијална кризна состојба да вршат процена на ризиците и опасностите на локално ниво, да ги утврдуваат потребите и да ги планираат ресурсите, предвидува Законот. Во него се наведува дека во справувањето со кризи, општините и градот Скопје ги вршат и следниве работи:
„Ги следат состојбите и дејствата и појавите кои можат да доведат до настанување на криза на подрачјето на општините и на градот Скопје, донесуваат процена на загрозеноста од ризици и опасности за настанување на кризна состојба , донесуваат програма за ревитализација по елиминирањето на кризата, ги спроведуваат одлуките на Владата во врска со управување со криза и одлучуваат за висината на средствата за управување со кризи од буџетот на општините и на градот Скопје“
Кој управува во кризна состојба?
Инаку истиот закон во случај на кризна состојба, предвидува во системот за управување со кризи да се формираат Управувачки комитет и Група за процена и да се основа Дирекција за управување со кризи.
Управувачкиот комитет е тело на владата и во него меѓу другите членуваат министри и еден претставник од Кабинетот на претседателот, но ќе има вклучено и опозиционер. Имено, законот предвидува, во телото да има и еден претставник од Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието од редот на членовите на Комисијата од најголемата политичка партија во опозиција.
Групата за процена, пак, ја сочинуваат директорите на Бирото за јавна безбедност, директорите на разузнавачките служби и претставници од други ресори.
Носител на вкупната поддршка (стручна, организациона,
административна и друга) на Управувачкиот комитет и Групата за
процена во случај на кризна состојба, според законот е Центарот за управување со кризи, кој од неодамна доби нов директор, поранешниот полициски генерал Стојанче Ангелов.
Инаку до оваа десетта седница на Советот за безбедност доаѓа по континуирано високи бројки на новозаразени со коронавирусот и голем број почитани. Имено, вчера беа регистрирани 1.406 нови случаи позитивни на коронавирус од направени 3.398 тестирања, со што вкупниот број на заболени од почетокот на пандемијата се зголеми на 50.015 лица. Починаа 21 пациент , сите во болнички услови, а вкупната бројка на смртни случаи од Ковид-19 во земјава е 1.397 лица. Според последните вчерашни податоци од Министерството за здравство во моментов во земјава има 19.035 активни случаи на коронавирус, од кои најмногу се во главниот град Скопје.