Анализата „Подобрување на разбирањето на феноменот на странските терористички борци (СТБ): Предизвици за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција на повратниците и помагателите во Република Северна Македонија“, на која работеа граѓанските организации „НЕКСУС Граѓански концепт“ и „Институтот за човекови права“ е резултат на едногодишно истражување во рамките на проектот.
Во моментов во земјава има 13 осудени лица кои издржуваат казна затвор. Само тројца од нив не се СТБ - повратници, односно не биле на првите редови во Сирија и Ирак, туку биле осудени за регрутирање, финансирање и овозможување на заминување на борците - волонтери. Едно лице е во притвор.
За прашањата поврзани со овој феномен, а кои директно влијаат врз македонското општество и неговото справување со него, разговаравме со Афродита Муслиу, координатор на истражувањето.
1.Госпоѓо Муслиу, која беше целта на ова истражување и колку испитаници вклучивте во него?
Идејата за ова истражување е поради фактот дека голем број на странски терористички борци повратници во последните неколку години се вратија во Република Северна Македонија и процесот на рехабилитација, ресоцијализација и реинтергација би требало да започне уште во самиот затвор. Ние сакавме да ги видиме мотивите за заминување на овие лица на странските боишта, но и кои се причините и за нивното враќање назад. Дел од нив се вратени пред да се промени законот за кривична постапка во 2014, а после тоа во 2015 имаше и неколку акции (Ќелија 1, Ќелија 2 и Ќелија 3). Последната репатријација на странските терористички борци е во агуст 2018 година. Сите овие повратници завршија во затвор, но колку процесот на рехабилитација и ресоцијализација е започнат таму беше под знак прашање. Ова истражување имаше 9 целни групи, една од нив беа странските борци внатре во затворот. Направивме 10 интервјуа. Четири лица не сакаа да бидат интервјуирани.
2. Кои се главните причини поради кои заминуваат овие лица, што дознавте по разговорите со нив?
Кај овие лица преовладуваат многу слични мотиви, значи тие не се идентични, има сличности и затоа при процесот на рехабилитација и ресоцијализација мора да се работи со индивидуален пристап. Главни причини за нивното заминување се економските, овие семејства имале многу скромни финансиски примања или примале социјална помош, друга причина е нискиот профил на образование, а интересен момент е и тоа што мотив за да се индоктринирани се некои трагични настани во нивниот личен живот, лични кризи и сл.
Во делот на факторите (пул фактори) кои ги повлекуваат се емпатијата и чувството да се припаѓа на една одредена група, односно тие се солидаризираат со лицата кои се таму и тоа што ним им се случува.
3. Дали тие лица свесно заминале или биле (се) изманипупирани?
Во текот на разговорите можевмe да заклучиме дека голем дел од нив тоа свесно го направиле, односно дека солидарноста е една од основните причини поради кои заминале.
4. Постои ли опасност од безбедносен карактер, односно има ли ризик повратниците да направат несакани дејствија во земјава?
Секако дека има ризик, доколку немаме соодветна програма за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција, ризикот е голем. Овој процес мора да започне уште во затворот, а понатаму продолжува кога се враќаат во нивата заедница. Што значи дeка општините, заедниците, меѓуопштинските центри за социјална работа треба да бидат подготвени и да знаат како да делуваат со оваа категорија лица. Доколку не делуваме тие лица нема да има што да прават. Доколку државата не проба на некој начин да им помогне тие ќе се чувствуваат како да не се дел од ова општество и од тука и опасноста да го повторат истото.
5. Кои се заклучоците во врска со подготвеноста на институциите за овој проблем од истражувањето и препораките до институциите?
Нашата анализа кога директно разговаравме со институциите, со општините, податоците кои ги добивме се многу разочарувачки. Тие не го гледаат проблемот како нивен. Тие сметаат дека оваа работа треба да се решава само на национално, а не на локално ниво. Значи за да се подготви каква било програма за рехабилитација таа мора да има оперативни планови кои ќе делуваат на локално ниво, бидејќи овие лица кога ќе ја отслужат казната затвор се враќаат повторно во нивните заедници, односно општини и тие тука треба да бидат прифатени. Во меѓувреме и Националниот комитет за справување со насилен екстремизам во септември го промовираше својот оперативен план за справување со овој проблем.