По 18-ти пат младите ќе дискутираат за своите визии за регионот. Конференцијата „Европски вредности за иднината на Југоисточна Европа“ ќе се одржува хибридно, и онлајн и со присуство, на почетокот од следниот месец.
Младите од регионот и годинава ќе зборуваат за европските вредности и ќе предлагаат свои визии и решенија пред носителите на одлуки. Конференцијата „Европски вредности за иднината на Југоисточна Европа“ ќе се одржи по 18-ти пат, од 5-ти до 10-ти ноември. „Нашата идеја не беше да дебатираме за ЕУ како политичка или економска заедница, туку да зборуваме за европските вредности врз кои што почива идејата за европско обединување, како толеранција, солидарност, меѓусебно почитување...“, вели Методија Стојчески, проектен координатор на конференцијата и извршен директор на „Младински Сојуз“ – Крушево во интервјуто за РСЕ.
РСЕ: Која е идејата и целта на овие меѓународни младински конференции?
Стојчески: Нашата првична идеја беше да ги доближиме Европските вредности до младите луѓе од регионот кој што во тоа време беше препознатливо жариште на конфликти каде што беснееше национализмот. Некои од земјите опфатени со нашата идеја беа дел од „старите“ земји членки на ЕУ (Грција) кои што географски припаѓаат во регионот на Југоисточна Европа. Но сепак го избравме регионалниот пристап кон младите, знаејќи дека општествата во регионот се меѓусебно многу поврзани, и функционираат по принципот на сврзани садови, многу лесно од едно во друго се прелеваат добрите и лошите нешта. Без стабилно опкружување нема напредок и просперитет за ниту едно општество или држава во регионот без разлика на политичката или економска интегрираност во глобалните структури.
РСЕ: Со оглед на актуелната пандемија, како ќе биде организирана годинашната конференција?
Стојчески: Пандемијата на Ковид-19 значително го комплицираше функционирањето, како на целокупното општество, така и на НВО заедницата. Физички настани, посебно од меѓународен карактер е скоро невозможно да се имплементираат. Од друга страна пак, помирување и меѓусебно поврзување е многу тешко да се направи онлајн. После долги разговори и разгледување на различни модели и начини како да ја имплементираме нашата конференција со цел да задржиме континуитет, а воедно да понудиме и интересни содржини за младите во ова време на рестрикции и ограничувања, избравме таканаречен „хибриден модел“ на настан. Тоа значи дека планираме да имаме во неколку држави „хабови“ каде што помала група на учесници и говорници ќе не прати на видео ѕид и ќе имаат можност да земат учество во настанот, а главниот центар (налик на ТВ студио) ќе биде во Скопје во Europe house, од каде што ќе се обидеме да ги поврземе сите „хабови„ и учесници кои што од дома ќе го следат настанот. Идејата ни беше да понудиме нешто ново и различно, бидејќи веќе сме сите изморени од само лица кои што ги гледаме како седат пред мониторите и се трудат да ни доближат или споделат нешто. Искрено се надеваме дека ќе успееме да направиме нешто ново и интересно користејќи ги алатките на ИТ технологијата.
РСЕ: Младите на овие конференции даваат свои визии за живот во регионот. Што беа ланските визии?
Стојчески: Би сакал да споделам со вас три препораки од минатогодишната конференција што од денешен аспект мислам дека ќе предизвикаат интерес и кај пошироката jaвност. Изгледа како и да сме предвиделе некои работи. Сигурен сум дека биле интересни кои беа препораките за медиумите, т.е. каде го лоцираа учесниците на минатогодишната конференција (2019) проблемот и кои се препораките до медиумите да придонесуваат во регионалното поврзување и помирување.
Проблем кој беше лоциран е регионалната нетолеранција и говорот на омраза го забавува процесот на помирување во Југоисточна Европа, главно поради едностраното прикажување на настаните. Од друга страна, недостасува релевантно законодавство или истото не ги следи тековните европски трендови и практики. Предлагаме воспоставуње на назависен медиумски сојуз во Југоисточна Европа, управуван од одбор составен од сите релевантни медиумски чинители од засегнатите држави, кој ќе организира размена на новинари и градење капацитети на новинарската фела во борбата против говорот на омраза. Дополнително, предлагаме воспоставување на етички кодекс за новинарите од регионот и следење на неговото спроведување.
Во ек на актуелната Ковид-19 пандемија, препораките за подобрување на здравствениот систем гледани од дистанца од една година и во услови на здравствена закана можат да бидат интересни за презентирање. Кога ги читам, за нив имам впечаток дека нешто како да сме предвиделе. Темата здравство ја разговаравме од аспект на иселувањето на младите, т.е. како една од причините зошто младите го напуштаат регионот беше квалитетот на здравствената заштита. Предлагаме започнување на инклузивен процес за донесување на здравствени политики врз основа на докази од страна на релевантни граѓански организации, локални организации и активисти во областа на здравството. Потребно е да се земат предвид и да се вклучат различни мислења на различни чинители, вклучувајќи ги и маргинализаните групи, како и политики базирани врз докази кои ја одразуваат реалната состојба.
Исто, така од денешен аспект се интересни и препораките за дигитализација и работа од далечина на „remote“ што беа произлезени од темата: Future of work “Работа од иднината”, кога ги пишуваме ни самите не бевме свесни за колку блиска иднина може да се однесуваат. Како дефиниран проблем беше дека пазарот на трудот заостанува зад дигиталните технологии. Предлагаме редовни консултации на засегнатите чинители што водат кон нови дигитални политики на трудот. Да се направат построги регулативи, во однос на социјалната заштита на работниците и програмите за обука на младите и возрасните во соработка со министерствата за образование, за труд и социјална политика, други релевантни страни како и донаторската заедница.
РСЕ: Дали нешто од визиите на младите од лани се реализираше по презентациите пред носителите на одлуки? Што?
Стојчески: Во изминатите 17 години можам да кажам дека доста препораки ни се прифатени на повеќе нивоа и во повеќе општества. Но, морам и да забележам дека некои проблеми за кои што сме разговарале во 2003, 2004 или 2008 година сеуште се провлекуваат и се актуелни кај младите од регионот. Некои работи едноставно одат тешко и треба многу време и зборување за нив за да бидат препознаени од страна на политичките елити кои што можат реално да направат промени. Едноставно можам да заклучам дека гласот на младите сеуште не е доволно слушнат во нашиот регион. Само за пример, на нашата конференција во 2018 година ја потенциравме потребата од младинска соработка не само помеѓу WB6 земјите што го прави Младинската канцеларија за регионална соработка (RYCO) туку и развој на билатерална соработка помеѓу соседните држави од WB6 и ЕУ. Пример помеѓу младите од: Република Северна Македонија и Грција или Република Србија и Хрватска, два различни примери каде од различни причини постојат стереотипи и предрасуди помеѓу младите од двете соседни држави и потребна е работа на помирување и разбивање на стереотипите. После долг процес на консултации, презентации и претставување на идејата за воспоставување на билатерална канцеларија за младинска соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција, таа стана дел од акцискиот план за имплементација на договорот од Преспа. Во имплементацијата на оваа идеја која што доаѓа од граѓанскиот сектор заедно со партнерски организации од нашата држава како и од Република Грција работиме на имплементација на истата.
РСЕ: Колкав е интересот на младите да учествуваат и да дадат свој придонес во креирање на визијата за регионот?
Стојчески: Сметам дека успеавме во изминатите 18 години да изградиме бренд, Младинската конференција во Крушево, која е препознаена како релевантен настан на кој што се собираат младински лидери и сите што се активни во младинскиот сектор не само во Југоисточна Европа туку и пошироко. Повеќе од 900 различни млади луѓе учествувале на нашата конференција. Многу од нив се денес видни личности во нивните заедници. Сите тие се дел од алумни мрежата на конференцијата, што не поддржуваат и ни даваат позитивна слика и заднина, што многу зборува за нас. После European Forum Alpbach, кој што се одржува во Alpbach во Австрија, нашата конференција е единствена од ваков тип на нашите простори. Исто така изборот на говорници и темите, ја прават нашата конференција дополнително атрактивна. Па така на пример минатата година за учество на настанот за 58 места добивме 429 пријави! Оваа година сеуште е повикот отворен така што не можам да ви кажам колку пријави за учество ќе добиеме, но знам дека постои интерес за онлајн учество, иако сите сме помалку или повеќе изморени од дигитални настани.