Достапни линкови

Нов рекорд инфицирани од корона и најава за нови мерки


Архивска фотограгија- Луѓе со заштитни маски и полиција во Градски парк во Скопје
Архивска фотограгија- Луѓе со заштитни маски и полиција во Градски парк во Скопје

Во последните 24 часа регистрирани се 364 инфицирани со коронавирусот, од нив најголем број во Скопје 184. Веќе втора недела бројот на секојдневно заразени расте, а министерот за здравство Венко Филипче денеска го најави есенскиот бран и три нови мерки.

Бројот на инфицирани со коронавирусот во Македонија денеска достигна нов рекорд, 364 лица, а министерот за здравство Венко Филипче најави нови рестриктивни мерки кои Комисијата за заразни болести ќе и ги предложи на Владата.

Забрана за поголеми семејни собири, прослави и забави во домашни услови, односно едно семејство може да прими најмногу четворица кои не живеат на таа адреса, забрана за групирање на повеќе од четири лица на отворен простор (паркови, бензински пумпи и итн) по 22 часот и задолжително носење заштитна маска или покривка на лицето и при престој на отворено и во затворени простории, се трите мерки кои ги предлага комисијата.

Од последната, за носење маска, исклучок е при спортување, за деца до шест години, при транспорт во приватно возило со членови на семејството и при седење во угостителски објекти и ако лицето е само во канцеларија. На прашањето, пак, кој ќе контролира колку луѓе дошле на гости, Филипче рече дека тоа е навистина голем предизвик и дека граѓаните треба сами да се свесни зошто се препорачува оваа мерка.

„Технички и формално, по пријава може секогаш да интервенира и полицијата, инспекторатите но е многу битно граѓаните да се свесни што треба да избегнуваат во периодот кој што е пред нас. Големи семејни настани…Пред нас доаѓа период на слави и така натаму, кои се огромен ризик. Или она што го забранивме во угостителските објекти, да не се пренесе дома, сакаме да го спречиме. Верувам дека граѓаните ќе бидат свесни“, рече Филипче.

Инаку, во последните 24 часа направени се 2140 тестирања за Ковид19, а позитивни се 364 луѓе. Од нив најголем број во Скопје 184, а двоцифрени бројки имаат: Струмица 21, Тетово 19, Кочани 17, Куманово и Штип по 13, Прилеп 12, Свети Николе и Радовиш по 11 и Битола 10. Починати се три лица, а како оздравени за истиот период се водат 106 лица. Во Скопје во моментов има 1315 активни случаи од кои во Центар 241, во Аеродром 240, Карпош 214, Гази Баба 140, Кисела Вода 138 и Ѓорче Петров 104. Другите скопски општини имаат двоцифрени бројки активни случаи.

„Јасно е дека есенскиот бран е тука и дека мора да делуваме за да се заштитиме. Состојбата во земјата, иако е стабилна може многу лесно да ескалира и затоа мора превентивно да делуваме“, рече Филипче кој додаде дека засега, не се размислува за воведување на полициски час.

Тој нагласи и дека на сите инфективни одделенија во државата се хоспитализирани 414 пациенти, што е најголем број на хоспитализации од крајот на јули. На Инфективната клиника, нагласи, има 86 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ – 40 пациенти од кои четири се на респиратор, а во болницата во Козле се хоспитализирани три деца и две суспектни за кои се чека резултат.

„Во сите одделенија во државата има значителен број пациенти, некаде капацитетот е целосно исполнет и пациентите се испраќаат во Скопје. Има слободни места во Охрид, Гостивар и во Тетово. Има 46 пациенти во болницата во Струмица и таму од утре ќе се подготвува капацитетот на новото крило, каде има опрема, материјали и се што е потребно за таму да бидат сместени пациентите. Целосно е подготвена болницата во Кочани, каде сега нема хоспитализирани пациенти за тој регион, има 60 кревети кои се подготвени за пациенти, двајца интернисти и двајца анестезиолози. Целосно подготвено е и празно одделението со 14 кревети во Кавадарци и значаен број слободни кревети кои можат од обичните одделенија да се адаптираат за третман на пациенти во болництаа во Тетово“, рече Филипче.

Од минатиот четврток со работа почнаа и дел училишта, онаму каде што епидемиолошката состојба го дозволува тоа, а учениците до трето одделение секаде имаат избор дали наставата ќе ја следат онлајн или со физичко присуство. Во некои училишта пак се јавија и првите случаи на Ковид19, а како што информираше Министерството за образование и наука (МОН) досега во изолација се вкупно 53 ученици и 8 наставници.

Од вчеравечер во изолација се 10 ученици од второ одделение во ОУ „Кочо Рацин“ во с. Подареш, Општина Радовиш, откако нивен соученик е позитивен на Ковид-19. Засега во ова училиште нема наставници што се заболени или во изолација. Двајца наставници што работеле со физичко присуство во ОУ „Гоце Делчев“ во Скопје и еден ученик се позитивни на Ковид-19, а 39 деца од истото училиште од вчера се превентивно во изолација. Другите три деца што се позитивни се индивидуални случаи - едно во тетовското училиште ОУ „Адрија Савески Ќиќиш“, едно дете во ОУ „Ванчо Прке“ од Штип, и едно во „Кирил и Методиј“ - Кочани.

Инаку бројот на инфицирани од коронавирусот во Македонија почна да расте минатата недела од кога почна да се искачува над 200. Вчера во земјава беше регистриран рекорден број заболени од почетокот на пандемијата досега 317, бројка која денеска беше надмината. Според извештајот на Институтот за јавно здравје, кој се однесува на периодот од 28 септември до 4 октомври, регистрирани сe 1.203 нови позитивни случаи од 31 град во државата, што претставува зголемување од 35,5 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Берово - 192,3 на 100.000 жители.

Со овие последни податоци вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 19777, бројката на оздравени пациенти е 15855, на починати е 775, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3147. Инаку деновиве целиот регион и Европа бележат пораст во бројот на заболени со Ковид19. Од Балканот денеска свои рекорди по број на заболени имаа и Хрватска со евидентирани 542 нови случаи, Босна и Херцеговина потврдени се 453 нови случаи и Бугарија со 437.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG