Во градската четврт Расадник, во скопската општина Кисела Вода треба да се изградат стотина згради од шест до 15 ката и да се населат околу осум илјади луѓе. По површина ова е најголемиот Детален урбанистички план во Скопје. Поголемиот дел од земјиштето е во приватна сопственост, а помал дел има општината. Граѓани сметаат дека со реализација на планот ќе се наруши хуманото живеење. А се одржаа и протести во организација на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Со евентуалното изгласување на ваквиот предлог ДУП ќе придонесе за и онака загадениот воздух во овој дел на градот да биде уште поголем затоа што ќе спречи циркулација на воздухот од околните планински превои“, рече Иван Живковски претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кисела Вода, на одржаниот протест.
Од Општината велат дека државното земјиште е предвидено за зелени површини, за изградба на паркиралишта, а на него ќе се градат и училиште и градинка.
Шеесетметарски згради во Ѓорче
Уште еден план за градба ја бранува јавноста во последно време, и тоа на другата страна од градот, во општина Ѓорче Петров, на местото Дексион Јурија се планираа да се изградат 17 катници, односно згради високи по шеест метри. На површина од околу четири хектари се планира да се изградат 800 станови и да се населат околу 3000 жители. Овие планови предизвикаа протести. Граѓаните бараат повеќе зеленило и пониски згради. Иницијатива на граѓани од Ѓорче Петров поднесе барање до општината да се ревидира ДУП-от за ова место.
„Го повикуваме градоначалникот и Советот да застанат на старана на хуманото живеење на граѓаните, а не на урбаната мафија и профитот“, рече Горан Костов од Иницијативата против урбано дивеење во Ѓорче Петров.
После донесен ДУП реакциите се задоцнети
Во Општината, пак, велат дека новиот план нуди современ концепт за развојните потреби и дека одобрение за градење сè уште не е дадено.
Новиот министер за транспорт и врски, Благој Бочварски вели дека со новиот правилник за урбанистичко планирање, кој е продолжена алатка на законот за урбанистичко планирање треба да се стави ред.
„Апелирам и барам вклученост на граѓаните. Ова е идеален правилник преку кој можат да се вклучат сите, но од овде натаму останува вклученоста на граѓаните да не се доведуваме во ситуација по донесени ДУП-ови да излегуваат реакциите на граѓаните бидејќи тогаш таа реакција реално е и задоцнета“, вели Бочварски.
Министерот за транспорт потенцира дека со Закон за урбанистичко планирање се регулираат состојбите за да не се дозволи, како што вели, главното урбанистичко биро да биде на Илинденска, во министерствата или општините, туку онаму каде што треба – кај архитектите и планерите, да помине и низ каналите на локалната самоуправа и јавноста.
Но, сепак новиот правилник нема да смени ништо за планот во Ѓорче Петров оти тој веќе е донесен, а тој за Расадник не е изгласан, па може да се интервенира.
Скопје ќе се шири кон север
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов најави нов Генерален урбанистички план(ГУП) со кој градот ќе се шири функционално, рационално и контролирано. Актуелниот ГУП е донесен во 2012 година и е со важност до 2022 година. Шилегов вели дека во стариот ГУП биле направени значајни пропусти поради што на Скопје му се случува и актуелниот проблем со Расадник. Со новиот ГУП, пак, се планира да се релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационално користење на неискористените слободни површини во северниот дел од градот, рече Шилегов.
Пановски - Секој сака да каже дека креирал град
Со Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата на архитекти, зборуваме за урбанистичкото планирање, најавениот ГУП, дивоградбите...
Пановски, плановите за градба во Расадник и во Ѓорче Петров се последни во низата кои ја брануваат јавноста. Знаат ли градоначалниците што е тоа урбанистичко планирање?
Градоначалниците и не треба да знаат што е урбано планирање, освен ако не се архитекти по звање. Никој не треба да знае што е урбано планирање, освен тие што учеле што е, но треба да знаат кои се тие луѓе во државата, не е голема Македонија, да ги знаат кои се експертите и да ги почитуваат нивните мислења, тоа е новото задолжение. Градоначалниците се менаџери на градовите. Како менаџер вие не може да знаете сè, но треба да ги знаете точните луѓе коишто ги знаат работите, тоа е единственото што ни недостасува, секој сака да каже дека креирал град. Работата е дека треба да им се верува малку повеќе на експертите, да им се даде слобода, но и пред се да се заштитат од надворешни влијанија. Да се заштитат од потенцијални инвеститори, од сопственици на земја, итн.
Кај нас во државата многу е измешана целата приказна. Нема една групација за која може да кажете и да вперите прст –тој и тој е крив, мислам дека има колективна одговорност за креирање на градот, бидејќи градот не се креира за една година. Ако се навратиме назад како се креирал градот ќе сфатиме дека ова што го живееме денеска е последица на сите тие случувања во последните 20 години.
Градоначалникот на Град Скопје најавува Генерален урбанистички план со кој во Скопје ќе се овозможи хумано живеење и градот плански ќе се шири на север. Можно ли е тоа?
Јас лично сум оптимист. Претходниот ГУП беше и рестриктивен од аспект што каде може да се гради. Се надевам дека со новиот ГУП ќе се овозможи многу поголема флексибилност за развој на градот. Јас би сакал да сфатиме дека плановите се прават за да се изградат. Дури и се трудиме доколку градот увиде дека се направил план којшто треба да се имплементира во следните пет до 10 години, а не се имплементирало ништо, треба да видиме кој е виновен, зошто нешто не се развило? Јас лично сакам да се развива оваа држава. Мислам дека е многу возможно доколку се изберат правите луѓе, мислам дека ќе ги изберат и правите луѓе за изработка на Генералниот план и главната работа е дека градот Скопје не е град Скопје, тоа е групација на помали гратчиња –гратче Центар, гратче Кисела Вода, гратче Аеродром...Генералниот план дава една рамка како овие градови ќе се развиваат. Сè додека постојат општини и градоначалници и совети во сите тие општини ова нема да биде град. Дали ќе одиме на север, а мора да се развива градот, лично како архитект сметам дека оној концепт на линиски град и дека Скопје ќе се развива по една линија, мислам дека треба да се сфати дека не функционира, дека природно не им доаѓа на луѓето да одат во некаква линија. Тој дел од градот мора да се развие и мора тој дел од градот да се поврзе со овој дел. Она што се случува во моментот со протестирањата против градењето во Скопје мислам дека е доведено до некаква хистерија, да што било што ќе земе да се направи не чини. Не зборувам за планот за Расадник или планот за Ѓорче. Многу комплексно е, нашиот проблем е што популистички дури се слушаат луѓето што врска немаат со урбано планирање, само заради популизмот и се прават грешки.
Новиот министер за транспорт, Бочварски рече дека нема повеќе плановите да се цртаат со пенкало на Илинденска, тука во бироата каде што знаат што прават.
Да реално се цртаа плановите на Илинденска со пенкало, тоа можам да ви го потврдам и од лично искуство и тоа е страшното. Сето ова всушност е резултат и тој Расадник е резултат на нешто што претходно било планирано. Многу е сериозно креирање на град за главната дебата да ја водите на Фејсбук. Тоа е погубно за еден град, од тој аспект не сум оптимист. Оптимист сум дека колегите ќе направат супер Генерален план, но не сум оптимист како тој ќе биде прифатен, бидејќи сè што се црта, сè што е планирано се дочекува на нож.
Уште еден проблем се дивоградбите. Како да се справиме со нив?
Си има во закон, ние не ги почитуваме законите, власта не ги почитува законите. Сега кога ќе имате држава во која власта не ги почитува законите, што сакате понатаму? Ако може некој да направи зграда дивоградба и да ги продаде становите и сите вклучувајќи и ЕВН и Водовод и Телеком да ја приклучат таа зграда тоа е соучесништво во тој криминал. Казнете ги сите тие компании и на тој начин се решава проблемот, па да видите дали следната дивоградба ќе ја приклучи некој на струја и дали тогаш на некој ќе му текне да прави дивоградба.
Средувањето на урбанистичкиот хаос едно од потешките прашања
Средувањето на хаосот во урбанизмот се покажа како едно од потешките прашања со кои се соочува власта. Но, работите мрднаа од мртва точка по изборот на нова влада, па една од првите работи беше асистенцијата за уривање на бесправно изграден објект кај Мавровка во центарот на Скопје. Но ова не е единствената дивоградба. Остануваат платформите на Матка, дивоградбите на крајбрежјето на Охридското Езеро, дивоградбите во Националниот парк Галичица.