Корона-кризата ќе ги поремети плановите за жешка политичка есен, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски. Точно е дека постизборните тензии се уште се високи и дека составувањето и на владиниот кабинет и на новото нормално функционирање на парламентот ќе биде предизвик, но во основа не сум сигурен за предвидувањето за жешка политичка есен, вели Арсовски.
„Но имајте предвид дека корона-кризата ќе ги намали вкупно политичките активности, веднаш штом ќе залади времето, кога нема да може да се прават масовни собири, тоа може да направи најавите за жешка политичка есен да не се остварат заради објективни околности кои ќе ги наметнат новите протоколи за справување на политичкиот дискурс со пандемијата, сепак тензиите ќе останат и нема да се намалат“, вели тој.
Владиниот кабинет е пред комплетирање, Собранието ќе почне да работи, а опозицијата излезе на улица. Во меѓувреме протестираат и групи на граѓани против поскапувањето на струјата, протестираа средношколци, луѓе си ги бараат парите од пропаднатата Еуростандард банка. По изборот на министри, на владината коалицијата и останува да се договори за распределбата на заменици министри, државни секретари и директори на институциите. По повеќе од еден месец по конституирањето на Собранието, власта и опозицијата се договорија за тоа кој која комисија ќе ја раководи, со што Парламентот стартува со работа.
Епидемијата со коронавирусот ги сопре собирите, па дури и изборите што се одржаа на 15 јули, се одржуваа без големи собири.
Владата, по изборот пред две недели, се зафаќа со решавање на горливите проблеми. Здравствената криза предизвиката од ковид-19, економските последици од кризата, фирмите и луѓето чекаат економска помош, се бараат решенија за отворените прашања во образованието, а наскоро се очекува и старт на преговорите за членство во ЕУ и решавање на проблемите со Бугарија.
Опозицијата, пак, стартуваше со протести. Изминатата недела двапати протестираа против поскапувањето на струјата за 7,4 отсто. За во вторник најавуваат протестен марш, овојпат мотивот е - Гоце Делчев. Македонија со Бугарија во рамки на договорот за добрососедство преговара за револуционерот Гоце Делчев. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот Фејбук профил напиша дека „Владата преговара за Делчев, а очите на јавноста се далеку од тоа што за нашата земја е суштински важно. Нашите историчари заслужуваат поддршка, затоа што Гоце е столбот на македонизмот“, пишува Мицкоски на својот Фејсбук-профил.
Договорот со Бугарија деновиве повторно стана актуелен откако бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов се закани дека Бугарија ќе го блокира патот на Македонија кон ЕУ, ако комисиите за историски прашања на двете земји не постигнат согласност. Комисијата запна за прашањето за Гоце Делчев. Од владејачката партија реагираа на најавите на опозицијата на протестот за одбрана на Гоце Делчев. Од СДСМ велат дека Делчев е борец за социјална правда, а Мицкоски е бранител на неправда и криминал.
Арсовски смета дека можеби опозицијата малку прерано почна со протести.
„Сепак треба да се почека да видиме какви ќе бидат перформансите на владата, за да видиме дали тие протести ќе вродат со плод, а владата нема да има стандардни 100 дена, бидејќи е влада на континуитет и предизвиците ќе дојдат многу побрзо, така што во политичка смисла ќе има активна есен, но не верувам дека ќе биде „жешка“ во смисла на протести“, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Новинарот и политички аналитичар Џељаљ Незири, кој со години ја следи домашната политичка сцена, вели дека раководствата на партиите кои не станаа дел од власта очекувано е да организираат протести со кои ќе го држат мобилизирано своето членство, но и да ги задржат и своите раководни позиции. Дополнително атмосферата во општеството се подгрева со најавите за засилување на пандемијата со ковид-19, и со последиците од кризата врз економијата, вели тој.
„Тоа ќе се одразува на самото општество и нормално ќе има гнев, ќе има критики кон владата и сето тоа опозицијата ќе се обидува да ги канализира и да ги материјализира за нивни политички цели. Јас мислам дека нивната политичка цел е лека-полека да го мобилизираат членството, да мобилизираат неопределени гласачи и можеби после една година, кога би требало да се одржат локални избори, да бидат принудени да се одржат и нови предвремени парламентарни избори“, вели Незири.
Тој вели дека ова сценарио би било можно, ако коалиционите партнери во власта, СДСМ и ДУИ, не успеат да изградат меѓусебна доверба.
„И не успеат да функционираат како еден тим во однос на справување со кризата, со предизвиците, но и во однос на решавање на покрупните проблеми, како почетокот на преговорите со ЕУ и продолжување на работата на комисиите за решавање на отворените прашања со Бугарија“, вели Незири.
ВМРО-ДПМНЕ протестира против власта, но се соочува со незадоволство кај сопственото членство по поразот на изборите што се одржаа на 15 јули. По почетните барања од поранешни функционери и членови на партијата, Мицкоски да си даде оставка, сега партијата се „окрупнува“. Осум членови на претседателството на партијата Интегра преминаа во ВМРО-ДПМНЕ. Тоа го направиле оти се незадоволни од лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак велат дека опозицијата се окрупнува, а тоа значи дека власта е на стаклени нозе и прашање на време е кога премиерот Зоран Заев ќе падне, а, како што велат, мафијата ќе одговара.