Достапни линкови

Ќе ги задржи ли државата младите?


Илустрација
Илустрација

Социо-политичката состојба е причината за иселувањето, пред се на младите од државата. Истражувањата покажуваат дека една половина од младите сакаат да се иселат, а Владата ветува дека главна задача ќе и биде да ја врати довербата на младите во извесна и сигурна иднина во државата.

Денот на независноста на Македонија го прослави во родната земја, но адресата на живеење на Златко Попов одамна е во Соединетите Американски Држави. Пред дванаесет години, веднаш по дипломирањето тој решил да ја напушти државата во потрага по подобар живот, а причината како што вели не бил само финансискиот аспект.

„Целата социо-политичка ситуација во Македонија едноставно беше мотив да се напушти државата и да се проба нешто друго. Идејата беше да видам како е надвор и дали е подобро или не, а заради револтираноста од нашата држава решив да излезам од неа и мислам дека направив добра одлука“, вели Попов.

Македонија во изминатите години се соочува со масовно иселување, особено на младите. Според последниот извештај на Светската банка за „Миграција и одлив на мозоци во Европа и Централна Азија“ објавен лани, во изминатите години, околу една четвртина од населението или приближно 500 000 луѓе ја напуштиле земјата. Британскиот угледен економски магазин „Економист“ ја стави Македонија на осмото место по одливот на мозоци, односно иселувањето на високо-образовани и талентирани луѓе во светот.

Истражувањата во изминатите неколку години покажуваат релативно слични податоци дека една половина од младите сакаат да се иселат, а една третина од нив преземаат чекори за да го направат тоа, вели Блажен Малевски, истражувач во здружението на граѓани Реактор.

„Она што треба да го имаме на ум е дека економската состојба е една перспектива на работите. Но, од друга страна, исто така перспективата на младиот човек што може да постигне во нашата држава. Тука влегуваат во игра други фактори, односно политичките фактори, нестабилноста и непредвидливоста на политиката и оттаму мислам дека економската состојба и перспектива е еден дел од сегментот. Ако навистина сакаме младите тука да си ја видат треба да разгледуваме малку поопширно, а не само на сегменти на проблемите“, вели Малевски.

Последното истражување на германската фондација „Фридрих Еберт“ покажува дека повеќе од две третини од младите имаат желба да ја напуштат државата. Половина од нив преземаат конкретни мерки, а другата половина засега само сака да се пресели во западните земји. За околу 48 отсто од младите, според истражувањето, главна причина за иселување е подобрување на животниот стандард.

Попов вели дека државата се уште не нуди перспектива за младите, односно не гледа разлика од ситуацијата во минатото и сега.

„Мислам дека нема никакво подобрување. Можеби има само мало подобрување за младите во технолошкиот свет во Македонија. Инаку генералната слика е иста како и пред 12 години“, додава тој.

Да се остане или да се емигрира?
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:16 0:00

Владата во нејзината програма за наредните 4 години порачува дека главна задача ќе и биде да ја врати довербата на младите во извесна и сигурна иднина во државата и и затоа ќе води таргетирани политики за зголемување на вработеноста.

За таа цел Владата, како што се наведува во програмата, меѓу другото ќе продолжи со исплатата од 3000 денари месечно младински додаток, потоа ќе се врши поврат на персоналниот данок на доход за сите нововработени под 30 години, ќе се ослободуваат од плаќање данок сите новосоздадени приватни претпријатија, формирани од млади до 30 години или жени, ќе се доделуваат грантови од 5000 до 15000 евра за почеток на сопствен и нов бизнис.

Попов, кој во меѓувреме формирал семејство и има свој приватен бизнис вели дека секоја прилика ја користи да се врати во државата, иако само привремено.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG