Достапни линкови

Од работилница за локомотиви до културно, уметнички урбан центар


Библиотека ЛокХал во холандскиот град Тилбург
Библиотека ЛокХал во холандскиот град Тилбург

Во Европа пренамената на стари објекти не е нова практика. Еден од примерите е неодамнешното реновирање и пренамена на стара работилница за локомотиви во холандскиот град Тилбург.

Стар објект кој служел за поправка на локомотиви денеска е нова урбана „дневна соба“. Станува збор за Библиотеката ЛокХал во Холандија, која не е само полици за книги.

Во холандскиот град Тилбург старата работилници за поправка на локомотиви од 1930-тите години, објект кој бил дел од Националните железници на Холандија, беше реставрирана во 2018-та година.

Со реновирањето објектот се пренамени во урбан центар во кој има кафуле, библиотека, канцелариски простори за оние кои работат од дома, како и две уметнички институции – Кунстлок Брабант и Брабант Ц. со изложбени простори.

Просторот со високи ѕидови бил реновиран, но поголем дел од карактеристичните детали биле зачувани. Така на пример, дел од шините за локомотивите се видливи на подот и служат за поместување на масите, кои се всушност долниот дел од локомотивите со тркалата.

Во просторот има црвени и портокалови елементи за да, како што објасниле архитектите, внесат топлина во големиот урбан центар.

Овој објект има добивано многу награди, меѓу кои и „Зграда на годината во светот 2019“ на Светскиот фестивал за архитектура.

И во Македонија слични иницијативи

Вакви пренамени на стари објекти промовираат и младите од граѓанското здружение „Културно ехо“. Нивната иницијатива вклучува и запознавање со концептот за индустриско наследство.

„Сакаме да најдеме начин како правилно да се искористи просторниот капацитет што го нудат овие напуштени објекти. Тие имаат потенцијал за нивна ревитализација и реадаптација со што во нивниот просторен капацитет би се вметнала некоја соодветна програма која би овозможила функционалност и градежно-економска самоодржливост на објектот“, изјави лани за РСЕ, Симона Димковска, претседателка на организацијата „Културно Ехо“, додавајќи:

„Бидејќи најголем дел од објектите се фабрики односно индустриски капацитети кои се во државна сопственост, самите по себе поседуваат културно историски идентитет, на тој начин со овој проект би сакале да го поттикнеме воведувањето на индустриското наследство како гранка на културното наследство во државата , кое сеуште не е воведено како дисциплина кај нас, а веќе е докажана европска практика“.

Објектот на старата фабрика „Купром“
Објектот на старата фабрика „Купром“

Според нив, напуштените индустриски објекти се опасност за децата, за здравјето, ја уништуваат естетиката на градот, во нивните дворови се создаваат мини депонии... Нивната иницијатива ја започнаа од фабриката „Купром“ во скопската населба Хром. Замислата е „без да се направи посебна надворешна промена на објектот од архитектонска гледна точка, внатре да се вметнат нови функционални единици, како посебни кубуси кои што се монтажни и каде може да се случат повеќе функции“.

„На пример, ако било фабрика за производство на чевли, може да стане еден дел од фабриката галерија, друг дел може да стане производство на платна, трет дел може да стане работилници. Тие индустриски објекти доста често се пренаменуваат во мултифункционални сали и стануваат културни објекти, тоа е нешто кое нас во државава ни недостига“, истакна Димковска.

XS
SM
MD
LG