Достапни линкови

Брзи реакции на институциите против девијантните однесувања на социјалните мрежи


Илустрација- логото на социјалната мрежа ТикТок
Илустрација- логото на социјалната мрежа ТикТок

Палење на шума, па тепачка меѓу млади го вознемирија општеството откако беа објавени на социјалната мрежа ТикТок. Според Бојан Кордалов, специлалист за односи со јавноста и нови медиуми, најважно е што институциите реагираат брзо за да спречат идни такви однесувања.

Не треба да се генерализира дека сите млади се насилни или, пак, дека социјалните мрежи се користат за промоција на насилството. Ова е првата реакција на Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми за двете видеа кои се појавија на социјалната мрежа ТикТок периодов.

Во едното, малолетник се гледа како пали шума, а во второто млади луѓе учестуваат во тепачка за која, според споделените знамиња на видеото, македонско и албанско, се сугерира дека е меѓуетничка. За првиот случај, со палењето на шумата, Министерството за внатрешни работи соопшти дека дека малолетник од скопското село Мојанци е приведен и го признал делото, тие известиле Јавен обвинител за малолетници и по негови насоки делото го квалификувале како „предизвикување општа опасност“, предвидено и казниво според член 288 од Кривичниот законик. За вториот случај, со физичката пресметка, МВР соопшти дека ги бара насилниците.

Важно, според Кордалов, е што институциите реагираат.

„Институциите мора да реагираат многу брзо во вакви случаи и тоа во изминатиот период можевме да го видиме, бидејќи колку побзро реагираат инситуциите толку помалку вакви случаи ќе имаме. Многу важно е и јавното говорење на темата бидејќи кога јавно говориме на оваа тема, кога ги покажуваме насилниците и сите оние кои недолично и незаконски се однесуваат ние всушност правиме две работи- ја сензибилизираме јавноста и ги мотивираме институциите да бидат многу брзи“, вели Кордалов.

Но, што е она што ги тера младите да бидат насилни? Според Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција секогаш постоело насилство меѓу младите кои не знаат како да ја канализираат својата енергија, но она што е сега поразлично, според него е домашното воспитување.

„Насилството од секогаш го имало но во последно време зачести можеби затоа што родителите им обрнуваат помалку внимание на воспитувањето на децата, зафатени се со работа и некакво оправдување им е дека немаат многу време и училиштето треба да ги воспитува. Не, јас не се согласувам, треба прво родителите да си ги воспитаат децата, па потоа училиштето да ги воспитува “, вели Димовски.

Тој потсетува и со неодамнешниот случај со нападот на девојчето од Штип од двајца млади, видео кое беше споделено на социјалната мрежа Фејсбук. Во тој случај, по објавувањето на видеото, двајцата насилници беа пронајдени, а заврши и судската постапка со која се казнети на затвор од по две години и шест месеци. Во последно време МВР често јавува и за пријави за корисници на социјалната мрежа Фејсбук кои користат говор на омраза и поттикнуваат насилство.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG