Достапни линкови

„Урбана змија“ – студентска идеја за поубаво Скопје


Студентски проект „Урбана змија“ за урбана интервенција во дворот на СД „Гоце Делчев“
Студентски проект „Урбана змија“ за урбана интервенција во дворот на СД „Гоце Делчев“

Група студенти започнаа кампања за донации за урбана интервенција во дворот на студентскиот дом „Гоце Делчев“.

„Урбана змија“ е студентски проект наменет пред се за студентите кои престојуваат во студенткиот дом „Гоце Делчев“. Сандра Николовска, Катерина Пановска, Кристијан Арсовски, Александра Христовска, Томислав Поповски, Ермал Белули и Марија Трајаноска под менторство на архитектката Сара Симоска и инжењерот Владимир Ѓоргиевски го создадоа овој проект за време на работилница „Редизајн на јавни површини“ која ја организираше „Скопје Лаб“ – Центар за иновации на Град Скопје.

За да го остварат својот проект се одлучија да започнат кампања за донации, која ја водат преку организацијата МЕЛЕЕМ Скопје, каде членува и Симоска.

Од граѓаните за граѓаните

Проектот за урбанистичката интервенција, како дел од работилници организирана од граѓански центар на Град Скопје, требало градот да го реализира. Но, поради кризата со коронавирусот тоа се одложува.

„Ние кога се вклучивме да ја водиме таа работилница во соработка со „Скопје Лаб“, бевме информирани дека потоа најверојатно проектите ќе се изведат, меѓутоа како што се случија различни кризи, корона итн, тоа се остана така, статус кво, и ние решивме дека ние не сакаме тие проекти само да останат во интернет просторот и во нашите компјутери и ирешивме да изнајдеме како МЕЛЕЕМ нов начин за да најдеме финансии и таа идеја да ја слушнат што е можно повеќе луѓе кои што се надеваме сакаат да помогнат“, рече Симоска.

Мотивацијата на студентите да го создадат овој проект е нивниот став дека вреди студентскиот дом да добие дополнителни активности за да имаат што да прават студентите надвор од нивните соби. Тие сметаат дека е важно граѓаните да се информираат и да се запознаат со тоа што значи „да се создаде убава слика за градот“.

„Јас мислам дека со самото тоа што правиме нешто за разубавување на нашиот град и со самата иницијатива да се направат нови простори, мислам дека тоа е доволна мотивација за граѓаните да донираат за некој ваков проект и не само за овој него за било што друго што би се направило во иднина “, изјави Марија Трајаноска, студентка која е дел од тимот.

Реализацијата на проектот зависи од тоа колкава сума ќе соберат.

„Ние ќе изреализираме онолкав дел од интервенцијата колку што ќе собереме финансиски средства од граѓаните и заинтересираните страни. Сите донации ќе одат исклучиво за интервенцијата, а донаторите ќе добијат маичка, торба или чаша. За правните лица кои сакаат да придонесат ќе го напишеме името на нивната компанија врз урбаната опрема“, вели Симоска.

Таа истакнува дека МЕЛЕЕМ секогаш се труди да изнајде креативни начини за подобрување на јавните простори директно вклучување на граѓаните и институциите.

„Досегашните наши интервенции беа супер експеримент и доказ дека младите се заинтересирани за вакви проекти, а посебно за нивна изведба. За жал потребна е поголема финансиска подршка, не само на подобрување на јавните површини туку подобрување со активно вклучување на идеите на младите и нивно учество во процесот на изведба. Само така можеме да направиме активен, жив и динамичен град за кој сите сонуваме“, порача Симоска.

Што предвидува „Урбана змија“?

Според проектот, урбаната опрема која треба да се постави на веќе постечката бетонска структура во дворот се состои од четири модуларни коцки кои што ќе бидат поставени во запците на змијата и шест клупи кои ќе се преклопуваат но нема да ја допираат структурата.

Секоја од коцките ќе има различна намена, поточно коцка за вежбање, за одмор, за лулање и за разговор и читање. Секоја е идентична во ширина, висина и должина од 240 сантиметри.

Покрај тоа, планираат и ставање на четири вида подлоги под коцките, во зависност од намената на коцката. Исто така, би го замениле и постоечкото осветлување со нови ЛЕД светилки со фотоволтаични генератори.

XS
SM
MD
LG