Достапни линкови

Села и Гаши – Владата е нелегитимна за Албанците и ќе има краток рок


Прес-конференција на Зијадин Села од Алијанса за Албанците и Африм Гаши од Алтернатива пред Собранието
Прес-конференција на Зијадин Села од Алијанса за Албанците и Африм Гаши од Алтернатива пред Собранието

Алијансата за Албанците и Алтернатива најавија жесток отпор против политиките на ДУИ во Парламентот со кој за брзо време ќе ја срушат најавената владина коалиција меѓу СДСМ и ДУИ.

Владата на СДСМ и ДУИ ќе биде нелегитимна за Албанците и нема да трае долго, рекоа денеска Зијадин Села од Алијансата за Албанците и Африм Гаши од Алтернатива, откако вчера лидерите на СДСМ и ДУИ се договорија за нова владејачка коалиција. Според нив, ДУИ победила со полнење кутии, закани и уцени и ги измамила гласачите со тоа што веднаш се откажала од нивното главно предизборно ветување за премиер Албанец, поради што и добиле гласови.

Коалицијата на двете партии најави жесток отпор против ДУИ. Ќе се бориме да ја срушиме оваа нелегитимна влада на легален начин, рекоа лидерите на опозициските партии на Албанците.

Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села најави дека веќе нема да го дозволуваат „сталинистичкото однесување“ на ДУИ дека не е важно кој гласа, туку кој брои.

„Нека земат само едно гласачко место во Зајас, тие нека одберат, и нека покажат дека тие гласачи што гласале дента на изборите биле тука и ниеден што се наоѓа во Швајцарија, Германија или во Америка не гласал, тогаш ние јавно ќе се извиниме, ќе им го признаеме секој вид на легитимитет и ќе ја поддржиме секоја нивна одлука. Тоа може да го покаже Обвинителството, тие може да ја проверат гласачката книга каде што луѓето се потпишуваат и може по службена должност да побара информации дали тие граѓани на денот на изборите биле во државата“, рече Села.

Тој посочи дека поднеле десетици кривични пријави за изборна измама и оти сега е на потег обвинителството.

Гаши, пак, вели дека, освен кражбата, ДУИ ги измамиле луѓето да гласаат за нив со ветувањето за Албанец премиер, а веднаш по изборите се откажале од тоа.

„Се губи секаков легитимитет затоа што сте собирале гласови врз основа на тоа ветување. Оваа компонента на демократијата ако не ја вратиме, ќе изгуби смисла јавно искажаниот збор. Ние веќе не знаеме како да се однесуваме пред граѓаните, дали на следните избори и ние да лажеме, дали и ние да манипулираме“, рече Гаши.

На новинарско прашање дали ќе гласаат за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, Села рече дека го гласал Џафери кога било најтешко, а сега нема никакви проблеми па за него може да дојде да гласа и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Села алудираше на насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, кога по изборот на Талат Џафери за претседател на Парламентот, демонстранти – поддржувачи на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ - упаднаа во Собранието и тепаа пратеници и новинари. Села тогаш беше тешко повреден и се бореше за живот, а Ахмети не присуствуваше на таа седница.

На предвремените парламентарни избори на 15 јули, Коалицијата на СДСМ освои 46 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива 12, Левица двајца и ДПА еден пратеник.

СДСМ и ДУИ постигнаа коалициски договор за влада. Двете партии го имаат потребното мнозинство од 61 пратеници. ДУИ се откажа од нивното главно предизборно ветување за премиер Албанец, но меѓу другото ги добива министерствата за финансии и за надворешни работи.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG