Достапни линкови

Ликовните дијалози на Билјана Билбилоска


Македонската уметница Билјана Билбилоска во само десеттина дена со два различни циклуса на две различни самостојни изложби се претставува пред домашната ликовна публика - „Неправилен ритам“ во галеријата на ДМУ „Тодор Скаловски“ во Тетово и „ Хоризонтала и вертикала“ во Кинотека на РСМ во Скопје.

По осум години од „Просторни декомпозиции“ во галеријата Безистен во Старата скопска чаршија и „Белеење“ во Домот на АРМ, Билјана Билбилоска на македонската ликовна публика во само десеттина дена ќе и понуди две самостојни поставки со исто толку различни тематски циклуси. Најнапред во галеријата на ДМУ „Тодор Скаловски“ во Тетово, од 18 август и во наредната недела, таа го претставува својот „Неправилен ритам“ кој се состои од 15-на слики изработени во техника акрил на платно и на картон, дела сликани во текот на минатата и оваа година.

- Тематски, изложбата, преку боите води дијалог со музиката. Преку аналогијата на овие две нешта, ги сместува боите и звуците во една иста рамка и на иста фреквенција. Музиката е надоврзување на сликите, своевидна екстензија, дел од просторот, иако временски несместлива во три просторни димензии. Ритамот како ликовен елемент варира од праволиниски и правилен до непостојан и непредвидлив, дисперзиран конкавно, со тенденција да ги надмине физичките рамки на платното и да ја продолжи својата приказна надвор, вели Билбилоска.

Таа и со дополна дека се одлучила сликите да ги претстави во Музичкото училиште „Тодор Скаловски“ во Тетово затоа што така најдиректно ја покажува нивната органска припадност и уште повеќе затоа што се работи за галерија чиј несекојдневен простор освојува од прво гледање.

За „Неправилен ритам“ Митрополит Европски г. Пимен во каталогот за поставката меѓу другото пишува: Што ако ги затвориме очите слушајќи џез? Ако тоа спротивставување на звуците го замениме со спротивставување на форми и бои со цела наша слобода на големо бело платно? Во тој момент џезот ќе стане пријатен и за секое око. Се обидовте? Не ви успеа? Или помисливте дека е невозможно да го видите џезот како слика? Не очајувајте. Билјана се обидела и ова за нејзе станало возможно. И така, благодарение на Билјана, која така го гледа и чувствува џезот и ние имаме можност да го видиме во таа форма. За наша среќа, освен визијата го има и талентот кога ќе ги отвoри очите, виденото со затворени очи да го стави на платно како би можеле и ние слушајќи џез како форма на уметничка музика која потекнува од САД, да го видиме џезот и како форма на слики кои потекнуваат од Македонија, како резултат на спротивставувањето на сите ноти кон сите бои врз платното, па со леснотија и воодушевување да гледаме и џез ноти и да слушаме џез бои.

Од друга страна, пак, композиторот и режисер Глигор Кондовски во своето видување ќе забележи: „Прелеани бои во синкопиран ритам. Слеани во легатиран хармоничен ритам кои така поврзани создаваат неправилна ритмичка целина. Ликовна конструкција на музички момент.“

И, по ваквите размисли, она што е особено интересно е тоа што безмалку веднаш по изложбата во Тетово, Билбилоска во Скопје ќе ја понуди својата поставка насловена како „Хоризонтала и вертикала“ на која во Кинотека ќе се најдат дваесетина дела.

- За „Хоризонтала и вертикала мотив ми беше Византиската уметност. Бидејќи јас се занимавам со иконопис, а паралелно и со графички дизајн, направив еден спој помеѓу тие две нешта – навидум неспоиви меѓутоа некако успеав да ги врзам. Да ги спојам. На прв поглед дигиталните графики делуваат како икони меѓутоа тие не се тоа, бидејќи иконата претставува посебен уметнички идиом. Воопшто не се работи за световна уметност, туку едноставно ова е уметност којашто е инспирирана од византиските икони. Кога зборувам за „Хоризонтала и вертикала“ мислам на крстот како симбол на нашата православна вера, ќе рече уметницата.

Дело од изложбата „Хоризонтала и вертикала“

Кон оваа изјава само уште неколку информации позајмени од нејзината биографија. Билјана Билбилоска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика со графички дизајн, кај професорот Зоран Јакимовски, а магистрирала на истата високообразовна институција кај д-р Трајче Блажевски. Таа е член на ДЛУМ од 2010 година и зад себе освен самостојните изложби во Скопје и Тетово, има бројни групни претставувања во Македонија, Србија, Турција, Романија, Полска и во САД. Се занимава со графички дизајн, илустрација и филм.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG