Достапни линкови

Павлина Атанасова: Пишувањето поезија е налик на сонување


„Големата прегратка“ е насловена првата стихозбирка на Павлина Атанасова што како издание на ПНВ Публикации се појави неодамна. По скопското претставување, книгата во текот на септември ќе биде промовирана и во нејзиниот роден град Штип.

ДА СЕ РАЗБЕРЕ ПРВО

Ноќе, кога навредата е потешка, а простувањето полесно,
зад нечистите стакла, патниците не ја гледаат природата
туку своите души. Што да ѝ се каже на душата своја
кога така блиску ќе се доближи до прозорецот,
како да се разбере нејзиниот молк, нејзината самотија,
кога има толку многу патници во овој воз, во овој кораб,
има ли земја надвор, има ли земја, треба да се разбере прво,
а дури потоа душите што играат со разлетаните гулаби.

Ова е една од творбите печатени во првата стихозбирка на Павлина Атанасова што како издание на ПНВ Публикации се појави неодамна. Книгата содржи 50 песни и за неа, на самиот почеток од својата опсежна книжевна рецензија, поетесата Снежана Стојчевска ќе забележи.

„Големата прегратка“ на Павлина Атанасова, во издание на издавачката куќа ПНВ Публикации, е таква поетска книга по каква копнееме ние вљубениците во поезијата. Уште од првата прочитана песна, од првиот стих, почувствував пеперутки во стомакот и желба да истражам повеќе за оваа млада аторка која своето деби го има токму со оваа книга. На книгата ѝ пристапив со возбуда, но и со неизвесност дали авторката успеала да го одржи нивото на квалитет низ целата книга во однос на песните кои беа претставени на една интернет страна. Тоа што го доживеав како поетско искуство низ оваа книга е чиста поетска радост и конекција. Вакво препознавање, преклопување и кликнување е реткост и токму затоа е бесценето. Атанасова со својата поезија ме обви во голема прегратка. Тоа е искрена, исконска, интензивна прегратка која ќе остане врежана во моето поетско битие засекогаш.

Таа оди до таму, што во заклучокот наведува: „Големата преграта“ за мене е ковчеже со скриено богатство. На секое отворање ќе најдете некој нов бесценет стих кој останал скриен при претходните читања. Нешто што првично не сте го забележале, ќе ви покаже и ќе ви отвори нови доживувања. Затоа може да се каже дека ова е книга што може да се чита безброј пати. За вакви поетски доживувања вреди да се живее, затоа што ја прават полесно поднослива реалноста со која сме опкружени секојдневно, давајќи ѝ смисла на бесмислата.

А, поетот и прв човек на реномираната литературна манифестација „Поетска ноќ Велестово“ Славе Ѓорѓо Димоски во своето видување нималку не штеди убави зборови.

В раце ја држиме дебитанската книга „Големата прегратка“ од Павлина Атанасова и веднаш да кажеме дека имаме книга песни со силни чувства и непосреден поетски израз што импонира. Возбудливо, страсно и вдахновено пеење за љубовта и други емоции кои се доживуваат како глас на секојдневното и пеејќи за стварноста се открива внатрешната драма на модерниот човек. Книгата претставува своевидна поетска хроника на растреперена поетска душа која се стреми да влезе во актуелните кругови на најновата македонска литература, вели тој притоа посочувајќи на една „минијатура што го потврдува нејзиниот прецизен поетски глас“.

ПЕСНАТА НА МОРЕТО

(на Глен Гулд)

За да ја чуеш

песната на морето

најди го звукот

на реките понорници.

Инаку, родена 1993 година во Штип, Павлина Атанасова дипломирала на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“. Пишува поезија и кратки раскази, а застапена е во изборот поезија „Метрички карван“ за 2019 година, издание на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија. Нејзини песни и раскази се објавени и во неколку периодични списанија.

Говорејќи за „Големата прегратка“, таа вели дека стихозбирката настанала природно, дека песните сами си го нашле местото во книгата.

- Големата прегратка“ е пишувана околу седум години, па според тоа и настана природно, песните сами си го најдоа своето место во книгата. Како некој што пишува можеби времето е уште подолго, но најдолго е како читател на поезија.

Во однос на пораките во своето „возбудливо, страсно и вдахновено пеење за љубовта“, Арсова истакнува дека секој читател треба да си ги пронајде сам за себе.

- Пораката треба да си ја пронајде за себе секој читател. „Големата прегратка“ , налик на кружното движење на водата, е патување од детството и осознавањето на светот до потрагата на себеси и вечните прашања за животот и смртта, минливоста и припаѓањето, загубата и напуштањето, до повторно навраќање на детството, нултата точка на постоењето.

А, по промотивните активности за „Големата прегратка“ во Скопје и во Штип, поетесата истакнува дека во однос на издавањето очекува една подолга пауза, оти нејзиниот творечки процес е долг.

- Сигурно дека во однос на издавањето ќе следува пауза, мојот творечки процес е долг. Следниот ракопис, кога ќе се роди, веројатно би бил поезија. Бодлер рекол - да се биде поет, дури и во проза. Пишувањето поезија е налик на сонувањето, смета Павлина Атанасова.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG