Достапни линкови

Отворени граници, изборни адути и корона бројки


Македонско - српски граничен премин Табановце во време на пандемија од Ковид-19
Македонско - српски граничен премин Табановце во време на пандемија од Ковид-19

Додека трае предизборната кампања, што се одвива веќе трет ден, и додека трае Ковид-19 пандемијата, во нашите пишани и електронски медиуми ќе доминираат токму тие две теми: кој колку придонел или ја растурил државава и колку има новозаразени од вирусот, колку недисциплинирани граѓани не носеле маски и колкумина починале од заразата.

Она што граѓаните најмногу ги засегаше, судејќи барем по реакциите низ социјалните мрежи и утринските ТВ програми со учество на гледачи – затворените граници - се отвораат. И тоа „Без задолжителни тестови или обврска за изолација“ – како што наслови електронското издание на Нова Македонија.

Освен оваа вест, Вечер објавува: „Стартуваат со работа и затворените делови на кафулињата и рестораните, и повторно можете да вежбате во теретана“.

Порталот Република, пак, со предвидување: „Се стравува дека ќе донесат голем број заболени: од денеска (петок) слободно може да се влезе во Македонија“.

Порталот СДК.МК, од свој извор во Комисијата за заразни болести дознава: „Комисијата воопшто не предложила датум за целосно отворање на границите, а за работата на трговските центри во недела и за внатрешноста на угостителските објекти воопшто не било дискутирано“.

Репортажа: Како да влезете или излезете од Македонија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:09 0:00

Нова Македонија објави: „СЗО: Македонија на листата на 11 земји во кои забрзано се шири корона вирусот“. Истиов весник информира и за прес конференцијата на Фабио Скано, советник на СЗО за Европа, кој беше во неколкудневна посета на земјава: „Состојбата во Македонија е загрижувачка, но може да се стави под контрола со масовно тестирање, идентификување на случаите, нивните контакти и нивно изолирање“.

Порталот Република во насловот додава: „СЗО со јасна порака до власта: Загрижувачка е состојбата со короната, не треба да ги олеснувате мерките“. „Поништени сите решенија за изолација и карантин издадени од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за периодот од 13 до 25 јуни – донесе одлука Владата“.

Порталот Курир.мк информира дека „ЕУ ги отвора границите: Државјани на Мозамбик, Замбија и Бутан со дозволен влез, Македонија ја нема на листата“.

„Пазарот на труд погоден од корона кризата – Кризата ја врати просечната плата од пред шест месеци“, пишува Капитал.

Дека и во другите земји граѓаните не се дисциплинирани покажуваат вестите и фотографиите во порталот Република од плажите во Велика Британија. Поради високите температури од 33 степени над нулата „Не почитуваат дистанца, заборавија дека уште бројат жртви од Ковид-19 – Британците ги окупираа плажите“.

На насловната на Слободен печат со големи букви пишува: „Кампања – Партиите почнаа да ги вадат своите изборни адути: Заев со храбрите одлуки, Мицкоски со истите обвинувања“.

Курир. мк насловува: „Мафијата нервозна: Дончев фатен со мито, Боки 13 под закани за живот откако го спомна Заев“.

Гласајте за нас - не дај боже ако победи оној другиот

А неделникот Фокус во колумна пишува: „Политичките ʼлидериʻ Заев и Мицкоски како да паднале од вселената, па така, од ракав зборуваат за распространетоста на криминалот во државата! Чиниш некој друг однадвор, а не токму нивните партии, заедно со ДУИ, се главниот организатор и генератор на криминалот во државата“.

Медиумите ја објавија и веста дека „ДУИ го извлече Насер Зибери како адут за премиер Албанец против Заев и Мицкоски, како услов за сите евентуални коалицирања. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја отфрлија таквата опција уште веднаш кога лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ја кажа таа идеја“. Инаку Зибери е некогашен пратеник и министер од редовите на ПДП, сега работи како нотар и важи за натпартиска личност.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG