Достапни линкови

Вести

ЕУ повика на воздржаност и почитување на правото во Црна Гора

илустрација
илустрација

Европската унија им порача на властите во Подгорица дека внимателно го следи развојот на случувањата во Црна Гора, особено во Будва, со повик до сите инволвирани страни да покажат воздржаност и да го почитуваат владеењето на правото.

Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро Хернандес истакна дека сите евентуални повреди на законот треба да ги решаваат надлежните локални власти, согласно националното законодавство и релевантните меѓународни стандарди.

„Како што е претходно соопштено, ЕУ ги повикува сите политички актери да покажат почитување кон владеењето на правото и демократските принципи, и да покажат политичка зрелост со цел сами да најдат одржливо решение за актуелната ситуација, преку дијалог и во духот на меѓусебно почитување“, порача Хернандес.

Синоќа црногорската полиција привела десетици демонстранти по синоќешните просрпски протести во Подгорица и во неколку града во државата. Протестите беа организирани од опозициски сили кои бараат поблиски односи со Србија и Русија.

Црногорската полиција уапсила 41 лице за предизвикување инциденти во неколку градови, додека 54 лица ќе бидат кривично и прекршочни одговорни, соопшти полициската управа. Се наведува дека граѓаните вчера се собирале без претходна регистрација на јавни собири и без одобрение, и тоа во Будва, Подгорица, Никшиќ, Бар, Беране и Бјело Поље и оти предизвикале инциденти во тие општини. Тие се обвинети за блокирање на сообраќајот и нарушување на јавниот ред, каменување, употреба на димни бомби и стаклени шишиња против припадници на полицијата.

Синоќешните протести беа рефлексија на политичките тензии во Црна Гора во пресрет на парламентарните избори кои се закажани на 30 август.

види ги сите денешни вести

ЕК: Русија не ја добива поддршката од земјите на БРИКС

илустрација
илустрација

Русија не успева да ја добие поддршката што ја бара од земјите на БРИКС, изјави денеска портпаролот на Европската комисија како одговор на прашање поврзано со состанокот во Казан.

Портпаролот додаде дека тоа ја покажува меѓународната изолација на Москва.

„Состанокот беше обид на рускиот претседател Владимир Путин да го злоупотреби руското претседавање со БРИКС за да се надмине меѓународната изолација“, рече портпаролот.

Според него, во генералната декларација усвоена на состанокот нема единствен став за војната во Украина.

„Декларацијата од Казан не се однесува на нас. Санкциите на ЕУ се засноваат на правни одлуки според сегашното законодавство“, рече портпаролот.

Инаку рускиот претседател Владимир Путин е домаќин на овогодинешниот самит на организацијата БРИКС во градот Казан.

Форумот, на кој учествуваат 24 шефови на држави и влади, Путин го смета за дел од иницијативата за создавање нов светски поредок за ставање крај на доминацијата на САД. Средбата завршува денеска (24 октомври).

Меѓу поважните гости се издвојува кинескиот претседател Си Џинпинг, а присуствуваат претставници од вкупно 32 земји.

На оригиналните членки на БРИКС -Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка неодамна им се приклучија земји како што се Обединетите Арапски Емирати, Египет, Етиопија и Иран. Статусот на Саудиска Арабија сè уште е нејасен.

Српската полиција ја укина одлуката за протерување на рускиот државјанин Бобришев

Антон Бобришев
Антон Бобришев

Министерството за внатрешни работи на Србија ја укина одлуката според која на рускиот државјанин и антивоен активист Антон Бобришев му беше наредено да ја напушти Србија, јавува Гласот на Америка.

Ваквата одлука на Министерството за внатрешни работи (МВП) е донесена на 23 октомври, по претставка на адвокатот Антон Бобришев.

Постапката пред институциите продолжува, бидејќи Бобришев се жалел и на второто решение, според кое му бил одбиен привремен престој во Србија.

Руското демократско општество, невладина организација која собира руски антивоени активисти во Србија, оценува дека во случајот на Антон Бобришев се продолжува со прогонот на руските граѓани во Србија поради нивните антивоени ставови.

Со решението на Министерството за внатрешни работи на Србија, кое беше издадено на 16 септември, беше одбиено барањето на Антон Бобришев да му се одобри привремен престој во Србија, по основ на сопственост на недвижен имот.

Три дена подоцна, МВР со ново решение му наложи да ја напушти Србија во рок од 30 дена - односно до 19 октомври.

Во образложението на својата одлука, МВР наведува дека „претходно била побарана проценка од државниот орган надлежен за заштита на безбедноста на Србија дали престојот на странец претставува неприфатлив безбедносен ризик“.

По жалбата на адвокатот, МВР на 23 октомври ја укина наредбата Бобришев да ја напушти државата.

Постапката по втората жалба, со барањето Бобришев да му се одобри привремен престој во Србија, сè уште е во тек.

Бобришев и неговата сопруга се преселиле во Србија пред осум години.

Како што претходно објави Руското демократско општество, Антон Бобришев учествуваше на антивоени митинзи во Белград, а во јуни 2023 година во Панчево организираше митинг за поддршка на лидерот на опозицијата и критичар на Кремљ, Алексеј Навални, кој почина во затвор во Русија во февруари на оваа година.

Франција ќе му даде на Либан помош од 100 милиони евра

Либанскиот премиер Наџиб Микати и францускиот претседател Емануел Макрон на меѓународна конференција за поддршка на Либан, Париз, 24 октомври 2024
Либанскиот премиер Наџиб Микати и францускиот претседател Емануел Макрон на меѓународна конференција за поддршка на Либан, Париз, 24 октомври 2024

Франција ќе обезбеди пакет помош од 100 милиони евра за поддршка на Либан, рече претседателот Емануел Макрон во четврток (24 октомври) на меѓународната конференција во Париз.

Макрон рече дека „масовната помош е потребна што е можно поскоро за либанското население и за стотиците илјади луѓе раселени за време на војната, како и за заедниците што ги прифаќаат бегалците“.

Франција е домаќин на меѓународната конференција за Либан за да се подигне воена и хуманитарна помош за земјата, каде што во војната меѓу Хезболах и Израел се раселени милион луѓе и загинаа повеќе од 2500.

Организаторите се надеваат дека ќе соберат 426 милиони долари хуманитарна помош за која Обединетите Нации велат дека е итно потребна. Париз, исто така, се обидува да помогне во обновувањето на суверенитетот на Либан и да ги зајакне неговите институции.

Меѓународната конференција е во момент кога критичарите велат дека дипломатскиот пристап на францускиот претседател Макрон кон Блискиот исток е „поматен“ од неговиот понекогаш „хаотичен начин на комуникација“.

Сепак, историските односи на Франција со Либан, поранешна француска колонија, му даваат на Париз поттик да координира „одговор на огромниот предизвик што сега го претставува војната во Либан“, рече Рим Момтаз, главен уредник на „ Карнеги Европа“, пишува АП.

„Французите се обидуваат да овозможат меѓународните донатори од прва рака да слушнат од актерите на теренот во Либан кои најдобро можат да ги опишат најнепосредните потреби предизвикани од израелската агресија што насилно раселе 20 отсто од либанското население за две недели“, рече Момтаз.

Израел започна големо бомбардирање и копнена инвазија на Либан во текот на изминатиот месец, а цел беше Хезболах, милитантна група поддржана од Иран.

САД го сметаат Хезболах за терористичка организација, додека Европската Унија го стави на црната листа само вооруженото крило, но не и на политичката партија која има места во либанскиот парламент.

Меѓународната организација за миграција соопшти дека околу 800 000 луѓе во Либан се раселени, од кои многумина сега се во засолништа, додека други побегнале преку границата во Сирија.

Либанската влада не може да се справи со кризата предизвикана од војната поради недостиг на пари, потсетува АП.

Во последниве недели, Макрон се чинеше дека го зацврстува својот став кон Израел бидејќи постојано повикуваше на прекин на огнот и во Либан и во Газа, осудувајќи ги „неподносливите човечки жртви“.

Тоа му го повтори на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со кого телефонски разговарал во понеделникот. Макрон, исто така, остро го осуди израелското „намерно“ гаѓање на мировниците на Обединетите Нации во јужен Либан, обвинение кое Израел го негираше.

Ученик застрелал друг ученик пред училиште во Сараево

илустрација
илустрација

Утрото на 24 октомври неименуван ученик застрелал друг ученик во училишниот двор во Сараево, соопшти полицијата.

Министерството за внатрешни работи на кантонот Сараево соопшти дека полицијата во осум часот утрото била известена за „инцидент“ пред Средното металуршко училиште, во кој е повреден еден ученик.

„Полициските службеници при излегување на терен констатирале дека еден малолетник употребил огнено оружје, а друг малолетник повредил во потколеницата“, соопшти Министерството за внатрепни работи на кантонот Сараево.

Повредениот малолетник е пренесен во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево (КЦУС), а другиот малолетник наводно е под полициска контрола.

На повредениот малолетник во КЦУС му била констатирана „лесна физичка повреда“, соопшти полицијата.

Оттаму додаваат дека Обвинителството во Сараево е информирано за сè.

Во последните денови, основните и средните училишта во Сараево се справуваа со десетици лажни пријави за поставени бомби, а закани беа испратени и на адресите на судовите, аеродромите и касарните на вооружените сили низ земјата.

Досега се откриени и приведени неколку малолетници.

Преговарачите на Србија и Косово во Брисел

Еден од разговорите за косовско-српскиот дијалог меѓу Петар Петковиќ, Мирослав Лајчак и Бесник Бислими
Еден од разговорите за косовско-српскиот дијалог меѓу Петар Петковиќ, Мирослав Лајчак и Бесник Бислими

Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) Мирослав Лајчак ќе се обиде да организира нова рунда дијалог меѓу Србија и Косово на ниво на главните преговарачи.

Петар Петковиќ од Белград и Бесник Бислими од Приштина се во европската престолнина и ќе имаат одвоени разговори со европскиот пратеник за дијалог, додека се уште не е сигурно дали ќе се сретнат заедно.

Според агендата, најпрво ќе се одржат одвоени средби со делегациите, а српската делегација прво ќе разговара со европската страна.

Одделните средби ќе зависат од тоа дали овојпат ќе има таканаречена трилатерална средба, односно средба на која ќе учествуваат ЕУ, Србија и Косово.

Портапролот на ЕУ Петер Стано еден ден претходно изјави дека одржувањето на трилатералната „во голема мера зависи од подготвеноста на двете страни да се сретнат во таков формат“.

Портпаролот на Брисел, исто така, нагласи дека на агендата на средбите е потенцирање на неопходноста од напредок во дијалогот и итно започнување на имплементацијата на договорениот договор од Брисел и Охрид.

Последен пат Мирослав Лајчак свика рунда дијалог на ниво на главните преговарачи на 17 септември. И Бислими и Петковиќ тогаш имаа одвоени средби со европскиот пратеник за дијалог, но заедничка средба немаше.

Дијалогот меѓу Косово и Србија е во застој повеќе од една година.

Во февруари 2023 година, лидерите постигнаа договор за патот кон нормализација на односите. Во март истата година беше договорен Анексот за имплементација. Но, договорите не беа потпишани поради одбивањето на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

На секоја средба на лидерите доминираа тензии. Последен пат се сретнаа на 14 септември 2023 година. Десет дена подоцна се случи напад во Бањска, што дополнително ги затегна односите. Во последната година во неколку наврати во Брисел доаѓаа главните преговарачи, но средбите суштински не ја променија ситуацијата.

Често се случува да нема заедничка средба и рундите да завршат само со одвоени разговори со европската страна. Последен пат заедно со посредство на ЕУ се сретнаа на 2 јули.

Стануваше збор за средба која се одржа неколку дена по доаѓањето на лидерите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти, кога немаше заедничка средба бидејќи косовскиот премиер одби.

Лидерите на Србија и Косово последен пат се сретнаа во рамките на дијалогот, на 14 септември 2023 година. Конструктивниот пристап на страните во процесот на нормализирање на односите сега е услов и Косово и Србија да добијат финансиски средства од Планот за раст за Западен Балкан.

Од 24 октомври поевтини катастарски услуги за граѓаните

илустрација
илустрација

Агенцијата за катастар на недвижности соопшти дека од денеска стапуваат во сила новите намалени цени за голем дел од нејзините услуги. Минатата недела во Службен весник беа објавени измените и дополнувањата на тарифниците, со кои се врши промена и намалување на цените на најкористените услуги на Агенцијата за дури 75 отсто.

Досега, граѓаните при купопродажба на стан и паркинг простор плаќаа за четири имотни листови вкупно 5000 денари. Со новите промени, таа услуга ќе чини само 1250 денари, без разлика на бројот на имотни листови, по правен основ, во една катастарска општина. Ова претставува намалување за цели 75 отсто.

Дополнително, со ова намалување се опфатени и наследните решенија и договорите за дар каде отсега ќе се наплаќа по правен основ во една катастарска општина во износ од 1250 денари, а не како досега за секој имотен лист по 1250 денари.

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски посочува дека со намалувањето на цените се завршува процес на кој активно се работеше во изминатите два месеци.

Во следниот период, фокусот ќе биде ставен на дигитализацијата на катастарот, со цел услугите да бидат уште подостапни за граѓаните и правните лица

Украина собори 40 руски дронови во 11 региони

илустрација
илустрација

Украинската воздушна одбрана собори 40 од 50-те беспилотни летала лансирани од Русија во 11 нејзини региони рано на 24 октомври, додека други седум го загубија патот поради електронско заглавување на нивните навигациски системи, се наведува во соопштението на украинските воздухопловни сили.

„Беспилотните летала се соборени во регионите Одеса, Миколајев, Днепропетровск, Винње, Житомир, Хмелницки, Черкаси, Кироворад, Киев, Полтава и Чернихив“, се вели во соопштението на украинското воздухопловство.

Оттаму додаваат дека едно беспилотно летало сè уште се наоѓа во украинскиот воздушен простор, додека уште две се вратиле во правец на Русија и Белорусија.

Русија, исто така, лансираше две наведувани ракети и две крстосувачки ракети, кои ги промашија своите цели, соопшти војската.

Состанок на Комисијата за историски и образовни прашања меѓу македонските и бугарските историчари

илустрација
илустрација

По подолг период, новиот состав во македонскиот тим во заедничката Комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија, денеска (24 октомври) одржува прва средба со нивните колеги од бугарска страна.

Последната средба на мешовитата комисија за историски прашања беше одржана на 30 и 31 мај во Софија, а состанокот планиран во Скопје на 18 и 19 септември годинава беше одложен на барање на македонската страна.

Историчарот Митко Панов, кој е дел од новиот состав што Владата го назначи минатиот месец, синоќа во интервју за ТВ Сител изјави дека не може предвреме да каже за очекувањата од средбата, но, рече, оптимист е доколку се постигнат начелата на слободно изразување на ставовите за историјата.

„За моите очекувања не можам ништо да кажам сега, пред време, бидејќи треба да се запознаеме, треба да ја запознаеме методологијата на работа, концептот на работа, принципите на делување... Доколку се држиме до современите принципи на работа, европските практики на работа на ваков тип комисии, можам да кажам дека сум оптимист, не дека нешто ќе се постигне, сега ќе видиме, но доколку ги постигнеме тие начела на работа, мислам дека ќе можеме слободно да ги изразуваме своите ставови и, впрочем, тоа е и целта и моето разбирање на комисијата – да ги изразиме сопствените ставови, ставовите на македонската историографија и да видиме кои се тие проблематични точки коишто едната страна ги смета за некакви конфликтни проблеми“, истакна Панов.

Тој посочи дека претходно многупати кажал дека не се согласува со концептот на работа на претходната Комисија, и нагласи дека ќе работат „растоварени од какви било политички влијанија“ затоа што, рече, комисијата треба да работи во таква атмосфера за да дискутира.

Новиот состав на македонскиот тим од заедничката комисија беше избран од Владата на 10 септември. Нов претседател на македонскиот тим во заедничката комисија е Ванчо Ѓорѓиев, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, а покрај Митко Панов, членови во Комисијата се и Александар Литовски, Никола Минов, Сашо Додевски, Бесник Емини и Димитар Љоровски.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.

Досега комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски ликови – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто оделение во Македонија и за пети клас во Бугарија.

Најмалку 11 повредени во експлозија на преполн пазар во Кабул

илустрација
илустрација

Најмалку 11 лица се повредени вчера (23 октомври), меѓу кои и деца во експлозија што се случи на преполн пазар во Кабул, главниот град на Авганистан, соопшти меѓународна невладина организација.

Засега не е познато што ја предизвикало експлозијата, а никој од талибанските власти не бил достапен за коментар.

Експлозијата се случила на пазар каде што се продава половна облека во градската општина Памир Синема, објави организацијата за итни случаи, која управува со хируршката болница во Кабул.

Заменик-директорот на локалниот огранок на организацијата Стефано Џенаро Смирнов изјави дека меѓу повредените има тригодишно и четиригодишно дете, а еден маж е во критична состојба.

Екстремистите во Авганистан ги засилија своите активности откако Талибанците се вратија на власт во 2021 година, соборувајќи ја претходната, прозападна влада на крајот од повлекувањето на американските трупи и нивните НАТО сојузници од земјата.

Цел на екстремистите по правило се Талибанците и припадниците на шиитското муслиманско малцинство.

Холандија воведува построги мерки за азилот и контроли на границите

илустрација
илустрација

Холандија почнува да ги заострува законите за азил и планира во ноември да воведе гранични контроли, но нема да прогласи вонредна состојба за која се залага десничарскиот лидер Герт Вилдерс.

Вилдерс, чија партија освои најмногу гласови на изборите во ноември 2023 година, својот поостар став го објави вчера преку соопштение на мрежата X.

„Нема да има вонредна состојба, но веднаш ќе има построги мерки. Навистина сум среќен поради тоа“, објави Вилдерс на X.

Коалициските партнери со месеци дебатираат за построги правила за добивање азил во земјава. Вилдерс се надеваше дека ќе прогласи вонредна состојба за да спроведе строги мерки без одобрение од парламентот. Другите партии не се согласија, тврдејќи дека нема правна основа за тоа.

Според предложените мерки, статусот на барател на азил ќе важи најмногу три години во иднина. Коалицијата си постави за цел да ги врати сириските бегалци и да прогласи барем делови од Сирија за безбедни.

Оние кои добиле статус на бегалец во Холандија ќе имаат помалку права во врска со сместувањето.

Бројот на баратели на азил во земјата се стабилизира на околу 40.000 годишно. Но, тешко им е да најдат сместување, што делумно е резултат на кратењето на буџетот, а делумно и општата намалена понуда за сместување во Холандија

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG