Достапни линкови

Медиуми - Избори, ковид -19, пресуди за Рекет


Три теми доминираат во електронските и печатените медиуми и на порталите: конечно се знае датумот на одржување на предвремените парламентарни избори – 15 јули, големиот број новозаразени од корона вирусот и пресудите на Бојан Јовановски, Боки 13, и на поранешната главна специјална обвинителка, Катица Јанева.

„Кампања на дистанца и на блискост истовремено“, ги објави Нова Македонија концептите на партиите за нивните кампањи. Истиот весник смета дека „Рапиден економски раст е формулата за победник, затоа што големите наративи какви што се членството во ЕУ и во НАТО и прашањата за името се затворени“.

Нова Македонија ја објавува и изјавата на досегашниот прв човек на Собранието, Талат Џафери: „Подаваме рака за обединување на албанските гласови, како носечка политичка понуда на ДУИ за премиер Албанец“.

Неделникот Фокус со колумна со наслов: „Тешко на тој што ќе изгуби, уште потешко на тој што ќе победи – 15 јуни, денот кога Заев и Мицкоски се договорија за датумот за изборите треба да се прогласи за државен празник и неработен ден“, пишува колумнистот во Фокус, па додадава: „Да се прославува како Ден на партиските лидери и на нивната безгранична мудрост и посветеност за доброто на граѓаните или, согласно нивното поимање, на граѓаните како стадо овци“.

Неделникот Капитал пишува: „Предвремени избори што доцнат – Победа најавуваат сите, ама дали за државата? Ако се има предвид неофицијалниот почеток на кампањата, тешко е да се очекува дека претставниците на законодавниот дом (кој, патем, ужива рекордно ниска доверба кај народот) ќе се избираат низ здрава и демократска дебата фокусирана на јавниот интерес“.

Вечер со наслов: „Угостители од Скопје, Куманово, Штип и Тетово си играат играчки: Не почитуваат протоколи и работат по 22 часот – заработија кривични пријави за непочитување на владините протоколи“. „Самолекувањето фатално за најголем дел од заболените од Ковид-19“ – насловува Слободен печат и продолжува цитирајќи ја доктор Милена Стевановиќ, директорка на скопската Инфективна клиника: „Болниците се оптоварени, лекарите уморни, половина од пациентите што дошле на Инфективна дошле предоцна, откако десетина дена се лекувале сами дома“. Истиот весник ја цитира и директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, доктор Ирина Сотирова Бухова: „Потенцијални ʼкорона бомбиʻ бегаат од изолација: Не отвораат врата, а телефонскиот број не постои!“ СДК.МК ја објавува изјавата на министерот Венко Филипче: „Планираме јавно да ги објавуваме имињата на лицата кои одбиваат да примат решенија за изолација“.

Ситуацијата со коронавирусот во Македонија е критична

И третата тема во медиумите: „Боки 13 осуден на 9, Катица Јанева на 7 години затвор за ʼРекетʻ!“ – објавува Вечер. Истиот весник и неколку други портали ја пренесуваат изјавата на адвокатот на Јовановски, Сашо Дукоски за ТВ 24: „Боки ќе поднесува кривични против неколку актуелни функционери за злоупотреба на службената положба, измама и за шпионажа“. Република излезе со наслов: „Крај или нов почеток на ʼРекетʻ – од Пандорината кутија на Боки на крај излегоа Вице и Зоран Заев“. Курир го објавува соопштението на ВМРО-ДПМНЕ: „Заев е способен само за рекет и криминал, неговата неспособност и незаинтересираност за пандемијата граѓаните ја плаќаат со животи“.

Инаку, само Нова Македонија ја објави веста дека „Зоран Заев ја доби Наградата за човекови права за 2020 година од Фондацијата ʼФридрих Ебертʻ по повод втората годишнина од потпишувањето на Преспанскиот договор“.

XS
SM
MD
LG