Вести
Продолжување на вонредната состојба во С. Македонија?

За денеска е закажана седница на Советот за безбедност, на која се очекува да се расправа за продолжување на вонредната состојба во земјата за справување со пандемијата на Ковид-19. Најавувајќи ја седницата кај претседателот Стево Пендаровски, министерот за здравство Венко Филипче вчера соопшти дека Комисијата за заразни болести ќе побара продолжување на вонредната состојба, воведена пред два месеца заради пандемијата. „Ќе побараме продолжување на вонредната состојба од неколку причини, така што ќе имаме механизми за спроведување на препораките за сузбивање на пандемијата“, рече министерот Филипче не кажа колку ќе биде побарано продолжување на вонредната состојба - дали уште 30 дена или помалку.
Спасовски: По вонредната состојба, продолжуваат да течат роковите за избори
Претседателот Стево Пендаровски воведе вонредна состојба на 18 март и ја продолжи на 16 април, а тој втор месец истекува в сабота. Филипче го претстави протоколот што Комисијата за заразни болести го направи за предизборна кампања и избори, на барање на лидерите на парламентарните партии со шефот на државата. Министерот, исто така, рече дека се во тек регионални состаноци за координирање на отворањето на границите и аеродромите за патувањето да биде безбедно. Филипче додаде дека епидемијата на коронавирусот се смирува, односно дека бројот на ново дијагностицирани пациенти, бројот на пациенти во болниците и „факторот на преносливост“ се „под контрола“.
види ги сите денешни вести
Папата Франциск претрпе нови респираторни кризи

Папата Франциск претрпе две нови епизоди на акутни респираторни кризи и повторно беше ставен на неинвазивна механичка вентилација, објави Ватикан на 3 март за здравствената состојба на поглаварот на Римокатоличката црква кој од 14 февруари е во болница поради билатерална пневмонија.
Епизодите биле предизвикани од „значајна акумулација“ на секрет во неговите бели дробови и бронхијални грчеви, јави агенцијата АП.
Ватикан не објави никакви фотографии или видеа од Франциск пред да влезе во римската болница „Гемили“ со комплексна инфекција на белите дробови. Ова стана најдолго отсуство во неговите 12 години како папа, пренесе АП.
Ватикан ја бранеше одлуката на папата Франциск да се опорави во мир и надвор од очите на јавноста.
Лекарите потврдија дека папата е особено подложен на белодробни инфекции бидејќи како млад боледувал од плеврит и хируршки му бил отстранет еден дел од крилото на белите дробови.
Сијарто по средбата со Муцунски: Ние и Република Северна Македонија сме на страната на мирот

Унгарија ја поддржува Северна Македонија на патот кон зачленување во Европската унија (ЕУ), а и двете земји се за мир во Украина што го покажаа со поддршката на Резолуцијата на Соединетите Американски Држави (САД) во Обединетите Нации (ОН), рече унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, по средбата со македонскиот министер за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски на 3 март во Будимпешта.
„Ние и Република Северна Македонија сме на страната на мирот. Го поддржуваме претседателот Трамп и исто така успехот на американско-руските разговори бидејќи јасно гледаме дека мирот може да се постигне само преку американско-руски договор. Македонците и Унгарците сме заинтересирани за враќањето на мирот и тоа го покажува нашата соработка од минатата недела во ОН кога ја поддржавме Резолуцијата на САД. На крајот беше усвоен предлогот на САД“, рече Сијарто на заедничка прес-конференција.
Постојано слушаме дека одлуката за членство во ЕУ треба да биде заснована врз основа на заслуги и Унгарија се согласува со тоа, посочи Сијарто, нагласувајќи дека овој принцип треба да се применува кон сите.
„Не може да се смета за заслуга ако има несогласувања меѓу држава земја членка и земја кандидат. Како што видовте ние секогаш сме се залагале за полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ и затоа го потпишавме овој денешен договор“, рече шефот на унгарската дипломатија.
Муцунски рече дека надворешната политика на земјава се базира на три константи: полноправно членство во НАТО, усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и стратешко партнерство со САД.
„Пред сѐ и над сѐ во тој контекст е македонскиот национален интерес, и затоа сето ова што го правиме, сите одлуки што ги носиме се вклопени во таа рамка и се усогласени со нашите национални интереси“, рече Муцунски.
Муцунски и Сијарто во Будимпешта потпишаа акциски план за размена на експертиза од страна на Унгарската дипломатска академија за јавни службеници на меѓусебно договорени теми за интеграција во ЕУ, процесите на администрацијата на Министерството за надворешни работи и надворешната трговска политика.
Владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски учествува на унгарско-македонскиот владин самит што денеска и утре (3 и 4 март) ќе се одржи во Република Унгарија.
Како што соопшти владината прес-служба, согласно агендата предвидени се тет-а-тет средба меѓу Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Во рамки на владиниот самит предвидено е да се одржат и билатерални средби меѓу ресорните министри на двете влади, по што ќе следи и заедничка седница на македонската и на унгарската влада.
Поради закана евакуирана главната железничка станица во Виена

Полицијата ја евакуира главната железничка станица во Виена поради „неодредена“ закана и железничкиот сообраќај е запрен, соопштија полицијата на австриската престолнина и националната железничка компанија ОББ на 3 март, јави Ројтерс.
„Во тек е голема полициска операција на главната станица во Виена. По пристигната закана, станицата се евакуира“, напишаа од виенската полиција на мрежата Икс (поранешен Твитер).
Од таму ги повикаа граѓаните да избегнуваат какви било непотребни патувања до станицата, која е главен железнички центар за метро, за трамвај и за автобуски превоз.
Австрија минатата година претрпе серија лажни закани со бомби што поттикна расчистување на поголемите станици и предзвика одложувања на возниот ред.
Апелацискиот суд ја преиначи пресудата за Боки 13 во случајот „Рекет“

Апелацискиот суд ја преиначи пресудата за случајот „Рекет“ во кој е обвинет Бојан Јовановски – Боки 13, но детали од пресудата, како што најавија од судот, ќе има дополнително.
„Во овој момент, Судот може да потврди дека пресудата е донесена на 27 февруари. Пресудата е преиначена во однос на првичната, а детали поврзани со причината ќе добиете во текот на утрешниот ден“, велат од Апелацискиот суд.
Бојан Јовановски во 2020 година беше осуден на девет години затвор за кривични дела „примање награда за противзаконито влијание и перење пари“ во случајот „Рекет“.
Во моментов, Јовановски е на отпуст за лекување.
Поради случајот „Рекет“ беше осудена и шефицата на поранешнпто Специјално јавно обвнителство (СЈО), Катица Јанева, на седум години затворска казна за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителниот акт, Бојан Јовановски влијаел врз Јанева за таа да бара поблаги мерки против Јордан Камчев, обвинет во предметот „Империја“, случај кој го почна поранешното СЈО.
Боки 13 е обвинет и во предметот „Меѓународен сојуз“. Првата пресуда со која доби девет години затвор апелација лани ја укина, сега има повторно судење во Кривичниот суд.
На 11 март седница за интерпелациите на пет члена на Судски совет

На 11 март би требало да почне собраниската седница на која на дневен ред ќе бидат интерпелациите за петтмината членови на Судскиот совет што беа избрани од Собранието. За ова, меѓу другото, било разговарано на денешната понеделничка редовна средба на претседателот на Собранието Африм Гаши со координаторите на пратеничките групи.
Интерпелациите ги поднесе владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ со потписи од 67 пратеници. Се однесуваат на членовите на Судскиот совет : Весна Дамева, Тања Чачарова Илиевска, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа и Селим Адеми.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на петочната средба со новинарите кажа дека седницата ќе биде во првата половина на март, како и дека сите членови на Судскиот совет одговорите на интерпелациите ги доставиле до Собранието.
Во интерпелации за работата на членовите на Судскиот совет до претседателот на Собранието, Африм Гаши, се посочува дека се поднесуваат заради недоследно спроведување на надлежности, особено заради негрижа, односно нарушување на угледот на судиите и загрозување и нарушување на довербата на граѓаните кон судството, а со тоа и на целиот правосуден систем, односно судството во целина.
Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои тројца ги избира Собранието со Бадентерово мнозинство. Други двајца предлага претседателот на државата, но изборот го врши Собранието. Еден од овие два члена треба да биде припадник на помалите етнички заедници.
Осум члена, пак, ги избираат судиите од своите редови на непосредни избори, со тоа што тројца од нив се припадници на заедниците кои не се мнозинство во државава. Двајца се членови само по функција, може да присуствуваат на седници, но немаат право на глас, а тоа се претседателката на Врховниот суд и министерот за правда.
Автомобил влета во толпа луѓе во Манхајм, две лица загинаа

Едно лице загина, а повеќе други беа повредени кога автомобил влета во група луѓе во центарот на југозападниот германски град Манхајм на 3 март, соопшти полицијата неколку часа по инцидентот.
Осомничениот возач на автомобилот е идентификуван и приведен.
Портпаролот на полицијата Стефан Вилхелм, изјави дека возач влетал во група луѓе во Парадеплац, пешачка улица во Манхајм, при што загинало едно лице, јави агенцијата АП.
Тој рече дека „неколку“ луѓе се повредени, но полицијата сè уште не може да прецизира колкумина се повредени и колку се тешки повредите.
„Можеме да потврдиме дека еден сторител е уапсен. Сè уште не можеме да дадеме информации дали имало други сторители“, рече Вилхелм.
Министерството за внатрешни работи на покраината Баден-Виртемберг, каде што се наоѓа Манхајм, веднаш по инцидентот го предупреди населението на „ситуација опасна по живот“.
Карневалскиот пазар во Манхајм се одржува од 27 февруари и е предвидено да трае до 4 март. Се состои од 60 штандови за храна, возења и игри кои ги водат аниматори.
Безбедноста е една од главните грижи на германските власти по серијата насилни напади во последните недели и месеци.
Имаше смртоносни напади со автомобили во Магдебург во декември и во Минхен минатиот месец. Лани во мај, во Манхајм се случи напад со нож.
Во удар од автомобил во Магдебург загинаа шест лица, а речиси 300 беа повредени. Во февруари, авганистански државјанин со автомобилот влета меѓу луѓе во Минхен при што најмалку 37 лица беа повредени.
ССМ бара дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари

Дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари, бара Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Ваквиот предлог ќе биде доставен до Владата, Организацијата на работодавачите и пратениците, рече Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, на прес-конференција на 3 март.
ССМ бара и за дополнителното зголемување на нето платата од 6.000 денари придонесите да ги субвенционира државата, како и дополнителното зголемување на нето платата од 6. 000 денари да биде задолжително и за работодавачите од приватниот сектор кои исплаќаат плата и над износот на минималецот.
Трендафилов рече дека минималната плата треба да биде утврдена најдоцна до 15 март и да биде исплатена најдоцна до 15 април.
„Апелирам до Владата и работодавачите да го прифатат предлогот на ССМ, а пратениците, како што беа сложни за нивните патни трошоци, да гласаат за дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари што ќе значи и дополнително зголемување на сите останати плати на работниците во Македонија. Со тоа што ќе добиеме зголемени плати нема да заминеме во банките да ги штедиме тие средства што сме ги добиле како зголемување, туку со нив ќе ги купиме основните прехранбени производи кои се даночат со стапка од 5, 10, 15 или 18 отсто“, рече претседателот на ССМ.
Економско-социјалниот совет (ЕСС) моментално е нефункционален. Според Трендафилов, причината е тоа што Владата ги повлекла тројцата членови од Комисијата која одлучува за репрезентативноста на синдикатите.
Тој изрази надеж дека Владата на наредната седница, веројатно утре, ќе треба да ги утврди тројцата членови во Комисијата за репрезентативност. Зависно каква одлука ќе донесат Владата и работодавачите, ќе зависи и како понатаму ќе делува ССМ. Една од опциите е штрајк.
Минималната плата сега е 22. 567 денари. Таа треба да се усогласи во март и според пресметките, зголемувањето би изнесувало околу 1.800 денари. Според ССМ, 24.400 денари колку што би била минималната плата согласно законското усогласување се премалку за работниците имајќи ги предвид трошоците на живот, поради што бараат таа да се зголеми на 30 илјади денари.
ОН длабоко загрижени за фундаменталните промени во американската политика

Обединетите Нации се сериозно загрижени поради „фундаменталната промена“ во насоката на американската политика, изјави Високиот комесар за човекови права Фолкер Тирк.
Во говорот пред Советот за човекови права во кој детално ја анализираше ситуацијата во светот, Тирк исто така изрази жалење поради „контроларното влијание“ на, како што рече, „неизбраните технолошки олигарси“.
„Мал број неизбрани технолошки олигарси имаат наши податоци, знаат каде живееме, што работиме, нашите гени и нашата здравствена состојба, нашите мисли, обичаи, желби и стравови. Тие нè познаваат подобро отколку што ние самите се познаваме. Тие знаат како да манипулираат со нас“, додаде тој, истакнувајќи дека недостигот на регулатива може да доведе до „угнетување, потчинување и тиранија“.
Високиот комесар рече дека ОН со децении уживаат поддршка од Соединетите Држави за прашањата за човековите права „благодарение на великодушноста и сочувството на американскиот народ“.
„Но, денес сум длабоко загрижен од фундаменталната промена на насоката што се спроведува на национално и меѓународно ниво“, рече Турк.
Без да го спомене директно американскиот претседател Доналд Трамп, Тирк истакна дека „на парадоксален начин, политиките кои имаат за цел заштита од дискриминација сега се квалификуваат како дискриминаторски“.
„Дезинформациите, заплашувањата и заканите, особено кон новинарите и државните службеници, ризикуваат да ја доведат во прашање работата на независните медиуми и функционирањето на институциите“ рече Турк и додаде:
„Треба да се прилагодиме брзо. Државите треба да ја исполнат својата должност да ги заштитат граѓаните од неконтролираната влада и да работат заедно за да го спречат тоа“, рече Турк.
Острата критика на високиот комесар кон САД доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за повлекување на САД од Советот за човекови права на ОН на почетокот на февруари.
Соединетите Држави не беа членка на тоа тело на ОН пред враќањето на републиканецот Доналд Трамп во Белата куќа, но како и сите други земји-членки на ОН, САД можеа да учествуваат во дискусиите како набљудувачи.
Министерот за одбрана на БиХ не дозволил слетување на унгарски воен авион во Сараево и во Бања Лука

Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина Зукан Хелез во понеделникот, 3 март, објави дека одбил да даде согласност за прелет и слетување на воен авион од Унгарија во Босна и Херцеговина.
Хелез изјави дека е побарана согласност за слетување на воен авион на аеродромот во Сараево, а потоа и за аеродромот во Бања Лука.
„Зошто воен авион требаше да слета на аеродромот во Бања Лука останува нејасно, но секако е симптоматично во контекст на пристигнувањето на 70 припадници на специјалната антитерористичка единица на унгарското Министерство за внатрешни работи за поддршка на Министерството за внатрешни работи на РС“, напиша Хелез на својот Фејсбук профил.
Четириесет унгарски полицајци влегле во Босна и Херцеговина како цивили, без униформи и без оружје, објави граничната полиција на БиХ на 26-ти февруари.
Граничната полиција на БиХ наведува дека на 24 февруари унгарската амбасада во Босна и Херцеговина ја известила Граничната полиција на БиХ, како и Министерството за надворешни работи на БиХ, за пристигнувањето на 78 припадници на унгарското Министерство за внатрешни работи во Босна и Херцеговина.
Пристигнувањето на преостанатите припадници е планирано во периодот на вежбите најавени со полициските сили на босанскиот ентитет Република Српска.
И министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, за РСЕ изјави дека министерството добило соопштение од унгарската амбасада во БиХ за пристигнувањето на унгарските специјални сили во БиХ.
„Ова е земја членка на ЕУ и НАТО, со тие земји имаме потпишано договори за полициска соработка и обврски од меѓународните договори. Таму не се случи ништо незаконско. Ги добивме имињата и презимињата на луѓето, тие ја преминаа нашата граница како што веќе соопшти Граничната полиција, веројатно во нивните автомобили имаа полициска опрема. Знаеме и за дел од опремата што ја донесоа, дел пристигна со хеликоптер, за што беше добиено одобрение и од нашите институции - Министерството за одбрана и Министерството за транспорт и врски“, изјави Конаковиќ за РСЕ.
Хелез изјави дека унгарскиот премиер Виктор Орбан „постојано го поддржува претседателот на РС Милорад Додик во неговиот обид за поткопување на уставниот поредок на Босна и Херцеговина“.
Минатата недела Народното собрание на Република Српска, по првостепената пресуда против Милорад Додик, претседател на РС, донесе четири контроверзни закони, меѓу кои се издвојува неуставниот закон за забрана на активностите на правосудните и истражните државни институции на територијата на тој босански ентитет.
Закон за непримена на законите и забрана на активностите на вонуставните институции на Босна и Херцеговина, ја забранува работата и постапувањето на Судот, Обвинителството и Високиот судски и обвинителски совет на БиХ, како и Државната агенција за истраги и заштита (РССИ).
Министерството за внатрешни работи на Република Српска претходно соопшти дека унгарските специјалци се во официјална посета на МВР на РС, при што од 24 февруари до 9 март се планирани вежби и обука на повеќе локации во тој босански ентитет, кои се насочени кон борба против тероризмот.
Кошта: ЕУ и е доверлив партнер на Молдавија

Процесот на пристапување во Европската Унија е ригорозен и напорен, но тој не е само ветување за во иднина, туку е и партнерство во сегашноста, изградено на доверба, самодоверба и стратешка перспектива, порача денеска (3 март) од Кишињев претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта по средбата со молдавската претседателка Маја Санду.
„Молдавците избраа европска иднина и ја покажаа својата посветеност на демократијата, слободата и подобриот живот за нивните деца, нагласи Кошта, додавајќи дека Молдавија го живее клучниот момент на својот пат кон Европската Унија, кој длабоко ќе ја обликува нејзината иднина за генерациите што доаѓаат.
Според него, за три години од поднесувањето на официјалната апликација за членство во ЕУ, Молдавија постигнала импресивен напредок во приближувањето кон Унијата, за што посветено работеле сите субјекти во молдавското општество - локалните и националните власти, бизнис секторот, граѓанското општество и младите генерации.
„Некои се обидуваат да го поткопаат патот на Молдавија кон напредокот, просперитетот и стабилноста преку енергетска уцена, лажни вести и хибридни напади. Но, народот на Молдавија застана и го зајакна европскиот пат на земјата“, рече Кошта.
Тој и порача на Молдавија дека ЕУ покажала оти е предвидлив и доверлив партнер, кој стои зад молдавскиот народ со поддршка во справувањето со предизвиците и кризите.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете