Груба и лоша монтажа е видеото кое се појави во јавноста со торбата Луј Витон со милион евра која во рацете на сега осудениот Зоран Милески Кичеец го напушта домот на Камчеви – тврдеше првообвинетиот Бојан Јовановски познат како Боки 13 во предметот Рекет. Боки 13 во својата одбрана посочи дека на ден 20 февруари 2019 година кога е снимено видеото, тој бил на кафе во домот на Камчеви, но во друга просторија разговарале бизнисменот и осомничениот во Империја Јордан Камчев со Милески по што кога заминувале Кичеец ја земал торбата со леснотија.
„Со леснотија ја зема торбата, што е просто невозможно ако во неа има како што пишува во обвинението милион евра. Во домот на Камчев не видов никакви пари, ги видов во судницата на видеото. Во ниеден момент не ја допрев таа торба ...Од Орце не можеш да земеш 50 денари, а камо ли милион ипол евра“ негираше Јовановски во денешниот исказ дека го рекетирал Камчев.
Јовановски вели дека поради тоа и барал како доказ во судот да се достават видеозаписите од камерите во домот на Камчеви, затоа што така ќе се утврдело дека торбата два дена подоцна Милески му ја вратил на Камчев.
Боки 13: Кичеец нѐ одработи како оперативец на Камчев
Обвинителката Вилма Русковска по завршувањето на денешното рочиште пред новинарите истакна дека тврдењата на првообвинетиот Јовановски дека немал никаков контакт со торбата не се точни.
„Што се однесува до торбата за која тврдеше дека ја видел кога Милески ја земал и после два дена кога Милески ја вратил. Во анализата на неговиот телефонски уред има слика точно локација домот на родителите на Бојан Јовановски , точно време, торбата е внатре, имаме и време и локација нешто што се совпаѓа дека од кај Камчев торбата завршува во домот на Бојан Јовановски,“ рече Русковска.
Од друга страна, пак , адвокатот Сашо Дуковски како одбрана на Јовановски, пак,го тврди спротивното.
„ Знаете што има, еве јас ќе ви кажам, има базна станица дека она што го кажа обвинетиот дека кога Милески го враќал од домот на сведокот во домот на неговите родители. Ма каква ташна, каква снимка, воопшто осудениот не се качил во домот на неговите родители, го оставил само. Јас извршив увид во тоа што ми е дадено, ако обвинителството чува некој џокер. Таква снимка не постои одговорно тврдам, беше дециден Дуковски.
Според сведочењето на Боки 13, Милески како „оперативец на Камчев“ создал блиска врска со него по што ја злоупотребил за да може да се спаси неговиот работодавец од обвинувањата во предметот Империја и да го уништи СЈО.
Боки 13 за Рекет дознал од Заев
„За случајот Рекет дознав од поранешниот премиер Зоран Заев на 3-ти април и она што е важно да се знае за овој предмет е дека обвинителката Вилма Русковска уште во јануари комуницирала со Камчев. Камчев ми кажа дека ангажирал адвокат близок со Вилма Русковска Со овој предмет се тргуваше и Катица Јанева беше жртва на уцена, и беше кажано или ќе дадеш оставка или се случи ова“ истакна во судницата Јовановски.
Поранешниот премиер Зоран Заев по гостување во емисија на 1ТВ во канцеларијата на Јовановски, како што тврди тој, му кажал уште во април дека него и Јанева ги следеле странски служби и дека странски обвинител има отворено постапка за Боки 13.
Тој обвини дека бил сведок и на разговори за обиди на Камчев да ја добие болницата 8 -ми септември во јавно приватно партнерство и дека претходно бил често во контакт со обвинителската Русковска. Во хронолошкиот исказ Боки 13 посочи дека Кичеец почнал да ја „освојува“ неговата доверба и да го насочува на бизнис соработка со Камчев и неколку други бизнисмени за домови за стари лица и за разни проекти. Го воодушевиле неговите контакти со странски и домашни бизнисмени како и тоа што претходно работел за ВМРО ДПМНЕ, а потоа за сегашната власт обвинувајќи дека располага со параполиција. Од Милески нема подобар оперативец му рекол Камчев на првата средба со Боки.
„Во ноември кога го приведоа Камчев ноќта Милески дојде кај мене во три наутро избезумен и позеленет во ликот. Ми рече само што требаше да ја продадат болницата на Бугарите и како тие ги изиграле. Јас му реков пази си ја твојата глава кога тој побара помош да зборам со Катица за Империја. Еднаш му се испушти како се смееле на роденденот дека имал задача да ме трпи и освои - сега гледам дека тоа било вистина. Никогаш не сум можел да влијаам врз Катица Јанева“ велеше Јовановски.
За својот однос до Јанева, Јовановски го опиша како пријателски, дека никогаш не разговарале за Империја и дека вработувањето на синот на Јанева, Лазар Јанев дошло по првата средба со обвинителката која се пожалила дека синот правник е невработен. Како што тврди првообвинетиот, нивните разговори биле за приватни проблеми.
Боки 13: Со Јанева разговаравме за љубов и мода, не за Империја
„Ако со некого разговарам за килажа, мода и љубовни проблеми, не можам како цивил да вршам претпоставено влијание врз обвинителка која дрма и тресе. Катица Јанева беше многу резервирана во давањето на информации и имавме опозитна состојба во која јас сум бил директно брифиран од Вилма Русковска кого ќе испитува и ми бараше да испратам новинар. Русковска имаше анимозитет кон Катица Јанева“, рече Јовановски денеска пред Судот, и додаде дека „обвинителниот акт е рекла-казала“.
Во случајот „Рекет” првообвинет е Бојан Јовановски познат како Боки-13 и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Јовановски, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Зоран Милевски. Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. На првото рочиште за „Рекет“, третообвинетиот Милевски призна вина и доби три години затвор. Според обвинението, тие се здружиле за да му земаат пари на бизнисменот Јордан Камчев, сведок во „Рекет“ во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него.
Истрагата за „Империја“ е отворена на 9 ноември 2018 година каде што осомничени се Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска- Камчева, Христина Камчева- Стојческа и други за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители како злоупотреба на службена должност, измами и перење пари.