Достапни линкови

 
Трипков: Претпочитам отворена култура, Култура не заради „УРА“

Трипков: Претпочитам отворена култура, Култура не заради „УРА“


„My creative thoughts - Isolation Mood“ е насловен актуелниот интернет проект на графичкиот дизајнер, визуелен уметник и професор Лазе Трипков, со кој авторот не само што го сврте вниманието на ликовната публика туку и ги заинтригира авторитетите од реномираната The New Art School.

Лазе Трипков е визуелен уметник. Графички дизајнер, професор на Интернационалниот балкански универзитет, основач на Плакарт и Скопје постер фестивал, поранешен директор на Музеј на современа уметност, иницијатор и куратор на бројни меѓународни проекти и изложби, ко-соновач на Скопската недела на дизајн, член на Одборот на најстарото и најквалитетното Биенале за плакат – Варшавското... и над се* човек со кого вреди да се разговара за творештвото и воопшто за културата. Повод за тоа овојпат беше неговиот „изолациски“ интернет проект „My creative thoughts - Isolation Mood“.

Самоизлолацијата како уметнички и творечки предизвик за визуелниот уметник и графички дизајнер Лазе Трипков значеше и втурнување во еден зафат што подразбира секојдневно креирање на дела кои беа и се објавуваат на социјалните мрежи. Колку ова делуваше исцелително за вас како творец? Успеавте ли да му избегате на ваквото секојдневие?

Пред се да Ви се заблагодарам за поканата, бидејќи лично сметам дека изминатиов период ретки се разговорите кои се водат за настани поврзани со културата, а уште помалку за нешта кои ќе влијаат на понатамошните процеси на доживување на културата.

Прашањата кои на сите ни создаваа посебна социјална анксиозност и секако не мачат дополнително со секоја промена на состојбата и времето е како да избегате или како да се дистанцирате? Ако тоа го направите можеби нема да знаете кои се новите препораки, па како да се заштитите, како да се изолирате, колку храна треба да имате, па зошто нема брашно, па каде има, па што ако снема млеко... па, како да миете раце, како да одите облечени, како да гаргарате, како да чистите облека, како да прскате дома, каде има ракавици, каде има маски, зошто нема маски, каде има варикина, зошто нема варикина, па зошто нема дезинфициенти, колку треба да се чека, какви витамини треба да пиете, дали треба да пиете... Уф! тоа ни стана секојдневие, за жал. Затоа и решив да го исклучам телевизорот, престанав да читам препораки и соопштенија. И решив да го правам она што ме исполнува!

Проектот го насловивте „My creative thoughts - Isolation Mood“ и на виделина извади ваши дела кои треба да бидат одговор на една состојба во која се најдовме условно земено не по своја вина. Сепак, колку таа во името на нашето здравје според Вас ни ги измести животите? Ќе станеме ли утре поинакви социјални битија, луѓе кои повеќе ќе ги ценат слободите и конечно ќе сфатат дека треба да не им ја крадат иднината на своите деца?

Седењето дома преку стравот протнува нова форма на живеење, која е веројанто иста кај поголем дел од нас. Впрочем сите сме од крв и месо и тоа е нешто што дури во вакви моменти ни стана повеќе од јасно.

Затоа одлучив дека моето сфаќање на изолацијата ќе го изразам преку серија на постови/постери „Креативни размислувања“ за расположението за време на Ковид-19, кои треба да ги претставуваат моите „креативни предности на личните ставови“. Циклусот ќе трае 30 дена, бидејќи тоа од една временска дистанца е доволен период да се испратат сите промени, да се согледаат моите лични процеси и разбирања на изолацијата, а секако и да напредувам и влијаам на самиот себе преку дизајнот.

Секој ден е посветен на лична креативна рефлексија. Воспоставувам интимна врска со самоизолацијата, да ја разберам за да може да најдам некое лично објаснување за истата.

Целата оваа состојба на карантин влијае на нас на различни начини, но за еден уметник најзначајно е да остане чист и јасен во неговата мисла, идеја и визуелно изразување за да може да придонесе за заедница, околина, па дури и пошироката публика.

Она што мене ме загрижува, е начинот на перцепција за културата, која можеби ќе биде “недостапна” кај одредена група на луѓе, а треба да се биде посебно претпазлив со тинејџерите и студентите поради прекумерното конзумирање на дигитална содржина. Исто така и кај голем дел од повозрасните над 65 години... можеби ќе треба да размислуваме за нов пристап и културни содржини кои ќе бидат поотворени, ќе се осврнат на суштината... Претпочитам отворена култура, Култура не заради „УРА“ и дефинитивно не елитистичка која секако во овие моменти не функционира.

Какви се реакциите од ликовната публика на она што го работите? Колку притоа се наоѓате на иста бранова должина со колегите кои слично како и вие решија со творештво да и се спротивстават на летаргијата, на времето- невреме?

Сите решенија ги постирав на социјалните платформи, на некои сум бил претходно помалку активен, на некои повеќе, но добивав слични реакции, во суштина беа многу позитивни, искрено не очекував толку многу... Можеби се препознаваа, а можеби им помогнаа да ја ослободат реалноста преку уметноста, да ја прифатат состојбата како личен рефлекс.... тоа ме натера да разберам дека социјалната вознемиреност не е заради „затворот„ или поради инвазијата на дигиталната технологија, туку луѓето почнаа да ја разбираат сериозноста на изолацијата и да ја сфаќаат моќта на природата и нејзините убавини!

После 6.от пост ме контактираа од The New Art School, кои се воодушевени од она што го работам и ме поканија да направиме дебата, како и да снимиме онлајн подкаст за Design Education Talks, која е дел од Apple Podcasts. Искрено, многу бев почестен и посебно горд оти еден од моите рани дизајн идоли Phil Cleaver кој бил со Alan Fletcher во Pentagram, е дел од истиот подкаст 

Секако, ги следам и моите колеги и драго ми е дека сите сме на свој начин активни и ангажирани, свесни да помогнеме и да влијаеме со своето творештво.

Во навидум време на претек, кога, во кој дел од денот и ноќта, успевате да се нурнете во себе и од таму да ги извадите и да ги соберете во една ликовна приказна разулавените мисли, своите емоции...Колку притоа се трудите да го следите сопствениот творечки ракопис, да експериментирате со него?

Кога го започнав овој циклус решив дека во период од тие 30 дена ќе се препуштам целосно на играта, бидејќи отсекогаш за мене лично, дизајнот бил и ќе остане игра, забава... се трудам истото да им го пренесам и на студентите.

Обично почнувам така што запишувам што се случува со мене во текот на денот, скицирам и размислувам, а подоцна околу 18-19 часот пробувам да го реализирам решението, односно да го интерпретирам и обликувам. Искрено не секогаш ми успева во некое разумно време да завршам, ама па од друга страна, времето некако се измести, па постовите ми варираат временски, но се трудам да не биде покасно од 22 часот...

Минатата година беше 100 години од Баухаус, а оваа година се навршија 100 години од Руската ВХУТЕМАС. Мојот плакат за Баухаус одлично помина, дури беше издвоен од Bauhaus Movement, па можеби тоа ми наметна одреден креативен дискурс и ме натера дополнително да се сконцентирам на универзалноста, чистината... Од секогаш сум се трудел да ја приближам трајната дизајнерска естетика, форма и енергија, но со овој пристап останувам ист, а се обидувам да постигнам одредена фузија на пристапи во зависност од школото од каде го стекнував знаењето, до се она што теоријата на дизајнот го познава.

Иако најавена некаде на почетокот на пандемијата не се одржа промоцијата на книгата за Социјална инклузија на лицата со хендикеп што ја подготвивте во соработка со Швајцарската амбасада. Ќе се чекаат некои подобри денови ... или ќе се бараат некои други патишта за обрнување повеќе внимание на оваа горлива општествена тема?

Проектот Социјална инклузија, го работевме со поддршка на Швајцарската Амбасада и морам да признаам дека вистински ги поддржаа сите наши напори и она што го замисливме го реализиравме заедно: Европски конкурс и изложба, Летна Школа за дизајн во Брајчино и книга со решенија, препораки и предлози за социјална инклузија.

Во овакви моменти, кога реално го доживуваме физичкото ограничување, а се насетува и менталното, можеме единствено да се поистоветиме со предизвиците и проблемите на лицата со попреченост, на лицата со хендикеп и проблемите на инклузијата, посебно во нашето општество. Верувам дека по завршувањето на оваа пандемија, книгата ќе биде дополнителен стимул и со поинакви погледи ќе се доживее и прифати, со што ќе биде заокружен и тој циклус.

Како професор кој секојдневно комуницира со своите студенти што е она што во ваквиот случај ги советувате? Во која насока се движат вашите сугестии?

И ним како и на нам, ни треба активност, а посебно ни треба уметност... Три пати во неделата имаме онлајн предавања во времетраење од 3 часа, тогаш разменуваме идеи, дискутираме за дизајнот и уметноста, за предизвиците, како дизајнерите можат и влијаат на процесите. Надвор од формалните предавања секогаш сум достапен за студентите и комуникацијата со нив многу ме исполнува. Имам и неколку студенти од Еразмус кои не успејаа да се вратат дома, па комуникацијата со нив дополнително не инспирира и воедно охрабрува.

Уште на почетокот на пандемијата кога престанавме со настава, им зададов задача да креираат визуелни решенија за Ковид-19 со хаштаг #останидома и имаше фантастичен одзив. Имаме преку 50 решенија и моментално го спремам предлог проект за нивна финална реализација во некоја од меѓународните институции.

Знаете, младите вообичаено се жалат дека неможат да излезат, депримирани се, конзумираат исклучиво дигитална содржина... Мене посебно ме загрижува, дека овој метод на работа ќе наметне нова некоја социјална парадигма, им ги ускратува и ограничува истражувачките методи и пристапи кон проблемите, а во иднина ќе користат стриктно онлајн ресурси за работа и сето тоа на крај ќе ги убеди дека можеби вака е „подобро“?!

Почнав да пишувам и еден поопширен текст за тоа, наскоро ќе го објавам, во принцип со овој начин на работа вие сте спречени директно да го насочите студентот, да му помогнете во самиот процес на создавање на едно ликовно или применето дело, да го поттикнете да ги согледа недостатоците. Преку овој тип на едукација неможете, имате вакуум помеѓу поставувањето на задачата или проблемот до конечното решението... Не знаете што се случувало помеѓу. Тоа помеѓу, всушност е многу битно за еден студент по уметност и дизајн. Најбитно.

Триков, вашето име е нераскинливо врзано со ПЛАКАРТ и „Скопје постер фестивал“? Што се случува со манифестацијата? Како ја проектирате нејзината иднина во овие услови и во времево кога несомнено поради кризата културата дури и позасилено ќе биде „монета за поткусурување“ од политичките елити?

Секогаш верував дека уметноста е достапна, а посебно дизајнот, дека тој треба да биде дел од музеите, галериите, па дури и по улиците, посебно во вакви времиња. Скопје Постер Фестивал оваа година ќе ја одбележи тринаесетката. Никогаш не сум бил суеверен, но сигурен сум дека оваа година ќе биде достојна за одбележување и покрај тоа што последниве 3 години упорно не отпишуваат од Министерство за култура. Ние не се предаваме, сепак 13те години не ни го дозволуваат тоа. И ќе најдеме начин како да го реализираме Скопје постер фестивалот. Што се однесува до другиот дел од прашањето, културата е во сериозен ризик. Веќе се променети многу работи кај нас, а впрочем и сме сведоци на тоа.

Можеби нашиот министер за култура не може да излезе и да се обрати, бидејќи постојано се соочуваме со информации за лошата економска состојба, но, затоа пак повеќе пати на ТВ ги слушав излагањата на италијанскиот, францускиот министер за култура со јасни ставови... Некако зборот „пренамена„ ни стана основа на функционирањето во културата, без разлика дали е криза или нормални се условите. Од друга страна пак, никој не зборува за состојбата во образованието. Тоа ми дава за право да констатирам, дека воопшто не сме свесни што ќе ни донесе кризата токму во образованието и културата, која може да биде пострашна од економската криза.

Како творец, уметник, како активен чинител на македонската современа сцена, каква ќе биде според Вас културата во иднината. Посебно овде кај нас каде од поодамна се измешани лончињата и на мнозина ќе им треба уште многу за да конечно разберат оти таа треба да биде насловната страна на секое општество?

Според мене неизвесна. Наместо ова да биде моментот кој ќе го искористиме и ќе изготвиме сериозни решенија, ние сме сведоци на безидејност, превземање постоечки форми, решенија купи ден, продај, а во меѓувреме на уметниците почнаа да им се лепат разно разни етикети. Јас лично не забележав никаква конкретна среднорочна цел или пак подолгорочен пристап. Не забележав отвореност... напротив никој не размилува дека со оваков пристап дополнително се релативизра улогата на уметникот во општеството. Исто така, што правиме со сите оние хонорарци кои имаат договорени ангажмани во театри, опери, дома и надвор од државата? Тие се целосно лишени од можноста да ги остварат своите приходи, а годината не е дојдена ниту до половина. Сето тоа, ми дава за право да кажам дека немаме сериозни системски решенија кои ќе бидат достапни и ќе отвораат еднакви можности.

Само за да направам паралела, кога започна пандемијата, прво нешто што европските држави и светските организации го направија уште во март, покрај редовните објави, ги повикаа креативците и уметнците да се вклучат со предлози и решенија за „одржување“ и стимулирање на културата и публиката. Болниците во САД ги повикаа дизајнерите да се вклучат во креирање на функционални решенија за унапредување на начинот на кој се примаат и третираат пациентите во просториите. Знаете, уметноста е сериозна алатка и за жал не се пристапува со почит кон неа. Сакам да потенцирам дека сега е време да бидеме искрени и сите заедно да размислуваме за доброто на сите нас, на новите поколенија, за да си ги заштитиме децата и новите генерации.

До кога ќе останете со „My creative thoughts - Isolation Mood“? Размислувате ли во меѓувреме и за поинаква, подиректна комуникација со публиката, со јавноста?

Секоја приказна има крај. Но оваа, би сакал да продолжи со „слобода“ како придавка, без тоа “изолација“, иако изолацијата беше главниот поттик за овој серијал. За идните предизвици секогаш размислувам, но засега нека остане тајна. Сепак имам уште десеттина дена до крајот на овој серијал.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG