Достапни линкови

Вести

Во САД, повеќе од милион луѓе се заразени со коронавирусот

илустрација
илустрација

Бројот на заразени со коронавирусот во Соединетите држави ја надмина границата од милион, што претставува една третина од регистрираните инфекции во светот, соопшти синоќа универзитетот Џон Хопкинс. Во таа земја од новиот вирус починале 57.000 лица, а главниот фокус на епидемијата е државата Њујорк, каде што се пријавени една третина од заразените во САД. По САД, најпогодени се Шпанија со над 210.000 заразени, Италија и Франција.

Продолжуваат обвинувањата меѓу САД и Кина за пандемијата

Кина, каде што започна пандемијата во декември 2019 година, има заразено околу 83.000 луѓе, но многумина веруваат дека бројката е многу поголема. Вашингтон отворено го обвини Пекинг дека кажува лаги за балансот на заразените и починатите.

види ги сите денешни вести

Финска: Рускиот брод поврзан со оштетување на кабелот не е пловен

Бродовите на НАТО најверојатно наскоро ќе започнат со патроли во Балтичкото Море по сомнителната саботажа на каблите
Бродовите на НАТО најверојатно наскоро ќе започнат со патроли во Балтичкото Море по сомнителната саботажа на каблите

Финска изјави дека наводниот руски танкер користен како ‘флота во сенка’, задржан поради оштетувањето на каблите на Балтичкото Море има „сериозни недостатоци".

„Поради откриените недостатоци, управувањето со бродот е забрането сè додека тие не се поправат", изјави Сана Соннинен, генерален директор на поморскиот сектор на Финската агенција за транспорт и комуникации (Traficom).

„Поправката на недостатоците ќе бара надворешна помош за поправки и ќе одземе време", додаде Соннинен.

Финска во моментов спроведува истрага за танкерот „Игл С“.

Постои сомнеж за саботажа на кабелот Естлинк 2 - кој испраќа електрична енергија помеѓу Финска и Естонија - на 25 декември.

Во последниве месеци во Балтичкото Море се случија неколку други инциденти, вклучувајќи оштетување на интернет кабел кој ги поврзувал Финска и Германија и друг кој ги поврзувал Финска и Шведска.

Како одговор на заканата од понатамошни инциденти, финската државна телевизија YLE објави дека бродовите на НАТО ќе започнат да патролираат во областите во Балтикот каде што се протегаат кабли. Овој потег има за цел да дејствува како одвраќање и да го намали ризикот од понатамошна саботажа за која се верува дека била извршена од страна на руската флота во сенка.

YLE објави дека до 10 бродови ќе учествуваат во безбедносните патроли и ќе останат најмалку до април.

"Флотата во сенка" се состои од голем број стари, неосигурени нафтени бродови кои се користат за заобиколување на западните санкции врз Русија и одржување на извор на приходи за Кремљ. Бродовите носат руска сурова нафта и нафтени деривати кои беа забранети по целосната инвазија на Москва во февруари 2022 година.

Во меѓувреме, финската полиција на 7 јануари соопшти дека сидрото било пронајдено на дното на Балтичкото Море како дел од истрагата за инцидентите со оштетување на кабелот.

Властите изјавија дека се сомневаат оти оштетувањето на кабелот Естлинк-2 било предизвикано од брод кој го влечел своето сидро додавајќи дека на „Игл С“ му недостасувало едно од котвите.

Шведската морнарица претходно информираше дека го вратила сидрото откако испратила подморница да ѝ помогне на Финска во истрагата. Портпаролот на морнарицата во изјава за новинската агенција АФП посочи дека сидрото епредадено на финските власти.

Истражувачите изјавија и дека пронашле трага на морското дно долга десетици километри што укажува на тоа дека бродот го влечел своето сидро. Сепак, тие сè уште не го пронашле исчезнатото сидро во тоа време.

„Локацијата каде што е пронајдено сидрото е по должината на патот на Eagle S кон западниот крај на трагата од влечење пронајдена на морското дно", се вели во соопштението на финското Национално истражно биро (NBI).

Интерпелациите за четворица министри без поддршка, за Даути неизвесно

Илустрација
Илустрација

Имајќи ги предвид актуелните ставови на парламентарните политичките партии од мнозинството и од опозицијата, на собраниската седница закажана за в петок, се очекува отфрлање на четирите интерпелации за актуелни министри поднесени од Европскиот фронт, додека за петтата интерпелација за претседателката на Комисијата за труд Илире Даути, дел од пратениците најавуваат дека утре или задутре ќе го изградат својот став.

Сепак, како што брифираат пратеници, дури и да се изгласа интерпелацијата поднесена од Левица, Европскиот фронт може повторно да ја предложи Даути и таа пак да биде претседателка на истото собраниско тело.

Според собранискиот Деловник, за интерпелациите дебатата и гласањето ќе бидат поединечни. Ќе дебатираат онолку пратеници колку што се пријавиле, но на крај на денот односно пред полноќ треба да се гласа. Сепак, пратениците се надеваат дека целата дебата би можела да заврши за еден ден.

Пратеничката група на СДСМ, како што изјави денеска портпаролката на партијата Богданка Кузеска, останува на веќе соопштениот став од почетокот на декември минатата година дека нема да ги поддржи четирите интерпелации поднесени за работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени од ДУИ. Додека во однос на интерпелацијата за Даути рече дека ставот ќе биде изграден на координација.

„Остануваме на ставот. Тоа е и одлука на Извршниот одбор на партијата. Нема да ги поддржиме и нема да гласаме за интерпелациите кои што се поднесени од ДУИ. Не се потребни нови поделби по етничка основа. За поднесување на интерпелација потребно е да се видат критериумите и секако сите оние аргументи кои се поврзани со лошото работење на некој министер за да може да бидат тие поднесени и да бидат поддржани. Пратеничката група на координација ќе го усогласи настапот на седницата, изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

Пратениците од Левица, кои ја поднесоа интерпелацијата против Илире Даути, како што посочи за МИА Амар Мециновиќ, очекуваат широка поддршка во Парламентот, имајќи предвид дека законот кој таа го блокира е предложен од СДСМ додека ВМРО-ДПМНЕ преку нивната портпаролка Марија Митева најави дека би поддржале нејзина смена.

„Сега топката е кај мнозинството. Ова е клучен чекор за ставање крај на самоволието на пратеничката Даути и кочењето на парламентарните процедури преку кршењето на Деловникот, вели Мециновиќ.

Нивната пратеничка група нема да ги поддржи другите интерпелации поднесени од ДУИ.

Претходно, денеска за интерпелациите во Собранието одговараше и премиерот Христијан Мицкоски кој беше во посета на Штип. Мицкоски рече дека очекува неосновани критики и обид што ќе заврши како неуспешен, напади што ќе поларизираат и ќе поттикнат чувства на меѓуетничка нетолеранција.

„Но, мислам дека тоа ќе биде јалово и неуспешно и овој обид ќе заврши како неуспешен. Очекувам критики кои се неосновани и критики кои немаат никаква врска со реалноста. Но, таква ни е опозицијата во овој момент. Се надевам дека ќе извлече поука, многу скоро програмски ќе се реструктурираат, но и кадровски ќе се освежат, бидејќи таму гледаме некредибилни луѓе. Имаме ние институционална меморија и знаеме што сѐ правеа во минатото, изјави Мицкоски.

Коалицијата Влен ги отфрли интерпелациите за четворицата министри откако тие беа поднесени.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на последната предновогодишна средба со новинарите информираше дека секоја интерпелација ќе се разгледува посебно и дека може да се дискутира цел ден во зависност од тоа колку пријавени пратеници има за збор. Сепак, додаде тој, на крајот на денот мора да се гласа.

Повеќе од 3.500 универзитетски професори во Србија ги поддржаа студентите во блокадата

Илустрација
Илустрација

Повеќе од 3.500 универзитетски професори со јавно писмо ги поддржаа студентите кои ги блокираа факултетите во нивните протести и барања.

Почитувани граѓани на Србија, ние, наставниците, соработниците и истражувачите на универзитетите ширум Србија, цврсто стоиме покрај нашите студенти во заедничката борба за подобро општество“, се вели во писмото.

Тие ги осудија обидите на власта да ги заплаши учениците, како што наведоа, со јавно споделување на нивните приватни податоци, ширење невистини за нив, како и со испраќање полицајци и агенти на Безбедносно-информативната агенција на нивната и на адресата на нивните родители.

Уште еднаш апелираме до надлежните органи совесно и одговорно да си ја вршат работата“, велат професорите.

Писмото е објавено на 5 јануари, но бројот на потписници секојдневно се зголемува.
Во Србија блокирани се повеќе од 60 факултети на четири државни универзитети, неколку ректорати и десетици средни училишта.

Студентите во блокадата бараат објавување на комплетната документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, по што падна настрешницата.

Меѓу барањата е и отфрлање на обвиненијата против уапсените и приведените на протестите, каде што бараат кривично гонење на одговорните за трагедијата во Нови Сад, како и итно гонење на лицата кои тепале студенти и професори за време на протестите.

Непосредно пред крајот на годината, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, одговорно за истрагата за падот на настрешницата, објави документација за која тврдат дека е „целокупната достапна документација и информации собрани во текот на предистражната и истражната постапка “.

По повод несреќата во Нови Сад на 30 декември, ова обвинителство поднесе обвинение против 13 лица, меѓу другите, поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и поранешната директорка на српската железничка инфраструктура Јелена Танасковиќ.

Меѓутоа, еден ден подоцна, Вишиот суд во Нови Сад одби да им одреди притвор на Весиќ и Танасковиќ.

15 лица загинаа, а двајца се тешко повредени при падот на настрешницата во Нови Сад.

ЕУ вели дека во моментот нема потреба од подготовки за нова пандемија

илустрација
илустрација

Можам да ве уверам дека во моментов не е неопходно во ЕУ да се подготвиме за нова пандемија, изјави портпаролката на Европската комисија за социјални права и вештини, подготвеност, еднаквост, култура и здравство, Ева Хрнчирова во врска со регистрираниот прв случај на лице заболено од човечкиот метапневмовирус ХМПВ во Грција.

„Свесни сме за извештаите во медиумите и за ситуацијата во Кина. Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) е многу внимателен во следењето на ситуацијата и за тоа ќе дискутира и Комитетот за здравство и состојбата ќе се следи и во наредните недели“, нагласи Хрнчирова.

Грчките медиуми јавија дека во Солун е потврден првиот случај на ХМПВ во Грција кај 71-годишен маж, кој најверојатно се заразил од неговата ќерка која била на одмор во Кина, каде што во моментов се регистрирани поголем број случаи на инфицирани со овој вирус.

Според грчкиот министер за здравство Адонис Георгиадис „не постои никаква причина за загриженост“, бидејќи станува збор за веќе познат вирус.

Тој додаде дека вирусот ги напаѓа луѓето со нарушено здравје или мали деца, кои се уште немаат развиено имунитет.

По земјотресот во Тибет, над 400 луѓе спасени од под урнатините

Последици од земјотресот во Тибет, 7 јануари 2025 година
Последици од земјотресот во Тибет, 7 јануари 2025 година

Повеќе од 400 луѓе се спасени од под урнатините во Тибет, соопштија денеска кинеските власти.

Продолжува потрагата по преживеаните од вчерашниот силен земјотрес што го погоди подножјето на Хималаи.

Најмалку 126 луѓе загинаа, а 188 се повредени во земјотресот со интензитет од 6,8 степени според Рихтеровата скала.

Американскиот геолошки институт соопшти дека земјотресот бил со јачина од 7,1 степени, на длабочина од околу десет километри. Кина забележа магнитуда од 6,8 степени по Рихтеровата скала.

Епицентарот на земјотресот бил на околу 75 километри североисточно од Монт Еверест, кој се наоѓа на границата на две земји. Областа е сеизмички активна и е местото каде што се судираат индиската и евроазиската плоча.

Тибет, како и целиот југозападен дел на Кина, Непал и северна Индија, често се погодени од земјотреси предизвикани од судирот на индиската и евроазиската тектонска плоча.

Патниците од САД, Канада и Австралија ќе плаќаат за влез во Велика Британија

илустрација
илустрација

Патниците од десетици земји, меѓу кои САД, Канада и Австралија отсега ќе треба да платат за да влезат во Велика Британија. Електронската шема за патничко овластување (ЕТА), која е слична на ЕСТА системот во Соединетите Држави бара од посетителите, на кои не им е потребна виза за да влезат во Британија, да се стекнат со дозвола за патување.

Дозволата чини 10 фунти (12,50 долари) и овозможува престој до шест месеци во период од две години. Таа првпат беше воведена во 2023 година и се однесуваше на патниците кои доаѓаа од Катар, а минатата година беше проширена на пет соседни земји од Заливот.

Сега е проширена дополнително, со уште педесетина земји и територии, од Аргентина, Бразил и Нов Зеланд, до Јапонија, Јужна Кореја и Карипските земји.

Со системот, кој за државјаните од тие земји стапи во сила денеска (8 јануари), граѓаните имаа можност да аплицираат од минатиот ноември. Шемата која се очекува да ја зацврсти граничната безбедност, ќе биде проширена на десетици земји и територии од ЕУ и Европа на 2 април.

Граѓаните кои ќе бидат опфатени со овој електронски систем, ќе можат да аплицираат за новата ЕТА - која преку апликација е дигитално поврзана со пасошот на патникот, од 5 март.

Според податоците на Британската влада, Велика Британија секоја година ја посетуваат околу шест милиони луѓе од САД, Канада и Австралија.

ЕТА исто така, важи и за деца и за бебиња, а таа ќе им биде неопходна дури и на патниците кои ја користат Велика Британија само како транзит.

Во меѓувреме, министерот за економија на Северна Ирска, Конор Марфи предупреди дека воведувањето на ЕТА ќе има „катастрофално" влијание врз туризмот во британската провинција, со оглед на тоа што нејзиниот сосед Република Ирска не е вклучен во програмата.

Марфи стравува дека трошоците и бирократијата ќе ги одвратат меѓународните туристи кои ја посетуваат земјата од патување преку копнената граница за да ја посетат Северна Ирска.

Лондонскиот аеродром Хитроу исто така се спротивстави на оваа програма, велејќи дека нејзиното проширување го намалило бројот на патници кои поминуваат низ Велика Британија и дека ја прави земјата „помалку конкурентна" и го нарушува нејзиниот економски раст.

Новото барање не важи за британски и ирски државјани, оние со пасоши од британските прекуморски територии и легалните жители на Велика Британија. Тоа не ги менува барањата за граѓаните на земјите на кои им е потребна виза за посета на Британија, како што се кинеските, еквадорските и јужноафриканските патници.

Претходно, повеќето посетители на кои не им беше потребна виза можеа да пристигнат на британскиот аеродром и да продолжат со нивниот пасош низ имиграционата контрола.

Новата шема за влез во Велика Британија ја отсликува претстојната шема на ЕТИАС системот (ETIAS) за државјани ослободени од виза кои патуваат во 30 европски земји, вклучувајќи ги Франција и Германија. Европската комисија очекува системот, кој ќе се применува во околу 60 земји вклучувајќи ги САД, Канада, Бразил и Велика Британија, да почне да функционира во средината на оваа година.

Протести на студентите пред судот во Нови Сад

Протест во Нови Сад, 8 јануари 2025 година
Протест во Нови Сад, 8 јануари 2025 година

Студентите кои ги блокираа факултетите на Универзитетот во Нови Сад протестираат пред зградата во која се наоѓаат судовите и обвинителствата во тој град.

Главната порака на студентите е дека нема да дозволат „извршната власт да врши притисок врз судството“.

Тие бараат правична кривична истрага и гонење на одговорните за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, кога на 1 ноември 2024 година загинаа 15 лица.

Бранислав Ѓорѓевиќ, студент на Филозофскиот факултет во Нови Сад, рече дека студентите се собрале затоа што на 8 јануари судот треба да одлучи дали поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, ќе биде во притвор или не.

„Дојдовме да ги поддржиме сите луѓе кои работат во овој систем и се плашат. Ако ви недостасува кичмата, ќе ви ја ставиме ние нашата. Но ве молам, работете фер и според законот“, рече тој.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинителен акт против 13 лица, меѓу кои и Горан Весиќ, во врска со несреќата во Нови Сад на 30 декември.

Меѓутоа, еден ден подоцна, Вишиот суд во Нови Сад одби да му одреди притвор на Весиќ.
Насобраните студенти тропаа со тапани, тави, труби пред судовите и обвинителствата, а се слушаа и извици „Затвор, затвор“.

Тие развија знаме на кое пишува „Правдата е на тест“ и пораките „Индекс на револуција“, „Ти не си Србија“ и „Веќе не се плашиме да ги налутиме лошите“.

Уште рано утрото, полицијата со опрема за разбивање на демонстрации се појави пред Палатата на правдата на улицата Сутјеска. Пред главниот влез се поставени метални огради.

Учениците ги поканија средношколците, просветните работници, земјоделците и други граѓани да им се придружат. Тие инсистираат, како што наведуваат, „факултетите да останат затворени, а очите отворени“.

Ректоратот и сите факултети на Универзитетот во Нови Сад се под блокада.

Студентите бараат политичка и кривична одговорност за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, објавување на сите документи поврзани со реконструкцијата на станицата и зголемување на буџетот на факултетот.

Блокадите продолжија и за време на празниците.

Шаленберг ќе биде привремен премиер на Австрија

Министерот за надворешни работи на Австрија Александар Шаленберг
Министерот за надворешни работи на Австрија Александар Шаленберг

Министерот за надворешни работи на Австрија Александар Шаленберг ќе биде привремен премиер на земјата, додека екстремно десничарската Партија на слободата се обидува да формира нова коалициска влада, објави денеска (8 јануари) Кабинетот на претседателот.

Шаленберг ќе ја преземе функцијата од канцеларот во заминување Карл Нехамер, кој најави оставка во текот на викендот, откако не успеаја неговите напори да формира коалиција без Партијата на слободата.

Нехамер планира да се пензионира во петок.

Кабинетот на претседателот Александар Ван дер Белен објави дека тој официјално ќе го задолжи Шаленберг „да ја води привремената влада“.

Тоа ќе биде втор пат Шаленберг да биде премиер на Австрија.

Шаленберг беше канцелар помалку од два месеци на крајот на 2021 година, откако Себастијан Курц поднесе оставка и пред премиерската функција да му припадне на Нехамер, кој се врати во Министерството за надворешни работи.

Антиимиграциската, евроскептичната и пријателска на Русија-Партија на слободата, победи на парламентарните избори во септември, но другите партии тогаш рекоа дека нема да соработуваат со неа за формирање влада.

Откако Нехамер ја објави својата оставка, неговата конзервативна Австриска народна партија направи остар пресврт од претходното одбивање дури и да ја разгледа соработката со Партијата на слободата и нејзиниот лидер Херберт Кикл.

Кикл во понеделникот доби мандат да се обиде да ја формира првата влада предводена од екстремната десница по Втората светска војна.

Тоа е процес кој може да потрае со недели или месеци и не е гарантиран успех, пишува АП.

Шаленберг рече дека нема да остане во владата под Кикл.

Шумски пожар беснее во Лос Анџелес, евакуирани 30000 луѓе

Пожарникарите се борат со пожарот кој зафати повеќе објекти во населбата Пацифик Палисејдс во Лос Анџелес, Калифорнија, САД, 7 јануари 2025 година
Пожарникарите се борат со пожарот кој зафати повеќе објекти во населбата Пацифик Палисејдс во Лос Анџелес, Калифорнија, САД, 7 јануари 2025 година

Шумски пожар беснее во елитната област на Лос Анџелес, Калифорнија. Пожарот уништи куќи и создаде сообраќаен метеж, додека 30000 луѓе веќе се евакуирани.

Изгореа најмалку 510 хектари од областа Пацифик Палисејдс, помеѓу Санта Моника и Малибу, изјавија официјалните лица кои исто така предупредија на екстремна опасност од ширење на пожарот поради силните ветрови кои пристигнаа по долготрајната суша.

Според противпожарните служби, сè уште не постои можност за спречување на пожарот.

Командантот на батаљонот и портпаролот на Калифорнискиот оддел за шумарство и противпожарна заштита, Дејвид Акуна одговарајќи на прашање на Си-Ен-Ен дали постои можност за ставање на огнот под контрола поради силните ветрови, рече:

„Не. Искрено, не постои таква можност."

Поради силните ветрови во Лос Анџелес, пожарот брзо се шири, 7 јануари 2025
Поради силните ветрови во Лос Анџелес, пожарот брзо се шири, 7 јануари 2025

Сведоци истакнуваат дека голем број куќи се во пламен, кој речиси ги пеплосал нивните автомобили додека бегале од ридовите на кањонот Топанга.

„Пожарникарите не биле во можност да ја користат воздушната сила поради силните ветрови“, порача портпаролката на градот Лиза Дердеријан.

Пред да избувне пожарот, Националната метеоролошка служба го издаде најголемото предупредување за екстремен пожар во поголемиот дел од округот Лос Анџелес од вторник до четврток, предвидувајќи на силни ветрови.

Во комбинација со ниската влажност и сувата вегетација поради недостиг на дожд, условите се исклучително опасни.

Евакуација на корисниците на Центарот за постари лица во Алтадена на 7 јануари 2025 година.
Евакуација на корисниците на Центарот за постари лица во Алтадена на 7 јануари 2025 година.

Во моментов, десет зони се под наредба за евакуација, што значи дека постои „непосредна закана за животот" и жителите мора веднаш да ја напуштат областа.

Дополнителни 18 зони се под потенцијална закана и е издадено предупредување за евакуација.

Потпретседателката на САД, Камала Харис изјави дека сочувствува со сите погодени од пожарите во Јужна Калифорнија.

„Се молиме за сите оние кои мораа да ги напуштат своите домови и да помислат на семејствата чии домови, бизниси и училишта сè уште во опасност. Ние сме длабоко благодарни на хероите на итните служби кои ја ризикуваат сопствената безбедност за да го изгаснат пламенот и да ги заштитат заедниците", додаде таа во изјавата.

Пет училишта во областа Unified School District во Лос Анџелес ќе бидат затворени поради пожарот, а часовите ќе се одржуваат онлајн.

Прв случај на метапневмовирус во Грција

илустрација
илустрација

Во Солун е потврден првиот случај на човечкиот метапневмовирус (ХМПВ) кај 71-годишен маж, кој е хоспитализиран. Како што јавуваат грчките медиуми, според грчките епидемиолози и министерот за здравство, нема простор за паника, бидејќи како што објаснуваат, станува збор за вирус познат над 20 години.

Грчките медиуми објавија дека мажот се заразил од неговата ќерка која била во Кина на одмор, каде што во моментов постои епидемија на метапневмовирусот.

Во интервју за грчката телевизија „Антена“ министерот за здравство Адонис Георгиадис рече дека „не постои никаква причина за загриженост“, бидејќи станува збор за познат вирус, но и објасни дека побарале темелна анализа на потврдениот случај за да видат дали можеби станува збор за сој што не е познат или дали има некои опасни карактеристики.

„Метапневмовирусот не е нешто ново, како што беше Ковид во 2019 година, кога започна од Кина. Станува збор за познат вирус кој напаѓа луѓе што со нарушено здравје или мали деца, кои сè уште немаат развиено имунитет“, објасни Георгиадис.

Професорот по епидемиологија на Медицинскиот факултет во Атина, Гикас Мајоркинис за државната телевизија ЕРТ посочи дека метапневмовирусот е „вирус за кој знаеме најмалку од 2001 година и за кој студиите покажаа дека кај луѓето постои со децении“ и дека засега, не е особено опасен, „иако може да одведе многу деца, како и луѓе кои припаѓаат на високоризични групи, во болница“.

Професорот објасни дека не постои вакцина или специфичен третман за ХМПВ, бидејќи се смета дека предизвикува релативно блага респираторна инфекција и не станува збор за сериозен вирус.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG