Достапни линкови

Танцот е слобода!


Григориј Вујани Макома, танчер, актер, кореограф и едукатор од Јужна Африка, е автор на светската, а Александар Хаџиманов, педагог и солист на балетот во МОБ, е потписник на македонската порака по повод Меѓународниот ден на танцот 29 април.

Поминуваме низ незамисливи трагедии, во време кое најдобро би можел да го опишам како постхумана ера. Повеќе од кога било, треба да танцуваме со цел, да го потсетиме светот дека човештвото сè уште постои. Целта за човечност и емпатијата треба да го совладаат, овој, со години наталожен неопореклив виртуелен пејзаж на расипништво, што не довел до катарзата на универзалната тага - освојувајќи ја тагата, оваа тешка реалност продолжува да го толерира животот кој се соочува со смрт, отфрлање и сиромаштија. Нашиот танц повеќе од кога и да е им даде силен сигнал на светските лидери и на оние на кои им е доверено чувањето и подобрувањето на условите за човечност; дека ние сме војска на бесни мислители, и нашата цел е таа што се стреми да го смени светот истрајно и чекор по чекор кон подобро. Танцот е слобода и преку нашата изградена слобода, ние мора да ги ослободиме другите – заробените кои се соочуваат со материјални и духовни зандани, во различни страни на светот. Танцот не е политички, тој станува политички затоа што во своите влакна носи човечка врска и затоа реагира на околностите во обидот да го врати човечкото достоинство. Додека танцуваме, со нашите тела, негодувајќи им на неправдите на овој свет, во вселената ние се поврзуваме заедно, стануваме движечка сила од проткаени срца; ние ги допираме душите и овозможуваме исцелување, а тоа е толку многу и очајно потребно. Целта станува единствен хидроглав, непобедлив и неделив танц. Сè што ни треба сега и тука, е да танцуваме уште, секогаш и бесконечно !!!!

Ова ќе го забележи Григориј Вујани Макома, танчер, актер, кореограф и едукатор од Јужна Африка во својата авторска порака за 29 април – Меѓународниот ден на танцот.

Станува збор за меѓународно етаблиран уметник, основач на Vuyani Dance Theatre (VDT) во 1999 година, добитник на наградата Витез на уметностите и литературата што нецели две децении подоцна му ја додели француската влада и на инаугуративната награда „Усиба“ за посветеност во танцовата настава од Министерството за уметност и култура во Јужна Африка.

Тој за своето творештво е добитник и на други значајни признанија како наградите FNB Vita Choreographer на годината во 1999, 2001 и 2002 година за Rhythm 1.2.3, Rhythm Blues and Southern Comfort, потем на наградата за најдобар Млад артист во танцот и финалист на наградата Daimler Chrysler Choreography – обете во 2002, добитник на високото признание Tunkie за лидерство во танцот една деценија подоцна, во 2014 година ги доби наградата „Беси“ за најдобра премиера и на „Њујорк сити - Exit/Exist“ за оригинална музичка композиција... Макома беше еден од поттикнувачите на иницијативата на Ролекс за уметноста 2016-2017 година, како и одговорен за курирање на Главната програма за танцување на Националниот уметнички фестивал во 2017 година. Неговите тековни дела „Преку Канана“ и „Цион: Реквием на Болеро на Равел“ во моментов се на турнеја во Африка и Европа.

Од друга страна, македонскиот уметник, балетски педагог и солист на балетот во МОБ Александар Хаџиманов, во своето послание за годинешниот Меѓународен ден на танцот истакнува дека тој датира од почетокот на праисторијата и е наменет да се смилуваат боговите, да подарат подобро време и доволно храна. Дека Грчкиот театар се појавува 500 год. п.н.е. со „Дитираме“ кој се состои од песни и танци. Во Рим, пак, како што пишува тој во 20 год. п.н.е. , се прикажуваат пантомимски претстави во соло изведби, кои со помош на музика, костими, маски претставуваат цели трагедии или митови.

Забележува дека потем танцот е застапен преку костимираните изведувачи на улици, како и на одредени свечености, на сценски прилагодени верзии на општествени танци од тоа време, за во втората половина од ХVII век во Париз да биде отворена балетската академија, од кога балетот станува професионална уметност.

Зависно од социјалните, политичките и економските услови, секоја епоха понудува соодветна форма на претставување на уметноста на танцот, кој е во непрекинат развој, на пример, дворскиот балет го карактеризира раскошен костим, симпатичност, достоинствен и одмерен настап. Понатаму на сцената се поставуваат претстави во кои се вклучени содржина и чувства. Романтичниот балет, во кој се игра на врвовите од прстите, истакнува лирска и етерична игра на балерината, а класичното наследство на академскиот балет е застапено до денес. Претставувањето на слободни танци и отстапувањето од класичните форми со појавата на нео-романтизмот ја отвара епохата на модерниот танц кој го отфрла традиционалниот принцип на класичниот балет; открива други облици на движење, прилагодени на современиот живот и ја поттикнува креативноста и чувството на поединецот за сопственото искажување. Инвентивноста и посветеноста понатаму ќе ни донесат уште многу нови нешта во танцот, а нам ни преостанува да се препуштиме на доживувањето. И за крај ќе го цитирам Жан Жорж Новеркој вели „Танцот го споредувам со најубавото во природатата“, пишува Хаџиманов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG