Достапни линкови

Благој Ламњов: Пеколно ми недостига сцената


Македонскиот музичар и виртуоз на кларинет Благој Ламњов влегува во редот уметниците кои трпеливо ја градат сопствената кариера во светот. Тој е баран музичар во Шведска и во скандинавските земји, а неговиот деби албум „Носталгична љубов“ полека си го пробива патот до широката публика.

Надарен како што прилега, упорен, љубезен, филозоф по интуиција, љубопитен до бескрај, артистичен во доволна мерка, носталгичен, емотивен, мудар...Благој Ламњов, или како што се потпишува Благо Ј, се чини, е роден да биде уметник. Зошто да не и ѕвезда. И, ако се земе неговиот досегашен пат о полн здив тој веќе е кинисан таму.

Израснат на долгата семејна звуковна традиција, на силното ехо на велешката чалгија и образуван во класичен дух, Ламњов со своето понирање длабоко во своето битие се обидува и успева од таму да ги исцеди музиките во кои видливо Истокот се вкрстува со Западот и каде емоцијата е универзална. Да го крене копнежот на пиедестал и да крикне дека има храброст да се носи со крстот на своите навидум слаби плеќи.

Конечно, токму таков е и во комуникацијата – непосреден и горделив на делото, но уште повеќе подготвен со исправена глава да оди по патеката што сам ја одбрал и милува.

Во деновиве на светска пандемија, на интернет за слободно преслушување го стави својот деби албум „Носталгична љубов“. Која беше мислата водилка за овој потег и какви се реакциите од публиката, од оние кои се обиделе да го сторат бегството од реалноста преку твојата музика?

Ова е долга приказна. Албумот „Носталгична љубов“ ( „Nostalgic Love“) го правев за себе и за неколку одредени личности во период од 14 години. Подготвуван е искрено, отсвирен е искрено, со целосна искреност кон тие особи, кон себе и кон самата музика. Тие искрени чувства се слушаат. Албумот беше како мое чедо. Во јуни минатата година кога го дистрибуирав на дигиталните музички платформи AppleMusic, Spotify, iTunes, Deezer... почувствував нешто чудно кај себе. Ми стана јасно дека од тој момент таа музика ја делам не само со тие неколку особи туку и со луѓе кои јас не ги ни познавам. Бев тажен и се почувствував на некој начин издаден од самиот себе. Како да го разоткрив некој исклучително драг предмет што сте го добиле од една особа и тајно си го чувате само за вас, или како да сте кажале една тајна која ја знаат само двајца. И сега сето тоа го делите со целиот свет.

Тој ден останав дома и доста размислував. На крајот на денот се помирив и со мир прифатив дека од овој ден моите тајни и чувства се изложени и достапни за јавноста. Но и покрај тоа, сепак не сакав ни да слушнам за дистрибуција на мојот албум на YouTube. Таму има сè и сешто и не сакав „Носталгична љубов“ да се најде во истиот кош каде се мешаат добрата и лошата музика.

Како поминуваше времето така се запознавав со еден огромен ентузијазам и искрена радост од страна на неколку стотици мои познаници и пријатели, и неколку илјади кои во општо не ги ни познавам. Почнав да чувствувам одговорност кон сите тие луѓе, кон родниот град Велес, но и кон нашата Македонија. Сфатив дека со самото тоа што постои, оваа моја, наша музика позитивно делува врз мојот град и мојата земја, а оние кои веќе го слушнале веројатно откриле работи за себе кои претходно никогаш не ги почувствувале. Тоа беше причината што се помирив и со YouTube и што ја оставив музиката да си го пробива патот до срцата на сите слушатели било каде да посегаат по неа.

Ново настанатава ситуација те најде во Шведска како солист, кларинетист на голем симфониски оркестар. Нешто што класично образован музичар сигурно си го посакувал и кое на твојата кариера и дава поинаков ток. Сега сето тоа е во мирување, но сигурно твоите очекувања остануваат во игра. Какви се твоите сознанија за овој момент од твојата интернационална кариера?

За секој концерт и проба, од дома излегувам со една мисла: Ајде да видам денес колку јас знам и колку не знам. Да видам што ќе научам. Да видам колку ова ќе ме направи попаметен и подобар и колку позитивно ќе влијае врз мојата иднина, приватно и професионално? Притоа понесувајќи ја со себе одговорноста која ја има еден човек на сцена, не само кон публиката туку и кон колегите, диригентот и администрацијата на тој оркестар која со доверба те поканиле да настапиш.

На концертот во јануари оваа година каде свирев како солист со Norrköpings Symfoniorkester во Шведска мојата работа ја завршив така како што треба. Како што сите очекуваа од мене, освен публиката. За публиката беше над очекувањата. За нив бев едноставно кажано „Уаау“. Тоа лично го видов и слушнав и ми беше голема потврда за нешто во кое длабоко верувам. После овој концерт, мојата асистентка Каролина Нилсон и јас почнавме да работиме со многу поголема самодоверба и креирање на брендод Благој Ламњов ( или Благо Ј ). Тоа е тоа што во моментов го знам и во кое верувам.

Јас веќе многу години работам за дел од најголемите институции во Шведска, како Операта на Малме, Симфонискиот оркестар на Хелсингборг, Театар на град Стокхолм, Универзитетот на Лунд, Универзитетот на Гетеборг, а мојата соло кариерата сега почнува малку по малку да расте и како што рековте добива нов тек. Во иднина сигурен сум дека ќе се појавувам како солист со симфониски оркестри низ светот , како со класичен репертоар така и со музика од мојот албум „Носталгична љубов“ аранжирана за симфониски оркестар. Веќе оваа година имам уште еден концерт како солист и тоа во Македонија. Ако се биде во ред поради оваа криза, во јуни се надевам дека ќе засвирам како солист со камерниот оркестар Скопски Солисти. Ова е првиот посериозен оркестар од Македонија кој ме поканил и сметам дека овој нивни гест е навистина за поздрав.

Да се вратиме на „Носталгична љубов“, албум која на виделина ги извади виртуозноста и копнежот на музичар и немирен дух кој реши на свој начин да го канализира сопственото творештво. Како настана албумот? Од каде тргна за да стигнеш до објава која освојува на прва топка и ги открива повеќето страни на твојата личност?

Снимањето на албумот „Носталгична љубов“ беше долг процес кој започна во септември 2004 кога дојдов на студии на универзитетот Лунд. Шведска е ужасно креативна земја која ми отвори нови погледи и идеи за мојата професионална и приватна иднина. Сфатив дека сакам да почнам да креирам и јасно ми беше дека најголемото влијание мојата музика ќе го има од Македонската народна музика, но на почетокот немав конкретни одговори на прашањето „зошто јас сакам да пишувам музика“ и затоа ми одеше доста бавно. Морав да ги најдам причините и одговорите. Тоа беше најважно затоа што причината ми создава големо трпение и ја зајакнува мојата желба за пишување. Така размислувајќи и експериментирајќи со музиката, одговорите еден по еден почнаа да излегуваат. Една од првите причини која ја зајакнуваше мојата желба беше потребата да бидам разбран на интернационални простори, притоа задржувајќи што повеќе од Македонската народна музика за да мојот народ сака да го чуе тоа што го пишувам. Друго нешто подеднакво важно ми беше да допрам до луѓе кои никогаш претходно не сакале дома или во кола да слушаат кларинет. За да го постигнам тоа јас почнав да експериментирам со една мелодија која секој ја знае и секој ја свири не само во Македонија туку низ целиот свет. Си дадов сериозна задача која покасно се докажа дека е многу паметна: Ако јас, Благој Ламњов, со кларинет (замислете инструмент кој никој дома не го слуша) , успеам да ја изведам едноставната песна „Јовано, Јованке“ во инструментална верзија, без зборови, и привлечам внимание од луѓето кои не се музичари, а притоа да им ги „поткренам веѓите“ на македонските музичари, значи дека сум на прав пат. Но, најважно од се* ми беше и сеуште ми е да ја задржам искреноста и да пишувам со искрени чувства, интимно, без побуди од комерцијален карактер. Тоа што го пишувам и отсвирувам го правам за една особа, која секако се менувала низ годините. Но таа што е во моментот во мојот живот, токму таа ги испишува празните листови хартија со ноти. Затоа и албумот „Носталгична љубов“ звучи толку интимно, емотивно и искрено, затоа што е правен во таква ментална состојба.

Но, кој е Благој Ламњов? Едно навидум кршливо момче со еруптивна енергија или...следбеник на семејната музичка традиција со поинакви планови за себе и сопствениот пробив во светот на музиката. Како започна твојот пат во музиката? Кој те воведе и конечно како се најде во широкиот свет? Која беше причината да тргнеш на север од Европа, во Шведска?

Јас сум сè што рековте во ова прашање. Перфектен опис за мене.

Пред околу 10 години, кога живеев во Чикаго, сфатив дека сум човек кој се труди да живее како што сака, а не како што мора според традиционалните општествени правила. Дури и во периоди кога сум бил принуден да живеам како што морам, а не како што сакам, сум издржал и сум го правел тоа за да во иднина повторно живеам како што сакам, а не како што морам. Ако нашето време го инвестираме паметно, патем да не забораваме да се забавуваме во тој период на инвестиција, нашата иднина но и сегашност се убави. Така живеев и за време на студиите во Шведска, и во Чикаго, во Америка... Така продолжувам и понатаму.

Се сеќавам бев 9 години кога појдовме на приемен испит во музичкото училиште во Велес. Жири комисијата предложи неколку инструменти, но јас имав поинаква желба: „Сакам да свирам како бато!“ реков и не попуштив додека не се согласија. Мојот постар брат свиреше на кларинет и слушајќи го дома јас се вљубив во тој инструмент. Покрај тоа, татко ми пееше и го имаше еден од најубавите гласови што некогаш сум го слушнал во животот. Баба ми била член на градскиот хор „Распеани Велешани“. Дедо ми од мајчина страна свирел гајда. Мајка ми прво влегување дома после работа го вклучуваше радиото и си пееше заедно со него. Музиката во нашата куќа беше, така речено, религија. Очигледно јас ја следам и семејната традиција, како што рековте, но го следам и секогаш сум го следел мојот слободен дух. Од секогаш сум сакал разнолик и возбудлив живот. И на таа желба и нема крај. Уште на 10 годишна возраст одев на музичко, во играорна, тренирав карате, не ги пропуштав сите натпревари, концерти... Некој рекол дека ако сакаме нешто, ама го сакаме така речено „крвнички“, тоа мора да ни се оствари еден ден. Ние само треба да веруваме како мало детенце дека можеме да имаме се што ќе посакаме.

Причината поради која заминав за Шведска беше една кристално чиста и искрена желба: да научам да свирам подобро. Почувствува дека во првите две години на Факултетот за музичка уметност во Скопје стојам во место и едноставно се спакував и си заминав. Во Шведска аплицирав преку аудио снимка која ја испратив на приемните испити и бев примен на универзитетот Лунд. Шведска ја избрав затоа што мојот брат веќе живееше таму. Значи благодарение на мојот брат јас почнав да свирам на кларинет, благодарение на мојот брат јас на само 14 години веќе свирев добро како возрасен човек, благодарение на мојот брат јас се преселив во Шведска... Зар нема да се согласиме дека овој успех е повеќе негов отколку што е мој?

Колку притоа патот беше трнлив? Што значи да се биде професионален музичар на Запад? Колку сила и самооткажување се потребни за да се докаже талентот, инаетливо да се отсонува сонот?

Тоа што сум пораснат во Македонија, земја каде луѓето сме исклучително познати по жалби и поплаки, ми помогна многу. Тоа што го научив дома ... „дека жалбите и поплаките се апсолутно бескорисни“ ми помогна особено кога пред мене ќе се исправеа било какви потешкотии.

Во Шведска надежта на еден класичен музичар е симфониски оркестар по завршување на факултетот. Толку. Друго нема. Кај нас во Македонија ако не успееш со класиката ќе свириш свадби или во кафеани и ќе заработуваш убаво. Во Шведска ако не успееш со класиката ќе се запишеш на некој друг факултет и ќе почнеш одново со животот. Крај на музичката кариера.

Една од работите кои ги научив во Шведска, која до ден денешен ми користи е да бидам трпелив. Некој рекол „трпението прави чуда“. Моја работа е да свирам и да си замислувам желби кои една по една ми се остваруваат. Човек треба да побара за да добие, но треба точно да знае што сака. Во професионалните кругови во Шведска почнав да се мешам веќе во трета година од факултетот некаде 2006-та. Многу ми помогна мојот професор Андерс Оберг кој практикува да го препорача секој негов студент кој е доволно добар. Од тогаш малку по малку изградив доверба и сега можам да живеам од класиката, како слободен уметник.

Во Америка пак беше поинаку. Во Америка свирев македонски свадби и слично, најчесто во Детроит, и така преживував. Значи јас никогаш не го сменив мојот стил на живот, никогаш не ме повлече “Американскиот сон” па да почнам да работам нешто од кое многу се заработува (да возам камион, на пример). Секогаш ја имав таа мисла во глава: „Ако не оди, се пакувам и си одам за Македонија и ќе си свирам свадби и ќе бидам среќен“. Но за среќа одеше и се уште оди. Исто така, среќавав луѓе кои многу ми помагаа. Некој ми помогнал финансиски (зборуваме за случаеви од стотина долари за храна до нешто помалку од 40 илјади долари за плаќање школарина), некој трошел време за мене, некој трошел нерви и енергија, бесплатни часови, бесплатни совети... Дури имало случаеви кога некој ми помогнал без јас да знам, никогаш не ми кажал за тоа. Можете сега да замислите колку овие нивни гестови ме смениле мене, Благојче на Ламњови од маалото Соколана во Велес... Сега го правам за други тоа што овие луѓе низ светот правеле за мене. Тоа е суштината и тајната за едно поздраво и посреќно општество: „како се однесуваш и што им даваш на оние кои неможат да направат апсолутно ништо за тебе”. Јас сфатив дека не сум сам кога се борам за својата кариера, туку дека секогаш имало и други луѓе од страна кои ми помагале да станам кога ќе сум паднел. И сеуште е така. И кога други мудри луѓе и добри музичари ме ценат и веруваат во мене тогаш немам причина зошто јас инаетливо да не верувам во себе.

Имаше ли моменти кога помислуваше да се откажеш од амбицијата? Да те врати назад дома носталгијата? Како се бореше тогаш?

Секој ден во тие четири години за време на студиите во Шведска се борев со носталгијата и помислата да се вратам дома. Јас пред да се преселам во Шведска свирев свадби во Македонија и од 14 годишна возраст свирев добро како возрасен човек, имав свои пари и свој живот. Од девет годишна возраст бев член во два фолклорни ансамбли каде што буквално ги поминав најубавите, радосните и безгрижните моменти од мојот живот.

Кога дојдов во Шведска на 21 година, започнав еден нов и потполно различен живот. Во Шведска ми ја немаше кајсијата во дворот, погледот од мојот балкон, пионерскиот дом, кафулињата Гимназија, пастрмајлиите кај Мацко, седенките со Мартин, Тале, Анѓа, Зорка... Понекогаш сонував како одам по нашиот сокак и се приближувам до нашата куќа...и тоа беше толку реално во сонот. Многу ми недостигаше Велес, а особено мојот стил на живот таму. Но една мисла постојано ми се вртеше во главата: Македонија и свадбите дома не бегаат никаде. Кога и да се вратам ќе го имам тоа. Ајде да пробам уште малку“. Тоа е таа помисла која ме одржуваше ден за ден.

На пошироката јавност и стана познат со твоето дуо и изведбите на социјалните мрежи кои колку и да ти годеа сепак не беа оној очекуван удар што треба да се зададе. Претпоставувам дека и затоа се реши сам да ги земеш работите во свои раце.

Со дуото Two Macedonians ( Двајца Македонци ) ми беше многу забавно. Научив многу особено за административниот дел на една музичка група. Имав неколку причини поради кои одлучив да продолжам сам, но најголемата беше мојата потреба од независност. Сега мојата иднина зависи само од мене и од никој друг. Сега можам да викнам на концерт со мене било кој(а) музичар(ка) без притоа емотивно или професионално да се поврзувам со неа/него. Од концерт на концерт, без никаков подолг договор за соработка.

Со „Носталгична љубов“ како свеж материјал, имаше убави планови и секако настапи не само во Шведска, во нордијските земји, туку и дома во Македонија. Впрочем, желбата на сите музичари каде и да ги искачуваат планините им е да дојдат на родното огниште и да покажат дека нешто некаде сториле. Дека се исправиле простум со своето дело. Како сега натаму со приказната?

Многу сакам да свирам во Македонија. Сакам да свирам пред моите пријателки и пријатели. Премногу ми недостига тоа. Ми фали возбудата и спонтаноста на нашите уметници и љубопитноста на македонската публика. Јас во Шведска свирам и ја делам сцената со многу интересни и познати музичари и актери, но за жал не го доживувам тоа искуство така силно. Сонувам за да работам во некој мјузикл во Македонија, да слушам мајчин јазик на сцената...

Од друга страна, тоа не е само желба туку и одговорност. Јас чувствувам одговорност да придонесувам на некој начин за мојот град и мојата земја, колку што можам и колку што знам. Јас знам до ден денес да засвирам со некое аматерско фолклорно друштво од Велес, да свирам на дефиле по улица на некој од тамошните фестивали, понекогаш да засвирам во кафуле во родниот град, да дадам бесплатен час и советување на помлади и постари музичари, и така натаму. И слушам коментари дека моето постоење позитивно влијае врз нив, врз средината, градот.... И зошто тоа да не им се овозможи на уште поголем број на луѓе кои никогаш не слушнале за мене ? Скопје е голем град со одлични концертни и полу-концертни места. Би сакал кога би можело некои луѓе од културата кои ја имаат истата визија да повлечат потег и да ја запознаат публиката со мојата посебност и да направат барем еден концерт. Инаку, мене не ми е целта преку концертите да докажувам кој е Благој Ламњов туку онолку колку што можам да му бидам од корист како работник на општеството ... Јас едноставно неможам сам тоа да организирам. И не од овде, од Шведска. Мојата работа ќе се согласите е друга.

Претпоставувам дека во изолација настанува и материјалот за твојата нова објава. Ќе продолжиш музички онаму каде што застана или ќе се обидеш да тргнеш по некои нови непознати патеки? Да ги вкрстуваш непарните ритми од жилите со поинаквите светогледи?

Веќе работам на вториот мој албум и го користам знаењето што го стекнав правејќи го „Носталгична љубов“. Стилот на свирење и музика ќе ги задржам, чистиот звук на снимката ќе го задржам... И натаму ќе се трудам концертите да звучат исто како што ќе звучи и албумот. Без никакво шминкање, додавање и одземање. Ги задржувам сите причини поради кои го направив „Nostalgic Love“. Но овој период тоа ми оди бавно затоа што ми недостига најголемата инспирација: немам особа за која би пишувал и свирел со искрени чувства и емоции. Јас кога пишувам не се замислувам на сцена пред бројна публика, туку се замислувам само со една личност до себе како ме гледа и слуша додека свирам со затворени очи. Затоа не брзам и не ризикувам. Сето тоа мора да „ферментира“, како што вели Влатко Стефановски.

Како ја одржуваш менталната и свирачката кондиција во ова време – невреме? Ќе излеземе ли барем малку попаметни од ова што сега ни се случува? Конечно успеваш ли да опстанеш во вакви едни услови? Колку државата ги помага уметниците во Шведска и во ваквите услови на живот кога веќе е прогласена светска рецесија?

Во моментов водам грижа на исхраната и психичкиот притисок заради оваа светска ситуација. Сметам дека е најважно од се* да внимаваме на што ги фокусираме мислите и физички да се одржуваме за да би можело телото само да си се избори ако биде нападнато од овој вирус. Дома со часови свирам и вежбам... но навистина пеколно ми недостига сцената. Фали моментална инспирација и возбуда создадена од една искрена насмевка од некој во публиката. Економски за среќа не чувствувам промена затоа што оваа сезона имам договор во државна установа, со Театарот на град Стокхолм. Колегите музичари кои економски ја почувствуваа оваа криза слушнав дека ќе добијат некаква помош од државата.

Една мисла ме води низ овој чуден и возбудлив период: „Не посакувај да беше полесно. Посакувај ТИ да си мудар!“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG