Вкупниот број на земји и региони погодени од коронавирусот надвор од Кина достигна над 120, објави деновиве Светската здравствена организација. Од Албанија и Бугарија до Фарските острови и Мартиник секојдневно пристигнуваат податоци за заразени и починати. Тие варираат - од заканувачки до охрабрувачки. Некои земји како Италија во обид да го спречат ширењето на КОВИД-19 ги ставија сите граѓани под карантин. Дел од експертите сметаат дека ширењето на коронавирусот, со затоплување на времето, ќе спласне, но оти тоа не значи дека нема повторно да се појави.
На неодамнешната панел дискусија во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес беше истакната потребата од поголема заштита, особено на повозрасните лица во старечките домови.
„Ова е како ангелот на смртта за постарите лица“, вели Питер Хотез, експерт за заразни болести од Тексас.
„Ова е невообичаен вирус. За многу млади луѓе, особено, тоа е лесна болест, но гледаме некои погубни работи. И ние се погриживме за тоа од Кинезите. Тие всушност нè информираа и го знаевме тоа дека доаѓа. Погледнете што стори овој вирус во домот за стари лица во Киркланд, Вашингтон. Мина како воз. Во старечкиот дом има најмалку седум смртни случаи досега, од околу 100 луѓе. Така ова е ангелот на смртта за постарите лица“, вели тој.
Доктор Хотез, исто така вели дека меѓу најзагрозените категории се и одговорните за итни случаи и за здравствена заштита. Според него, до ефикасна и безбедна вакцина може да дојде најмалку за две години. Со тоа тој ги отфрли наводите дека набрзо е можно да имаме лек против новиот коронавирус.
„За жал, некои од моите колеги во биотехнолошката индустрија ги прават овие надуени тврдења. Знаете, го видовте ова во весниците. Ќе имаме вакцина за неколку недели. Она што навистина го кажуваат е дека можат да пренесат вакцина на клинички испитувања, но тоа нема да оди брзо затоа што, како што започнуваме со вакцинирање на човечки волонтери, особено во области каде што имаме пренесување во заедницата, ќе мора да продолжиме многу бавно, многу претпазливо“, вели доктор Хотез.
Експертите се согласуваат дека е неопходна долгорочна поддршка на центрите за контрола и превенција на болестите како и постојано инвестирање во здравството и поголема соработка на меѓународен план. Сепак, како што вели Тара Кирк Сил, од Џон Хопкинс Блумберг школата за јавно здравје, еден од најважните предуслови е транспарентноста на владите:
„Администрацијата треба да биде транспарентна. Тие треба да бидат јасни за она што го знаат. Тие треба да ја кажат вистината. Да бидат јасни за она што не го знаат, за она што прават за да пробаат да ги дознаат оние исчезнати информации и да бидат јасни за тоа кои курсеви и кои информации може да го променат тој курс.“
Во истовреме, ширењето на новиот коронавирус ги погоди и светските берзи. Забранетите летови, затворените граници, откажаните зделки и туристички патувања само во февруари годинава избриша 50 милијарди долари од глобалниот извоз, соопштија Обединетите нации. Според извештајот, и земјите во развој кои се зависни од продажба на суровини, исто така, ќе ги почувствуваат ефектите и тоа „многу, многу интензивно“.
Памела Кок -Хамилтон, директор на Одделот за меѓународна трговија на Светската организација, УНКТАД вели:
„Во моментот влијанието врз глобалните вредносни синџири веќе се чувствува и ќе продолжи веројатно уште неколку месеци. Но, ако повторно скокне, да речеме во наредните неколку месеци, тогаш долгорочното или годишното влијание ќе биде малку поинакво и ќе биде подобро. Значи, зависи од тоа што се случува во Кина.“
Ова експертите го објаснуваат со фактот што е малку веројатно оти другите делови на светот ќе можат да ги снабдуваат пазарите со производи кои се прават во Кина и заради нејзината огромна транспортна инфраструктура.