Се прават подготовки во случај на нов бегалски бран, ситуацијата на турско-грчката граница внимателно се следи, но се исклучува она што на земјата ѝ се случуваше во 2015 кога беше погодена од бегалската криза, заклучуваат надлежните институции во земјата.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку, за РСЕ вели дека денеска одржале состанок на Управувачкиот комитет за новонастанатата ситуација, за да бидат подготвени во случај на бегалци, а за утре е свикан состанок на Главниот штаб, односно на сите надлежни институции поврзани со мигранти.
Главниот штаб е составен од претставници на министерствата за внатрешни работи, здравство, транспорт и врски, одбрана и надворешни работи. Во него членуваат и раководителите на Итната медицинска помош во Скопје, Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата, Агенцијата за разузнавање, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Црвениот крст, а со Главниот штаб раководи директорот на Центарот за управување со кризи.
„Сето тоа се следи внимателно и сите мерки кои ќе бидат потребни ќе бидат преземени во време кога треба. Засега немаме толку прилив кај нас, како што се задржани на грчката граница, но ние сепак треба да бидеме спремни во случај да имаме поголем број. Но, се исклучува она што се случи 2015 кога беше отворена Балканската рута. Балканската рута нема да се отвори. Како ќе се постапи понатаму зависи од политиката на Европската унија, зависи од турскиот претседател, а ние во секој случај треба да бидеме спремни“, вели Буџаку за РСЕ.
Центарот, според законските надлежности, координира со работата на двата прифатни кампа, Винојуг Гевгелија и Табановце кај Куманово.
Од Владата соопштија дека со соодветно внимание ја следат ситуацијата и се во постојана комуникација со партнерите на нашата земја од НАТО и ЕУ.
Во 2019 година беше продолжена кризната состојба на јужната граница, и согласно оваа одлука, сите институции кои имаат обврски во услови на зголемен притисок на нашите граници го засилуваат своето присуство и ангажман, наведуваат од Владата.
Денеска е зголемен бројот на припадници на полицијата и на Армијата распоредени на јужната граница и потврдени се оперативните планови за дополнителен ангажман во случај на понатамошен раст на бројот на мигранти, се наведува во владиното соопштение.
Претходно и од полицијата соопштија дека се подготвени да се справат со евентуален нов бран на бегалци. Полицијата е постојано присутна на јужната граница и заедно со полициски службеници од неколку пријателски држави се борат со нелегалните обиди за влез во земјава.
Спасовски не очекува зголeмен мигрантски бран
Премиерот Оливер Спасовски, кој претходно беше прв човек на МВР, изјави дека не очекува зголeмен мигрантски бран, оти државата е само транзитна земја.
„Засега нема очекувања дека може да дојдеме во ситуација на зголeмен мигрантски бран, но ако дојде до какво било отворање на рутата и зголемување на бегалци тие може само да транзитираат или да бидат со времен престој до 72 часа“, изјави денеска премиерот Оливер Спасовски.
Според Спасовски, системот за добро справување со евентуално миграциска криза функционира постојано и сите надлежни институции се максимално посветени на справување со евентуален зголемен број мигранти. Премиерот напомена дека прашањето во однос на миграцијата не е прашање што може да го реши една држава, туку треба да се изгради заемна политика.
За капацитетите на МВР за справување со проблемот, со оглед на тоа што неодамна со него раководи технички министер за внатрешни работи, Спасовски потенцираше дека системот функционира и оти тој не може да зависи од еден човек и од тоа дали министерот или кој било функционер е еден или два месеца на таа функција.
И вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи во неделата рече дека државата е подготвена за справување со хипотетички нов наплив на бегалци од Сирија, но дека тоа ќе биде во координација со ФРОНТЕКС и земјите членки на ЕУ.
Јасмин Реџепи од граѓанската организација „Легис“, која има своја канцеларија во прифатните кампови Табановце, Винојуг во Гевгелија и во селото Лојане, вели дека она што се случува на границата меѓу Турција и Грција сè уште не е дојдено на наша страна.
„Грција во голема мерка ги спречува бегалците да преминат на нивна територија, на копнената страна, а оние кои доаѓаат до островите, повторно не ги пушта да дојдат до копно и поради тоа нема голем разлики на преминувањата до Грција во Македонија“, вели Реџепи.
Тој вели дека во последно време се регистрираат по околу 100 мигранти дневно кои се фаќаат на македонската граница и се враќаат во Грција, но дека сепак не се знае колку успеале да преминат, оти има криумчари.
Грчката полиција се обидува да спречи нов влез на бегалци и мигранти на грчка територија. Приливот на мигранти уследи по најавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека ќе ја отвори границата и ќе им дозволи на мигрантите да влезат во Европа. Турските власти соопштија дека нема повеќе да ги задржуваат сириските бегалци кои се обидуваат да дојдат во Европа, како одговор на Анкара за убиството на над 30 турски војници во Сирија. Денеска Ердоган изјави дека сега и ЕУ ќе носи дел од товарот. Тој изрази надеж дека в четврток на состанокот со рускиот претседател Владимир Путин ќе биде договорено примирје во сирискиот регион Идлиб.
Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) соопшти дека распоредила засилување и оти е кренато нивото на тревога на грчко-турската граница, додека илјадници мигранти се собираат на границата на Грција.
Македонија е меѓу првите држави на балканската рута, која беше активна за време на бегалската криза. Западнобалканската бегалска рута беше затворена пред точно четири години, во март 2016 година. Македонија до тогаш од Грција пропушташе толку бегалци колку што Србија пропушташе од Македонија и понатаму кон Западна Европа. Илјадници мигранти по затворањето на рутата останаа заглавени во кампот Идомени на грчко-македонската граница. Се проценува дека додека траеше бегалскиот бран низ македонска територија поминаа скоро еден милион мигранти
Но и покрај забраната, балканската рута и натаму остана привлечна за мигрантите. Македонската полиција минатата година спречила 24.601 обиди за илегално преминување на границите со соседните земји. Од вкупниот број, 89,2 отсто од обидите се спречени на границата со Грција, информираат од Министерството за внатрешни работи.
МВР редовно открива и криумчари кои низ земјата ги пренесуваат мигрантите кон западна Европа. За тоа сведочи и последната акција која во неделата беа откриени 78 мигранти кај штипската населба Три Чешми на патот во изградба Штип – Кочани. За случајот приведени се возачот и совозачот на возилото со кое се превезувале мигрантите.
Мигрантите ја користат рутата, но не бараа азил во балканските земји. Минатата година во Македонија не било одобрено ниту едно барање за азил, затоа што за мигрантите земјата не е крајна дестинација, туку само транзитираат низ неа. На Балканската рута, најмногу барања за азил биле поднесени во Црна Гора - 7.939, а во Србија имало 173.