Достапни линкови

ЕУ со буџетската дупка од 75 милијарди евра


Лидерите на Европската унија, на самитот, посветен на долгорочниот буџет не постигнаа никаков договор. Овој пат, дополнителен проблем е буџетската дупка од 75 милијарди евра, предизвикана од Брегзитот, како и новите поделби меѓу посиромашните и побогатите членки на Унијата.

На самитот на Европската унија минатиот викенд во Брисел, маратонските преговори не доведоа до некаков компромис за буџетот на Унијата од 2021-ва до 2027-та година.

„Треба да признаеме дека разликите се преголеми засега“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.

Преговорите за буџетот на ЕУ никогаш не биле лесни, но сега, поради излегувањето на Велика Британија од Унијата, но и зголемените трошоци за новите предизвици, како климатските промени, имиграцијата и дигиталната економија, стануваат исклучително тешки.

Поделби има меѓу земјите од северот и југот, меѓу источните и западните, како и меѓу развиените и помалку развиените економии.

Македонија чека датум, ЕУ во проблеми со буџетот
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:54 0:00

Чешкиот премиер Андреј Бабиш оцени дека разликите се огромни и оти самитот е бесцелен.

„Сакам да кажам дека навистина не знам зошто дојдовме, бидејќи предлогот на Шарл Мишел e за учество со 1,074 отсто од бруто домашниот производ, но група земји се за максимум 1 отсто. Разликата е околу 75 милијарди евра, па нема што да се разговара“, рече Бабиш.

Австрија, Данска, Шведска и Холандија, се клучните земји кои не се согласуваат со издвојување од над 1 отсто. Овие земји и уште некои други остро се противат и на предлогот, една третина од буџетот да оди за поддршка на развојот на посиромашните региони, а една третина за поддршка на земјоделците, што е пак клучен приоритет за Франција.

Премиерот на Ирска, Лео Варадкар објаснува:

„Прифаќаме дека како земја со развиена економија, со целосна вработеност, треба да плаќаме повеќе во европскиот буџет во наредните 7 години. Но, не можеме да прифатиме да плаќаме повеќе, а да видиме значително кратење во заедничката земјоделска политика“, изјави премиерот на Ирска.

Германија, Австрија и некои други земји бараат поголем фокус во буџетот и врз менаџирањето на границите поради мигрантската криза, подобрување на безбедноста, како и модернизирање на економијата преку дигитални инвестиции.

Засега, разликите се огромни и изгледаат како ненадминливи. Меѓутоа, Европската унија, барем досега, функционираше со компромиси, па и за најтешки прашања. Повеќето лидери се оптимисти.

Ќе има и друг самит или самити за усогласување на буџетот, но засега нема утврден датум. Австрискиот премиер Себастијан Курц изјави дека и порано биле потребни два или три состаноци за да се постигне договор. Оптимист е и премиерката на Финска Сана Марин.

„Секако, се надевам дека ќе постигнеме договор, но тешко е да се каже сега. Мислам дека земјите членки засега се многу далеку една од друга, но доколку сакаме да се усогласиме, сите треба да бидат флексибилни.“

Лидерите на ЕУ имаат рок до крајот на годинава да го усвојат долгорочниот буџет 2021-ва до 2027-ма, а засега шансите за компромис се никакви. Доколку не биде постигнат договор, Унијата ќе мора да ги замрзне речиси сите свои проекти во 2021-ва година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG