Достапни линкови

Граѓаните не веруваат во проектите на партиите, а тие и натаму ветуваат


Комбо фотографија на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ Христијан Мицкоски и Зоран Заев
Комбо фотографија на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ Христијан Мицкоски и Зоран Заев

Граѓаните кои ги анкетиравме се скептични и не им веруваат на политичарите на големите проекти кои ги ветуваат пред изборите, како автопатот Скопје-Битола или пругата кон Бугарија. Не е прв пат овие проекти да се најдат во изборната програма на партиите.

Автопат Скопје-Битола, пруга кон Бугарија, нови водоводни и канализациони мрежи се вечните проекти кои политичките партии редовно пред избори ги ветуваат на граѓаните, а откако ќе дојдат на власт не ги исполнуваат.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека ако победат на изборите ќе инвестираат 2 милијарди евра во инфраструктура. Владата на ВМРО-ДПМНЕ освен нов автопат од Скопје до Битола, ќе работи и на целосна обнова на регионалните патишта, 150 километри експресни патишта и изведба на нови пруги. Опозициската партија ветува и 300 милиони евра за нови водоводни и канализациони мрежи.

Владата на СДСМ пред избори повторно ја актуелизираше изградбата на хидроцентралата „Чебрен“, иако претходно десетина тендери пропаднаа. Истиот автопат Скопје-Битола го ветуваше и СДСМ во 2014, кога беа во опозиција. Од владејачката партија исто така најавија изградба на нови патишта и подобрување на состојбата со изградбата на водовод и канализиција.

Граѓаните кои ги анкетиравме се скептични и не им веруваат на политичарите.

Градежни зафати и проекти за пред избори
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:42 0:00

„Реално се подразбира дека можеби има некои системски аномалии каде што навистина треба да се помине процедура и се останато. Проблемот можеби е и за обезбедување на некои дополнителни средства, бидејќи тоа се големи капитални инвестиции. Меѓутоа, сите политички структури мора да се подразмислат малку за да знаат што ветуваат и дали е возможно тоа да го исполнат. По мене она што се ветува не се исполнува, иако можеби намерата им била добра“, вели Вахит Бишевац.

„Досега ништо од ветувањата што ги кажуваа не исполнија. Автопатишта прават. Едни ќе почнат, другите не ги довршуваат. Кога ќе дојдат претходните на власт тие велат дека ќе направат нешто, но не прават и така се вртиме во круг. Не им верувам, слабо“, вели Живко Трпковски.

„На политичарите колку да им се верува не знам, меѓутоа може тоа е сплет на околности во тој момент дали е изводливо. Дали има пари во буџетот, сигурно и од тоа зависи. Дали им верувам? До сега толку години не знам што се чекало и сега идните што ќе дојдат дај боже да се држат за она што ќе го ветат за доброто на народот. Се направија некои патишта, градски автобуси се модернизираа, нови некои проекти. Нешто се направи, но треба да се оди со позабрзано темпо и да се има стручен тим за она што е најважно за државата прво да се прави и да се оди по ред“, вели анкетиран граѓанин.

Партиите убедени дека остваруваат

Довербата на граѓаните не зависи од големината на проектите туку од она што претходно сте им го ветиле и кога сте дошле на власт сте го реализирале или не, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„За ВМРО-ДПМНЕ наназад години во претходните влади секој еден проект што е ветен е реализиран и затоа во таа насока убедени сме дека и овие избори ќе ни ја дадат довербата. Од едноставна причина бидејќи ветивме два огромни проекта. Тоа се автопатот Миладиновци-Штип и Демикр Капија-Смоквица кои се реализирани и автопатот Кичево-Охрид којшто е во фаза на реализација, но за жал актуелната Влада буквално тапка во место и не го реализираше. Тоа е една од причините зошто би ни верувале на овие големи проекти коишто ги ветуваме и граѓаните ќе бидат и се убедени дека ќе ги реализираме конкретно оние два проекти од инфраструктурата, автопатот Велес-Битола и пругата кон Бугарија“, вели Арсовски.

Според него, граѓаните нема да им веруваат на нивите конкуренти СДСМ бидејќи имале неуспешен обид за реализација на пругата кон Бугарија, а не го завршиле ни автопатот Кичево-Охрид, а камоли да отпочнат друг.

Од СДСМ, пак, тврдат дека од доаѓањето на власт, за 2,5 години скратен мандат, се потрошило доста време на санирање на штетите и пустошот во инфраструктурата што зад себе, како што ни соопштија, ги оставило 11-годишното криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Од оваа партија наведуваат дека домаќински и одговорно работеле на полето на инфраструктурата.

„Во однос на автопатското поврзување на потег Велес - Прилеп - Битола, идејното решение веќе е изготвено. Ќе се изгради автопат кој нема да биде со пропусти, со провизии и криминални тендери, како што беа автопатите во време на ВМРО-ДПМНЕ“, се наведува во писмениот допис во кој натаму се вели:

„СДСМ за само 2,5 години на власт изгради и рехабилитираше 750 километри патишта, го заврши автопатот Миладиновци - Штип и ги разреши сите недостатоци. Откочена е и изградбата на автопатот до Охрид, каде се поправија исто сите грешки и дупки во проектот“, велат тие.

Според СДСМ, нема пат во земјава којшто не е обновен или веќе во фаза на обнова, а за само 2,5 години се изградиле 400 километри канализации и водоводи.

Интензивно, велат, се работи на изградбата на железницата кон Бугарија. Железничкото поврзување на нашата држава со Бугарија се планира за 2023 година. Прогресот на работите на првата делница од пругата кон Бугарија, Куманово-Бељаковце, на крајот на 2019 година изнесува 65 проценти, а планирано е таа да биде готова во втората половина од годинава или почетокот на 2021, по што следува реализација и на втората и третата делница.

Освен проекти од инфраструктурата, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ветуваат дека невработеноста ќе се намали на под 10 отсто, а просечната плата ќе се зголеми.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG