Кујунџиски, од 24 пријавени на штотуку завршениот Годишен конкурс за проекти од национален интерес на Министерството за култура на книгоиздателството Антолог му поминаа само шест во сферата на издаваштвото. Како што ќе забележите во својата првична реакција, одбиени се имиња како Маргарет Атвуд, Станислав Лем, Саша Станишиќ – добитникот на најголемата книжевна награда на германски јазик во 2019, потоа Евгениј Водолазкин, талентирани млади автори...Но уште пострашно е тоа што без денар подршка остануваат првиот и единствен веб-магазин специјализиран за култура РЕПЕР и особено БУКСТАР – првиот и единствен фестивал на европската литература во Македонија. Како го толкувате ова?
РЕПЕР е интернет магазин којшто „тера“ од 1998 година. БЛЕСОК беше само ред нас којшто беше специјализиран само за култура. Ние третираме само култура и уметност и никогаш не сме се занимавале со дневна политика, со нешто со коешто не трујат од секаде, со шоу-бизнис... Промовираме вредности коишто треба да бидат трајни и да станат еден ден класика. Беше замислен како агрегатор на млади креативни мислители, интелектуалци, критичари и писатели. И навистина ако се види листата на соработници дел од нив се етаблирани како водечки млади писатели, критичари или што и да е. БУКСТАР од друга страна е основан пред четири – пет години, во 2015, како еден фестивал којшто ќе ја скрши онаа рамка да си останеме ние овде во трлото. Нешто што е интенција на многу луѓе овде кај нас, но и на некои умни од Запад. Знаете, има многу програми за комуникација и координација, кооперација меѓу балканските земји или во самите земји. БУКСТАР оди еден чекор понатаму. Создава трајни релации и врски меѓу Македонија и Европа, со Европската унија. Тој кани автори од европски и светски маштап. Кај нас на Фестивалот, во Македонија беа гости меѓу 20 и 30 исклучителни имиња. Кога велам исклучителни тоа значи дека било кој фестивал во светот би сакал да ги има на својата програма. Низ годините се извртеа брендови од имиња. Ќе го спомнам Јуси Адлер-Олсен од Данска којшто е број 1 трилер автор, Евгениј Водолазкин од Русија и којшто кога беше овде ни кажа дека не може да ја крене главата од гостувања и прима дневно по десет покани за гостувања на фестивали а дека овде дошол поради нашиот искрен однос кон него, Кадер Абдолах – најдобриот холандски автор, Слободан Шнајдер којшто е име бренд и во театарот и во литературата, Славенка Дракулиќ за која не треба посебна најава, Михал Вивег – чешки автор број 1 веќе со децении и редица други. И одеднаш, првпат во изминативе десет години ни се случува и РЕПЕР и БУКСТАР да не добијат ни денар поддршка. Да ги нема на листата. Сите живееме со таа флоскула и со таа идеја дека засекогаш замина еден режим којшто и наликуваше во одредени свои аспекти на режим. Имаше некои нешта и сите чувствувавме дека некоја слобода и не ни е како што треба да биде. И ние културњаците и обичните луѓе. Но што е ова денес? Да бидат избришани фестивали којшто се веќе изградени. Да се разбереме, не станува збор за некое „сајтче“ таму коешто почнало вчера и се бара кај е, што е...туку за сајт којшто функционира 12 години. Којшто продуцирал 30-на млади луѓе којшто се подготвени денес да зборуваат на било која тема од културата. Не зборуваме за фестивал којшто минатата година почнал, па сега ние ајде уште експериментираме, туку за фестивал којшто има сериозна програма и којшто има високи цели. Којшто има за цел, како што кажавте, да ја промовира европската литература. Европската култура. Нели имаме сега влада која има ориентир кон евро-атланските интеграции. И одеднаш се наоѓаме во таква вџашена состојба што тие два, можам слободно да кажам, носечки бренда на нашата култура се изоставени од Годишната програма. Не зборуваме дали добиле 20, 30, 100.000, значи добиле нула денари.
На сите ни е јасно овој систем е „зрел за ресетирање“, но дали според вас во конкретниов случај проблемот е до комисиите или можеби зад целата грда приказна која се повторува години наназад се крие и нешто повеќе?
Јас гледам нешто многу повеќе. „Антолог“ и во делот на издавачки проекти е сведен на пет-шест што подразбира дека е на една поширока листа од демек еве 40 издавачи којшто се меѓу „наградените“. Со други зборови бидејќи ние по сите параметри што треба да ги има, број на вработени, книжарски места, дистрибуција, маркетинг, квалитетни изданија којшто сме ги понудиле треба да влеземе во Топ 10. Комисијата не става во Топ 40. Ни ги укинува веб-порталот и ни го укинува фестивалот. Јас тука гледам некои заткулисни игри. Од друга страна не сакам да верувам во теорија на заговор и низ целата оваа работа сакам да се држам до аргументите, а аргументите се тие што ги наведов. Значи, ние како издавачка куќа во годините во коишто постоиме, а не постоиме година, две-три...пет туку 20 години, сме продуцирале над 500 квалитетни изданија. Сме создале една критична маса на читатели од најмала возраст бидејќи објавуваме и детска литература, до најстара. Секоја година имаме кампањи за проширување на читателската публика. Имаме актуелен проект кој е насловен „Читаме заедно“ и којшто го правиме со Европската унија. Значи, не сме од денес до утре. Знаеме колку вредиме и самата бурна реакција околу овие постови којшто ги објавив на социјалните мрежи укажува дека грешката е направена. И дека некој некаде згрешил. Во комуникација со Комисијата која ја оценувала издавачката програма имаме информација дека нашиот избор на проекти бил многу поширок од овој, со најмалку двојно повеќе изданија и на него биле и Фестивалот и веб-магазинот. Сега човек си поставува прашање: Кој е тој којшто си зел за право на стручни лица, писатели, критичари, теоретичари, луѓе којшто се занимаваат со културата да им ги прекројува одлуките? Зар не е тоа надвор од некои правила? Јас не сум правник, но мислам дека про се коси со здравиот памет и со логиката, а потоа сигурен сум дека се коси и со законските норми не само на Законот за култура, туку и со сите други постоечки одредби. Да постои интервенционизам со цел некој да се замолчи, да се намали растот или да згасне одредена издавачка куќа. Да се цензурираат, да се поништат Фестивал и веб портал којшто промовираат отворени умови и критичка мисла.
Сепак, во едно од вашите обраќања на социјалните мрежи по ваквата скандалозна одлука велите дека нема да реагирате. Дека нема да поднесувате приговори. Зошто?
Искрено речено изморен сум. Третманот кон нас кои условно не припаѓаме на ниту една политичка опција, ниту некогаш сме припаѓале, ниту планираме да припаѓаме, тоа е нашиот избор нели, иако не мислам дека е лошо што некои се идентификуваат но тоа е нивна определба ... е таков каков што е. Факт е дека има еден круг на издавачки куќи во кои што и ние припаѓаме, што си ја работиме работата професионално, кои што сме посветени на квалитет, на создавање критериуми, норми и не сме блиску ниту до една гарнитура ова не ни се случува прв пат. Значи, несоодветен третман сме имале и претходно. Не сме имале доволно средства. Не ни биле доделени. Поминале помал број проекти одошто сме очекувале. Но, ова што се случи годинава за мене лично е скандал. Скандал сам по себе. Во крајна линија, зошто кога имало компетентна комисија и кога сите овие факти се такви какви што сите ги кажуваат јас сега треба дополнително да молам. Дополнително да чукам на некои порти. Дополнително да си отворам работа кога сум поднел комплетна документација и ниту еден документ не ми фалел во документацијата. Зошто тоа да го правам кога по секоја основа сме организирале успешни фестивали, сме организирале успешни промоции, успешни саеми... Уморни сме од таа бирократска работа која што ни се отвора. Во крајна линија станува збор и за некој вид на чест и честитост. Затоа мислам дека целата програма, комплетниот Годишен конкурс за програми од нацинален интерес на Министерството за култура ако не се поништи, тогаш во најмала рака треба да да се врати на ревизија.