Достапни линкови

Новите „нијанси“ на законот за јавно обвинителство


Јавна расправа за предлог законот за јавно обвинителство во Собранието
Јавна расправа за предлог законот за јавно обвинителство во Собранието

Во очекување на тоа дали ќе биде усвоен последниот предлог закон за јавно обвинителство, стручната јавност оценува дека новиот закон нема амбиција да направи дополнителни реформски зафати од веќе постоечките. Дел од упатените бараат да не се дозволи правото да се претвори во дневно-политичка игра.

Случаите кои некогаш беа во надлежност на СЈО, а ги презеде државниот обвинител Љубомир Јовески да бидат распределени по јавните обвинителства за натамошно гонење. Ова е една од промените кои се предвидени со новиот Закон за јавно обвинителство. Според предложеното решение постапките покренати од поранешното специјалното јавно обвинителство продолжуваат, а тоа се гарантира со новото законско решение.

Владата синоќа ги повлече законите за ЈО и за Совет на јавни обвинители откако претходно ги достави до Собрaнието. Подоцна со образложение дека било направено техничко усогласување на две законски одредби, повторно ги достави во Собранието, а пратениците ја изгласаа потребата од нивно донесување по скратена постапка. Во текот на денот пак, иако беше соопштено дека е обезбедено двотретинско мнозинство, партиите на Албанците најавија дека нема да поддржат решение со кое се амнестираат криминалци, алудирајќи на членот 110 од законот.

Согласно членот 110, по донесувањето на законот, незаконски прислушуваните разговори нема да можат да бидат основа за обвинение, освен во предметите поднесени до надлежен суд до 30 јуни 2017 година, како што предвидуваше законот за СЈО.

„Материјалите и транскриптите од материјалите од незаконски прислушуваните материјали за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог и истите не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката по поднесениот обвинителен акт или обвинителен предлог“, се наведува во законот.

Тоа впрочем значи дека согласно овој член обвиненијата кои се однесуваат на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и незаконската изградба на нејзиното партиско седиште, односно предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, ќе треба да бидат поткрепени со други материјални докази.

Токму овој член е едно од прашањата кое професорот Гордан Калајџиев од Правниот факултет во Скопје смета дека е вештачки вметнато во текстот на законот.

„Прашањето со тоа дали истрагите кои се започнати ќе продолжат по истекот на рокот за кој се изјасни и Врховниот суд во врска со законот за СЈО, се правно промашени. Правно тоа е брука, бидејќи се тоа прашања на кои не им е местото во тој закон. Дали една истрага ќе се води, дали една постапка ќе продолжи зависи од законот за кривична постапка, а не од законот за ЈО, дали нешто ќе биде доказ или не исто така зависи од законот за кривична постапка. Тоа се работи кои политичарите непотребно и погрешно ги внесоа правејќи од правото дневно-политичка игра“, вели професорот Калајџиев.

Забелешки има и во однос на одредбата со која се предвидува бомбите да не се користат како докази туку како индиции.

„Индициите се докази и тие си важат само што тие се посредни докази. Индиција го користат погрешно сакајќи да кажат дека тие се сознанија кои се неформално прибрани и кои нема да се користат како докази. А користат поим како индиции, тоа е врв на почетничко правничко незнаење за коешто не можете да положите ни испит. И сега ние го добиваме тоа во закон. Тоа кажува дека квалитетот на процедурата низ којашто е поминат законот не е филтер и низ тоа поминуваат правни и политички глупости“, категоричен е Калајџиев.

Калајџиев потсетува на измените на законот за јавно обвинителство од 2007 година со кој како што вели била „ублажена“ хиерархијата и централизмот во обвинителството и се намалило влијанието на повисоките обвинители врз замениците обвинители, со што како што вели, обвинителството почнало да се дистанцира од извршната власт. Но, според Калајџиев и тогаш и сега останува контроверзно решение главниот обвинител да се бира на предлог на извршната власт.

Во меѓувреме, новата предложена верзија на законот пропишува обвинителите од СЈО кои досега беа надлежни и натаму да ги застапуваат предметите, со што се зацвстува нивната позиција. Освен тоа, се очекува тие наскоро и формално да се вработат во обвинителството за организиран криминал и корупција. Во членот 109 е предвидено во рок од 30 дена од влегувањето во сила на овој закон, Советот на јавните обвинители по предлог на Русковска да донесе одлука за зголемување на бројот на јавните обвинители во тоа обвинителство, по што во ќе се распише оглас за нивен избор.

Предлогот пропишува таканаречените бомби кои не се предадени во судовите да се чуваат во Државното јавно обвинителство, а по истекот на три години од правосилното завршување на постапките тие материјали да бидат уништени, согласно законот.

Поранешниот обвинител Александар Наков предупредува на тоа дека новиот закон не смее да биде избрзано решение, а како споредба го посочува законот за СЈО кој иако ја имаше согласноста од релевантните политички партии, имал и низа правни пропусти. Според Наков, новото решение е избрзано и не смее, како што вели, да личи на закон за амнестија и за едните и за другите.

„Партиите само сакаат да го исперат валканиот веш, а самата содржина на законот не е правно издржана. Таков закон не се носи за два дена. Затоа имаше дефекти и самиот закон за СЈО и затоа заврши така неславно. Сега има кратко време во кое експертите треба да го кажат својот став, и не би требало експертите да се пуштат низ вода за да имаме закон колку да имаме, туку важно е да имаме квалитетен закон“, порачува Наков.

Новина во законот е и дека шефот на обвинителството за организиран криминал и корупција ќе се се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во државата. Паралелно, по скратена треба да се донесат и измени на Законот за Совет на јавни обвинители, поради ова решение.

Меѓу другото, со примената на новиот закон за ЈО, Советот на јавните обвинители ќе треба да донесе одлука за зголемување на бројот на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, со кое моментално раководи Вилма Русковска. Законот предвидува Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, да постапува и за најтешките кривични дела како што се перење пари, злоупотреба на службената положба и овластување, примање поткуп, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, тероризам, злоупотреба на постапката за јавен повик, како и за кривични дела извршени од организирана група од три или повеќе лица, за кои е предвидена казна затвор од најмалку четири години.

Според упатените, најголем дел од предметите покренати од СЈО во себе содржат сомневања дека обвинетите ги сториле овие кривични дела. Инаку, Специјалното јавно обвинителство ќе постои до 30 јуни 2020 година, а потоа тоа се укинува и почнува да важи новиот закон за Јавно обвинителство, откако ќе биде изгласан во Собранието.

Според текстот на Предлог-законот, усвоен од страна на владата, меѓу другото, новина е и воведување на Бадентерово мнозинство при изборот на јавниот обвинител во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Покрај тоа, албанскиот јазик ќе се користи во сите јавни обвинителства, а државниот главен обвинител ќе се бира со мнозинство од 61 пратеник во Собранието.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски вчера изјави дека оваа одредба не е во согласност со Уставот. Професорот Башким Селмани од Факултетот за општествени науки, вели дека нема ништо спорно во таа одредба.

„Според мене Бадентер треба да важи. Тој значи согласување на сите страни и тука нема што да протестираме на ова. Недостатокот според мене се однесува на тоа дека секоја политичка партија пред да го донесе законот гледа дали тој закон одговара на нејзините политички интереси, а не на граѓаните. Затоа се јавуваат правни празнини“, смета професорот Селмани.

Преговорите за Законот за јавно обвинителство почнаа во март 2018 година, првично поради неопходноста да се реши статусот на тогашното Специјално јавно обвинителство. Претставниците на Меѓународната заедница пак, велат дека законот не е нов услов за отворање преговори со Унијата, но сепак истакнуваат дека неговото донесување ќе биде добра порака и сигнал за земјите членки да се согласат преговорите да започнат.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG