Спроведување на реформите и на фер и демократски избори, како и одржување на добрососедските односи се работите кои Северна Македонија треба да ги направи за да ја демонстрира посветеноста на европската иднина. Законот за јавно обвинителство иако не е услов за отпочнување на преговорите, неговото усвојување е важно од неколку причини, порача евроамбасадор Самуел Жбогар на брифинг со новинарите за новата методологија за проширувањето на ЕУ.
„Примарно се разбира поради граѓаните да веруваат во правда и дека нема неказнивост, туку одговорност за сиот криминал, бидејќи е важно за неколку земји членки да се покаже посветеност на владеење на правото. На крајот исто така бидејќи сакаме да видиме демонстрација на промена на мислењето од што е минимумот што треба да го направиме и сепак да ги започнеме преговорите и како може да ги искористиме преговорите до максимум да ја промениме нашата земја за младите да престанат да ја напуштаат“, рече Жбогар.
Според него, Предлог-законот за Јавно обвинителство е добар и изрази надеж дека ќе биде поддржан од сите политички партии поради неговата важност за евроинтегративниот процес.
„Нема да биде добра порака за некои земји членки на ЕУ, ако законот не биде усвоен пред донесувањето на одлуката за отпочнување на преговори со Северна Македонија. Разочарувачки ќе биде дека земјата која беше ѕвезда во регионот во последните години и го држеше проширувањето во живот сега кога ЕУ повеќе се ангажира да има назадување“, додаде тој.
Како што е познато, ЕУ не им додели датум за преговори на Северна Македонија и Албанија на самитот на Унијата во октомври 2019 поради барањето на Франција да биде преиспитан процесот на проширување и да биде воведена нова методологија. По тоа следеше големо разочарување на јавноста по што беа договорени предвремени парламентарни избори на 12 Април. На прашањето за отпочнување на преговорите со Македонија и Албанија, како што се најавува, Унијата повторно ќе се наврати на самитот во Загреб во мај оваа година.
Жбогар смета дека новата методологија за проширување на ЕУ е одлична вест за Западен Балкан и е вин - вин ситуација за двете страни. За ЕУ бидејќи се препознава дека проширувањето е нејзина стратешка инвестиција и дека е важно Унијата да биде стабилна и обединета. За регионот е важна реафирмацијата дека само целосното членство е целта на процесот на проширување.
„За земјите кандидатки значи кога спроведуваат реформи тие навистина да го реформираат општеството, а не само да ги усвојуваат законите. Од наша страна значи сигурност и доверба дека кога зборуваме за пристапување кон ЕУ, ние навистина мислиме дека патот води кон ЕУ“, додаде Жбогар.
Се очекува документот за новата методологија пред земјите членки да биде презентиран во втората половина од февруари, а Жбогар смета дека методологијата претставува добар баланс меѓу различните групи, оние кои имаат резерви и оние кои се за проширувањето.Тој изрази надеж дека документот ќе биде усвоен кон крајот на наредниот месец.
За изборната кампања, евроамбсадорот порача дека се надева оти политичките партии ќе понудат одговори на проблемите, посебно на проблемите на младите и ќе понудат решенија за подобра иднина.