Достапни линкови

Ромео - Подготвени сте за преговори, треба да ја исправиме грешката во март


Ромео - Законот за Јавно обвинителство не е услов за датум, но е добар сигнал
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:54 0:00

Ромео - Законот за Јавно обвинителство не е услов за датум, но е добар сигнал

Италија останува на позицијата дека отворањето преговори на Северна Македонија со ЕУ треба да биде во пакет со Албанија, зашто и двете земји постигнале напредок во реформите, вели италијанскиот амбасадор Карло Ромео во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Тој се надева дека дебатата за новата методологија нема да се претвори во нов услов и одложување на отворањето преговори.

Амбасадоре Ромео, дали новата преговарачка методологија за членство во ЕУ ќе ја искомплицира процедурата за отворање преговори со Македонија?

Политиката за проширување е сè уште фундаментална и суштинска политика на ЕУ. Се согласивме дека ЕУ треба да е поподготвена за нови проширувања. Како и да е, мислиме дека новата методологија може да се одвива паралелно со реформите на ЕУ. Значи може да се одвива паралелно со процесот на отворањето преговори, што по природа е долг процес, технички и се базира на мерит-системот за секоја потенцијална членка посебно. Во контекст на оваа рамка, Италија се согласува дека ќе учествува во преговорите за новиот предлог за методологија и нашата цел е да имаме поефективен процес, кредибилен и политички предвидлив. Нашата идеја која е на нон-пејпер кој Италија заедно со други ЕУ земји-членки ја презентираа, е со конкретни реформи за оваа методологија, идејата е сосема спротивното. Не да го комплицираме процесот, туку да имаме поефективен, политички предвидлив динамичен процес. Нашиот пристап, сугестии и идеи се потпираат на еден услов. Секако дека прифаќаме дијалог, ќе учествуваме во преговорите, но ние не сакаме оваа дебата за новиот механизам да се претвори во нов услов, а особено дека тоа не треба повторно да го одложи отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија. Ја очекуваме анализата на предлогот од ЕК кој ќе се објави во почетокот на февруари. Ние остануваме во истиот дух, отворен дијалог и конструктивен пристап.

Гледате ли шанси за датум за преговори на претстојниот самит во мај во Загреб?

Позицијата на Италија е многу јасна и транспарентна. Ние се надеваме дека Северна Македонија ќе ги отвори преговорите со ЕУ многу брзо. Се надеваме дека тоа ќе биде на следниот Совет на ЕУ во март. На самитот во Загреб, ЕУ-Западен Балкан, нема да има одлука за отворање преговори, тој самит нема да биде за тоа. Нашата надеж е преговорите да се отворат што поскоро, првата можност за тоа ќе биде Советот во март. Северна Македонија ги исполни сите критериуми за да ги отвори преговорите, заедно со Албанија. Тоа е одлука која ние ја заземавме уште во 2018 година, потоа лани во јуни и на за жал разочарувачкиот самит во октомври минатата година. Значи, земјата е подготвена да почне преговори.

Дали донесувањето на законот за јавно обвинителство е гаранција дека Северна Македонија ќе почне преговори со Унијата?

Како што реков претходно, Италија го поддржува отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија многу скоро. Мислиме дека двете земји направија важни реформи кои беа побарани од ЕУ. Северна Македонија треба да продолжи со реформската агенда. Посебно во владеењето на правото, независност на судството, со сериозна борба против корупцијата и организираниот криминал. Во овој контекст, секако дека донесувањето на законот за јавно обвинителство пред да се распушти Собранието ќе биде важно, тоа ќе биде многу добра порака и сигнал до Брисел и земјите членки на ЕУ, но според наше уверување тоа не е нов предуслов за отворање преговори со ЕУ.

Што ако и овој пат не се постигне согласност за отворање преговори, разочараноста кај македонската јавност е и онака веќе присутна?

За жал, неуспехот од позитивна одлука во октомври беше историска грешка, рече италијанскиот премиер Конте веднаш по самитот. Историска грешка, која сега треба да ја поправиме. Сметаме дека со оваа грешка може да се предизвикаат конкретни последици, не само за стабилноста на Северна Македонија, туку за жал и стабилноста и интеграциските процеси на другите земји од целиот регион. Бидејќи ако ги блокирате преговорите со две земји како Северна Македонија и Албанија, се разбира дека тоа ќе има влијание и врз другите земји во регионот. Секако дека го разбираме чувството на фрустрација кај македонските граѓани, но мислам дека сега е моментот да се поправи оваа грешка.

Дали позицијата на Италија е Македонија и Албанија да бидат во пакет за да се отворат преговори со Унијата? Одредени земји членки сметаа дека со ова ја кочите Македонија, ако се има предвид дека Албанија сепак заостанува во однос на реформите што треба да се исполнат?

Позицијата на Италија не се смени. Нашата позиција отсекогаш била многу јасна и транспарента. Италија го поддржува отворањето преговори со двете земји, Северна Македонија и Албанија. Во октомври минатата година имаше многу малку земји кои беа за таканареченото „разделување“ на двете земји, но мнозинството во ЕК беше всушност да се отворат преговорите за двете земји во пакет.

Кога во октомври Македонија не доби датум за преговори, се појавија иницијативи за некакви алтернативи за полноправно членство. Дали се тие се уште „на маса“?

Не, според тоа што јас го знам. Мислам дека нема конкретни алтернативи и опции за Северна Македонија. Патем полноправното членство е тоа што двете земни и Северна Македонија и Албанија го сакаат, полноправно европско членство, а не некои други „алтернативни“ решенија. Тука во земјава е важно дека веднаш по негативните резултати од самитот на Европскиот совет во октомври, сите политички партии се согласија за евроатланска интеграција, што пак се смета за стратегиска одлука на земјата.

Кои се според вас реформите на кои сè уште мора да работиме за да можеме да бидеме дел од европското семејство?

Сите реформи се важни, но посебно би ги наброил оние во клучните области како што се владеење на правото, независност на судството и судиите и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Овие реформи се важни, не затоа што ги бара Брисел за идното членство, туку затоа што им се потребни на луѓето. Тие се суштински затоа што ги бараат граѓаните, тие се јадрото на реформите кои македонските граѓани ги сакаат и бараат. Тие сакаат и бараат подемократска земја со силни институции, независна правда и еднакви можности за социјален и економски развој за сите.

Гледате ли политичка волја за борба против корупцијата?

Видете, во последните години имаше добри реформи, можам да потсетам на новиот механизам за избор на членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, што е пример на добра реформа, со интервјуа, номинации и избор во парламентот. Значи имаше добри сигнали изминатите години дека институциите се подготвени да се борат со корупцијата. За жал, имаше и многу сериозни и важни скандали. Но ова е начинот и во овој случај отворањето преговори со Унијата може многу да помогне во справувањето со корупцијата.

Неодамна се сретнавте со премиерот Оливер Спасовски. Ве увери ли дека ентузијазмот за ЕУ членство е се уште национален приоритет?

Апсолутно. Ја видов истата посветеност како и претходната влада за достигнување на оваа стратешка цел, отворање преговори за полноправно членство во ЕУ. Не забележав некаква промена во однос на оваа цел.

Македонија се подготвува за предвремени парламентарни избори. Дали и како изборите ќе влијаат на македонските евроатлански интеграции, колку е важно тие да поминат без дамка?

Се разбира, сите избори се важни. Посебно парламентарните на кои ќе ги одберете вашите претставници во Собранието и новата влада. Како што веќе реков, ќе биде важно Северна Македонија да продолжи со реформите, треба да организира фер транспарентни и вистински демократски избори, што пак повторно ќе биде добра порака до Европската унија и земјите членки на Унијата.

Амбасадоре, како ги дефинирате билатералните односи меѓу двете земји?

Како одлични. Во скоро сите сфери. На политичко ниво имаме многу чести состаноци на високо ниво. Ќе ве потсетам на последните состаноци кои ги имавме минатиот октомври и ноември во Рим помеѓу двајцата премиери и една недела по нашето претседавање. Тоа беа одлични средби, многу суштински. Имавме одлична соработка во секторот одбрана, сега кога Северна Македонија ќе стане 30-та земја членка на Алијансата. Имаме одлична соработка во полицијата и правосудниот систем. Во оваа прилика сакам да потсетам на посетата на италијанскиот национален обвинител против мафијата и борба против тероризмот Дерао и директорот на италијанската полиција Габриели. Тие потпишаа важен меморандум за заедничка соработка со државното обвинителство на Северна Македонија. Во културниот сектор, еден од нашите приоритети, многу сме горди на многу активности во овој сектор, за промоција на италијанскиот јазик, култура, имаме многу иницијативи, недела на италијански филм, кујна, италијански дигитални денови. Горди сме што од март 2018 италијанскиот јазик е официјално во образовниот систем, во македонските училишта и може да биде избран од учениците како втор странски јазик.

Постои ли можност за продлабочена економска соработка, има ли најави за потенцијални италијански инвеститори во наредниот период?

Имаме добри односи и во економскиот и трговскиот сектор. Во последните години нашата трговска размена значително се зголеми, двојно се зголеми. Ги немам конечните бројки од 2019 година само од јануари до ноември, но се забележува постојано зголемување на трговската размена и таа изнесува околу 590 милиони евра. Сè уште немаме конечни податоци до овој момент. Во делот на инвестициите во минатите години, италијанската амбасада заедно со Италијанската агенција за трговија во Скопје, со нив имаме одлична соработка, пробавме да се фокусираме на инфраструктурата. На оваа земја ѝ недостига инфраструктура, како и на целиот регион, потоа областите енергија и животна средина. Треба да се донесат италијански компании од овие сектори кои имаат потенцијален интерес за македонскиот пазар, мислам дека тоа е вистинскиот начин. Исто така има италијански компании во секторот одбрана кои се исто така потенцијално заинтересирани за соработка со македонските компании.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG