Во Малата концертна сала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, овој петок на 24 јануари, со премиерното прикажување на документарното видео за доајенот на македонската народна музика, виолинистот, аранжер и композитор Благоја Дескоски, практично започна одбележувањето на двете децении од основањето и делувањето на Архив Бужаровски (БузАр), еден од дигитално најголемите за македонското и балканското звучно културно наследство.
Ова документарно видео, како што ќе биде забележано, е дел од проектот за реконструкција на настаните од втората половина на минатиот век и посебно за делувањето на Малиот народен оркестар при Радио Скопје. Оркестарот, чиј нераздвоен дел е токму Благоја Дескоски, има одиграно клучна улога во обликувањето на македонската народна и традиционална музика. Инаку, документарното видео е извадок од снимениот пет часовен разговор со Дескоски воден и забележан на 15 декември минатата 2019 година. Тоа трае 37 минути и е поткрепено со богат фотографски и музички материјал, при што одделни фотографии и музички инсерти по прв пат беа јавно прикажани на претставувањето.
Покрај проф. д-р Димитрије Бужаровски, идејниот творец и основоположник на БузАр, во неговата изработка учествуваше и вонр. проф. д-р Трена Јорданоска.
И, кога сме веќе кај одбележувањето на убавиот јубилеј, посебно е значајно да се спомене и тоа дека во Архив Бужаровски во моментов се дигитализирани 14 големи колекции со македонски и балкански музички фолклор, неколку илјади песни и игри, мелограми, приказни, обичаи и дијалекти, аудио снимки од 110 концерти од кои пет концерти се заокружени и како видео програми, поголем број видео спотови со дела од сериозната музика, видео за друштвото Јени Јол, 170 кратки филмови од ИРАМ-овата Хроника, 14 документарни видеа за истакнати дејци од македонската музичка култура и документарно видео за програмата Темпус во Македонија, 119 програми на Студентското Интернет Радио меѓу кои и поголем број портрети на композитори и изведувачи.
Згора на тоа Архивот го потпишува и одржување на најстарата интернет страница за македонската музичка култура и институциите, (која патем прв пат е поставена во февруари 1997 година), организирањето на 18 меѓународни научни конференции, изработката на поголем број бази на податоци, дигитализирање на неколку илјади фотографии, текстови, книги... и така со ред.
Посебно треба да се истакне дека притоа целата дејност на БузАр, е изведена без никаква финансиска подршка од страна, односно се потпира на огромниот ентузијазам на неговиот основач и одржувач проф. д-р Димитрије Бужаровски и групата професори и студенти од ФМУ кои учествуваа во неговите бројни проекти.
Роден на 8 август 1952 година во Скопје, Димитрије Бужаровски е една од најистакнатите личности во македонската музичка култура. Тој е многустрана личност со интереси во различни полиња: композиција, музикологија, компјутерска и електронска музика, интерпретација (пијано, синтесајзери, диригирање), образование, менаџмент и научно-истражувачка работа.
Автор е на неколку десетини композиции за различни состави; еден од првите творци во Македонија кои ги прифатија и ги воведоа современите технички дострели и помагала во творештвото.
Освен што се полистилистички, повеќето негови дела се пишувани со користење на дигиталните технологии и претставуваат синтеза на класичниот и електронскиот звук. Бужаровски до пензионирањето, беше редовен професор и декан на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е еден од покренувачите на Македонскиот музички совет и на Институтот за архивирање и истражување на музиката (ИРАМ) при ФМУ.